Екосистемот во Намибија, која дури и на Википедија е опишана како „најсувата земја во суб-сахарска Африка“, е во криза. Главниот „непријател“ е една навидум обична трнлива грмушка, Acacia Mellifera, попозната како „Црниот трн“. Ова густо растение е неверојатно инвазивно и во последните неколку децении има навјасано големи делови од територијата на која има услови за живот - зелените саваи се загушени од него и претворени во пустини. На земјата итно ѝ се потребни најмалку половина милион нови домови, но притоа речиси 90% од населението заработува помалку од 150 американски долари месечно. Еден од пет луѓе живее во импровизирани домови направен од отпад или од лим.
Властите на земјата имаат план за уништување на 330 милиони тони грмушки во следните 15 години. Отпадот од нив се претвора во прав и може да се користи за пелети. Но има и уште една нуспојава - трнот е многу добра храна за печурки.
МикоХаб е проект чија цел е спомнатите грмушки да се користат како супстрат за одгледување буковки. Кога ќе пораснат печурките се продаваат на локални трговци, но остатокот е компресиран и испечен во градежен материјал наречен микоблокови, при што во секој блок се вградени и 10 килограми од трновитата грмушка.
Потенцијалот на овие блокови направени од печурки е огромен. Тие можат да бидат и посилни од бетонски, имаат одлична изолација и исто така спречуваат емисии на јаглерод. За споредба, челикот, бетонот и алуминиумот претставуваат 23% од емисиите во светот.
Во Македонија, буковки имаме, а богами имаме и грмушки. И нашите предци знаеле што прават кога во градењето користеле плитар и природни материјали, единствено останува да се потсетиме на овие техники и да ги надградиме.