Одамна немаме гледано театарска претстава од некој од македонските театри на телевизија, ама не таква снимана со статичка камера некаде од публиката, туку асли продукција, каква што на времето имаше Македонската телевизија. Така сме гледале или сме се потсетувале на омилените претстави, кои на тој начин останале и архивирани за идни генерации.
Дека гледање театар на телевизија може да биде атрактивна работа се сетиле одреден број театри и театарски фестивали во светот. Како што пишува Њујорк тајмс, некои од нив наплаќаат за услугата, а кај други (главно американски) важи чланарината во некоја од јавните библиотеки. Еве неколку примери:
Шекспировиот Глоуб театар e достапен насекаде во светот, со цени од 4.5-7 евра за наем, и од 7-13 евра за купување на одредена изведба, a има и опција за подарок. Некои од продукциите имаат и титлови, на пример „Хамлет“ на литвански или „Многу врева за ништо“ на француски.
Стратфордскиот фестивал во Канада има осум драми на Шекспир достапни преку iTunes, Amazon и Google Play (4.99$ за рентање, 14.99$ за купување), меѓу кои „Кротење на опаката“ или „Ромео и Јулија“ најавена за некој месец.
За само две години постоење, сајтот BroadwayHD (8.99$ месечно, 99.99$ годишно) прераснал во јак играч во полето на on-demand програмите. И покрај името, каналот содржи широк опсег претстави, од мјузикли до интимни монодрами, од американски продукции до странски претстави со титлови. БродвејХД соработува со неколку театарски компании од Њујорк за да го архивира нивното наследство, а постои и посебна категорија за „Оф-Бродвеј“ претстави.
Интересен е и сајтот/канал Cennarium (9.97$ месечно или 95.64$ годишно), кој содржи циркуски претстави и магија, но и поголем број европски изведби, како на пример германски мјузикл базиран на „Опасни врски“. Истиот канал во септември направи и виртуелен 10-дневен театарски фестивал, со прикажување по една претстава дневно, но и со посебни водители на програмата и чет соби каде гледачите можеле да го дискутираат она што го виделе.
Голем проект на снимање театар како да е филм во САД се одвивал од 1973-1975, кога низ 500 кино сали низ земјата под наслов „Американски филмски театар“ биле презентирани филмски адаптации на познати драми, не обични снимки на театарски продукции, туку изведби „преведени“ за филмскиот медиум, но со целосна лојалност кон оригиналниот драмски текст. Гледачите можеле да купат карта за целата сезона, како да се претплатени на театарски ваучер. За првата тура од осум филмови биле продадени 500.000 претплати. И покрај големиот успех, за жал по таа прва сезона проектот не продолжил. Во 2003 сите филмови се издадени на ДВД - уште една можност да се ужива во неколку претстави, меѓу кои „Трите сестри“ на Чехов и „Носорог“ на Јонеско.
Дали би платиле на телевизор да гледате претстава од кој и да е театар во Македонија? Ние да. Без да се нервираме дека на оној ред пред нас му ѕвонел телефонот или дека некој влегол доцна. Па макар и не ја осетиле целосно магијата на изведбата во живо.