Два филма помеѓу кои има 70 години, „Икиру“ на Акира Куросава и „Да се живее“ на Oливер Херманус. Речиси исто толку помеѓу првиот и новелата „Смртта на Иван Илич“ на Лео Толстој, која го инспирирала. Вкупно околу век и половина во која една приказна, за тоа како треба да се живее, не губи од актуелноста, без оглед на културолошкиот контекст и историскиот период во кој е сместена.
Во целиот синџир има уште едно име од писателскиот свет кој како мост ги поврзува Толстој, Куросава и Британија - нобеловецот Казуо Ишигуро, кој е автор на адаптираното сценарио. Тој уште како дете на телевизија го гледал црно-белиот филм „Икиру“, чиј наслов се преведува токму со „Да се живее“. Во него токиски бирократ дознава дека има рак и дека деновите му се одброени. Но по првичниот шок, болеста му ги отвара „чакрите“ - тој почнува да ги преиспитува одлуките што дотогаш ги носел и решава, макар и при крајот, да сврти нов лист и да стори нешто по што ќе се памти дека постоел на Земјава.
Ваквото ненадејно соочување со смртноста е тема и на новиот филм, кој не е буквален римејк на стариот. Приказната, наместо во поствоено Токио се одвива во Лондон во 1950-тите, каде Ишигуро пристигнал како момче - град на полуцилиндри, бирократи и генерално студени луѓе, кои како зомбиња го поминуваат најчесто дождливиот британски ден. Токму „Зомби“ е и прекарот на главниот лик, г-дин Вилијамс (го игра прекрасниот Бил Нај), шеф на една од бројните служби во сектор за јавни работи, чиј мал тим главно се занимава со трупање документи и одбивање барања од граѓаните - колку поголем куп, толку поценет работник.
Вилијамс уште во првите сцени дознава за болеста, па сето останато време ја сведочиме еволуцијата на ова негово сознание - обидот да искомуницира со синот и снаата, да се довери на млада колешка, конечно да се опушти во кафана и да запее крај пијаното. Но за големиот пресврт во неговиот светоглед дознаваме дури по неговата смрт, од сеќавањата на неговите колеги за тоа како ги минал последните денови.
Гледањето на двете верзии една по друга секако не е неопходно, но е одлична показна вежба за тоа како изгледа кога, не формално, туку вистински, филмот зборува со универзален јазик, на ист начин како што тоа го правеше Куросава со своите адаптации на Шекспир (Магбет, Хамлет и Кралот Лир) или како што го направи Серџо Леоне, во „За грст долари“, кој беше адаптација на „Јоџимбо“ на Куросава.