Мануел Молина е поет и мајстор на фламенкото. Држејќи ја гитарата како да си го гушка најмилото, тој пее за невозвратената љубов, тагата по младоста, смртта, теми препознатливи во сите култури, и во секоја историска епоха. Кога неговата вештина создава колективна атмосфера на неповторливо, „згуснато“ искуство, е тоа е тој момент кога тој, и другите околу него, чувствуваат што значи "да се биде" во светот.
Dasein е фундаментален концепт на германскиот филозоф Мартин Хајдегер, кој го опишува искуството кое е уникатно за човечките суштества - искуството на тоа да се биде. Она што го разликува човечкото доживување на овој феномен од она на, на пример, вештачката интелигенција, е фактот што за разлика од машините и роботите нам ни е гајле за тоа каков е светот и какво е нашето место во него. Една форма на тоа „гајле" е нашиот обид од него да направиме подобро место за живеење, практикувајќи го она во што сме најдобри, без оглед дали се работи за некаков занает, уметничка вештина или готвење.
Иако низ филмот дефилираат бројни професори по филозофија кои се обидуваат да го објаснат овој концепт, поврзувајќи го или спротивставувајќи го на други филозофски стојалишта во историјата на филозофијата, сепак најголем интуитивен и емотивен ефект имаат деловите во кои не зборуваат тие, туку луѓето кои имаат достигнато мајсторско ниво во некоја професија. Фламенко и џез музичари, јапонски дрводелец и една осумдесетгодишна готвачка од Њу Орлеанс, се оние кои ни покажуваат како е да се биде во светот, не низ описи и прераскажување, туку низ сопствениот живот. „Како го бирате дрвото за вашите градби?", го прашуваат дрводелецот во една сцена. „Дрвјата се како луѓе", вели тој, „секое си има свој карактер. Некое може да делува грубо и искривено, но во него да лежи потенцијал за чудо. Но има и такви кои се продаваат скапо, а не вредат пет пари".
Според еден од филозофите во филмот, постојат четири елементи според кои може да се процени квалитетот на вашето „бивање во светот" во сегашниот миг:
„Дали има место на кое би сакал повеќе да бидам?",
„Дали има некој со кого порадо би бил",
„Дали има нешто што повеќе би сакал да правам?" и
„Дали ќе се сеќавам на ова?".
Ако успеете, во кој и да е момент во животот, да ги постигнете сите четири работи одеднаш, вие сте го искусиле светот(о), и како е да се биде во него.