Есејот на англискиот астроном и физичар Џејмс Џинс од 1931, „Зошто небото е сино“ се смета за антологиски текст кој во само четири пасуса, без дијаграми и научен жаргон, успева да го објасни синилото на небото.
Но сто години претходно, еден друг научник создал малку „попоетска“ алатка, таква која овој пат се обидела да одговори не зошто, туку како небото е сино. Станува збор за швајцарскиот физичар Хорас Бенедикт де Сосир и неговиот цијанометар - хартиен круг кој личи на палета за поликолор, кој почнува со бело а завршува со црно. Помеѓу има дури 52 нијанси сино, кои прикажуваат како бојата на небото се менува со надморската висина.
Фасцинацијата со синевината кај Сосир почнала кога бил млад студент и патувал во подножјето на Мон Блан. Восхитен од врвот, тој сонувал да го искачи, но наместо тоа го искористил богатството на семејството за да го награди првиот човек кој тоа го сторил. Дваесет и седум години подоцна, самиот Сосир се качил до врвот, во 1786, носејќи со себе парчиња хартија обоени во различни нијанси сино, за да ги спореди со небото онака како што ќе се искачува. Го потврдил она што му го кажувале планинарите - дека како што се зголемува надморската висина, небото станува потемно сино, а локалната легенда велела дека „таму некаде“ тоа станува црно.
Сепак, она што тој го измерил на врвот било „сино од 39-ти степен“, нешто што на никој друг во тој момент не му значело многу. Алатката подоцна се нашла помеѓу багажот кој со себе го носел славниот географ Александар фон Хумболт преку Атлантикот, на Карибите, Канарските острови и Јужна Америка. Таму бил поставен нов рекорд, сино од 46-тиот степен, односно најтемното небо кое некогаш било измерено, на врвот на планина која спаѓа во групата на Андите Чимборазо.
И ова е отприлика единствената корисна информација која ни ја оставил цијанометарот. Кога во 1860-тите била пронајдена вистинската причина за синилото на небото - тоа дека гасовите и честичките во земјината атмосфера „расфрлаат“ сончеви зраци во сите насоки, но повеќе сините бранови, бидејќи тие се пократки и помали, кругот на Сосир бил веќе заборавен.