„Девојките кои гладувале“ (fasting girls) во доцниот 19 век биле глобален феномен, иако најголемиот број случаи биле забележани во Велика Британија и САД. Вообичаено тоа биле девојчиња во предадолесценција, а тоа што наводно успевале да опстанат со месеци без храна било толкувано како резултат на натприродни сили. Во 1870 и во 1878 Британското медицинско списание објавувало статии во кои се правело обид да се толкуваат овие феномени и можните последици по здравјето на девојките, но за нив многу посочно пишувале весниците.
Младите девојки, освен според возраста, биле поврзани и по тоа што биле од сиромашни семејства и живееле во релативно изолирани рурални области, често Шкотска или Велс. Имало и исклучоци на повозрасни жени, до 70 години. Тие тврделе дека престанале да јадат пред неколку месеци, но во екстремни случаи ова тврдење се протегало на неколку години.
Голем број од нив станале „инфлуенсерки“ и речиси се здобиле со статус на светици, бидејќи нивното опстојување било толкувано како резултат на божја интервенција. Но некои од гладувањата биле поттикнати од трауматични настани или медицински причини. Извесна Џенет Маклеод, на пример, имала епилепсија која ѝ ја закочило вилицата па таа секако не можела да се храни преку уста.
Но веројатно најпознатиот случај, кој го привлекол вниманието на Ема Донахју, сценаристката на новиот филм „Чудо“ и авторка на книга од 2016 врз којашто е базиран филмот, била Сара Џејкоб. Девојката од Велс наводно го започнала гладувањето во 1867, неколку месеци откако доживеала серија удари, кои довеле до едномесечна кома. Откако се разбудила била врзана за кревет и одбивала храна и пиење.
Вестите за неа се прошириле откако локалниот свештеник испратил повик преку весникот „Д Велшмен“ молејќи медицински професионалци да го истражат овој „неверојатен случај“ на девојче кое не зело ни зрнце храна во последните 16 месеци. Четири болничарки и седум доктори биле повикани да ја набљудуваат Сара во период од 2 недели, а родителите забраниле да ѝ се дава храна. Таа починала среде овој „тест-период“, а нејзините родители подоцна биле обвинети и осудени за убиство.
И покрај восхитот на верниците, кои често ги посетувале девојките и оставале донации, медицинарите биле скептични бидејќи за нив тоа било почеток на ера на нарушувања во исхраната, како анорексија. Други едноставно ги отфрлале како измама. Една од нив го има признаено ова: се викала Ан Мур и била средовечна жителка на село во Англија. Таа тврдела дека немала јадено пет години. Оваа апстиненција предизвикала толку големо внимание што во Бостон била поставена восочна фигура од Мур, а нејзин портрет и денес стои во Британскиот музеј. Но откако докторите почнале да наоѓаат дупки во нејзините приказни, таа признала дека ја измислила целата работа. Починала многу бргу потоа, станувајќи една од најпознатите измамнички на раните 1800-ти.