Чудниот обичај на Индијците да истураат млеко врз филмски билборди

Иако може да изгледа така, ова не е некаков протестен чин. Токму обратното.

Продавачите на млеко од јужната индијска држава Тамил Наду апелираат полицијата да ги сопре филмските фанови кои најпрвин крадат млеко, а потоа го истураат на постери и билбоди на кои се прикажани нивните омилени актери.

Практиката е всушност имитација на иста таква со која им се оддава почит на хинду боговите во тек на верските обреди, со нивно полевање со млеко. Се нарекува paal abhishekam (премачкување, помазание), а магиската цел е поттикнување на благосостојба, во случајов успех на филмот на омилената ѕвезда.

Некои од индиските актери јавно истапија против практиката, но неделава популарен тамилски актер познат како Симбу постирал видео на социјалните мрежи во кое ги повикува обожавателите да го прославуваат неговиот нов филм „како никогаш до сега“, со истурање големо количество млеко. Самиот тој во октомври се закачил на кран за да биде кренат доволно високо над постерот со неговиот лик и од таму да ја истури благородната течност.

Во државата Тамил Наду 20% од населението нема доволно пари да си купи млеко, а особено се загрозени децата. Проценката е дека со вакво залудно истурање млеко секој ден по премиера на некој индиски филм се фрлаат околу 60.000 литри.

24 јануари 2019 - 16:00