Пред некој ден во Кизил, главниот град на Тува, на 51 починал човекот кој во својата родна земја бил суперстар „како Кенеди, Присли и Мајкл Џордан заедно". Тува, регион во јужен Сибир, кој граничи со Монголија, бил независна земја од 1921 до 1944, кога била анектирана од Советскиот сојуз. Сега тој е дел од Руската федерација, со околу 300,000 жители. Сигурно сите тие го знаеле Ондар.
Но не само тие. Човекот се појавил во сета фолклорна и музичка опрема на шоуто на Дејвид Летерман, а го носел и факелот низ Џорџија пред Олимпијадата во Атланта во 1996. Западните музичари со кои свирел (Кронос квартет, Френк Запа, Вили Нелсон и виртуозот на бенџо Бела Флек) го нарекувале „the Groovin' Tuvan". Бил и политички активен, во еден период како пратеник во туванскиот парламент. Преку изведувањето и подучувањето на специфичниот жанр на „пеење од грло“ тој помогнал да се ревитализира традиција која во текот на СССР била речиси уништена.
Два извора најдетално го опишуваат животот и соработките на Конгар-ол со различни интересни личности. Првиот е документарецот „Џингис блуз" на Роко Белиќ, кој ја следи опсесијата на еден слеп американски блузер, Пoл Пена, со туванското пеење. Оваа опсесија го носи во Тува каде ја совладува вештината, а се спријателува и со г-дин Ондар. Вториот извор е книгата „Тува или пропаст - последното патување на Ричард Фејнман" е книга на Ралф Лејтон во која тој го опишува неговиот обид да ја посети Тува, заедно со неговиот пријател, нобеловецот по физика, Фејнман. За жал Фејнман умира пред тие да успеат во намерата, но Лејтон самиот подоцна стигнал до целта.
Грленото пеење се практикува во само неколку делови од светот, главно во Азија. Но туванската варијанта, наречена хомеи (khoomei) е најпозната. Додека се пее всушност се произведува и основен тон и серија од повисоки тонови - практично се пеат два тона во исто време, а некогаш и повеќе, во зависност од вештината. Стиховите на тувански (од алтајското јазично семејство, истото во кое спаѓа турскиот) главно се однесуваат на коњи, природа и љубов.
Онгар пеел пред Путин и Медведев, но најинтересниот момент му се случил во 1994 кога пеел за Јелцин. За време на изведбата претседателот скокнал од столчето и почнал да му ѕирка во уста на Онгар. После објаснил дека бара некое скриено апаратче или инструмент, кое му овозможува да ги прави тие неверојатни звуци. Сепак се уверил дека такво нешто нема.
Документарецот „Џингиз блуз"
Конгар-ол кај Летерман