Човекот кој си ја стави главата во акцелератор

Од сите места на кои можеш да си ја бутнеш главата, aкцелератор е најлошото. На 13 јули 1978, тогаш 36-годишниот руски научник Анатолиј Бугорски морал да го стори точно тоа.

Акцелераторот на кој работел Бугорски се наоѓал на Институтот за физика на високи енергии во Протвино, блиску Серпуков, Русија. На тој ден, 13 јули 1978, машината имала некаков проблем. За да види што не е во ред, Бугорски ја ставил главата внатре во каналот низ кој минувал интензивен сноп протони. Не бил свесен дека акцелераторот се уште работи, а светлата за предупредување биле исклучени во тек на претходен експеримент и не биле повторно вклучени. Веднаш штом главата му поминала низ невидливиот сноп протони, тој му го спржил мозокот - ги уништил сите нерви долж патот. Не почувствувал болка, но подоцна изјавил дека видел светлина „посилна од илјада сонца“.

Левата страна на лицето на Бугорски отекла а во текот на следните неколку денови кожата почнала да се лупи, откривајќи ја точно патеката на протонскиот сноп (кој се движи со брзина блиска на онаа на светлината). Биле изгорени делови од неговото лице, черепот и мозочното ткиво под него. Се сметало дека бил озрачен со фатална доза радијација, но по долгиот престој во болница каде биле следени неговите симптоми, тој преживеал, па дури и ја завршил својата докторска теза. Неговиот интелектуален капацитет не бил нарушен, но многу брзо се заморувал, целосно го загубил слухот на левото уво, а левата половина од лицето му била парализирана заради уништените нерви.

Бугорски продолжил да работи на полето на науката и држел позиции на координатор за физички експерименти. Поради политиката на тајност во врска со нуклеарната енергија на поранешниот СССР (серијата „Чернобил“ е одлична илустрација за истото, осврт тука) тој не смеел да зборува за несреќата повеќе од десет години. Два пати годишно одел на прегледи на одделот за радиологија на Московската клиника, и таму се запознавал со други жртви на нуклеарни несреќи. Опишан е како „симбол на советската радиолошка медицина“. Во 1996 се пријавил за статус на лице со посебни потреби, за да може да зема лекови за епилепсија без да мора да плаќа. Не му дозволиле. Исто така не му дозволиле да ја напушти земјата, за да може да се стави на располагање на западни истражувачи кои се интересирале за неговиот случај.

Денес Бугорски е уште жив, иако не и сосема здрав, а најочигледниот ефект од некогашниот инцидент се гледа на неговото лице - десната половина изгледа како да му припаѓа на возрасен човек, но левата како да се замрзнала во времето. Каков Ботокс, протони изгледа му е мајката!

21 февруари 2020 - 09:48