Човекот кој ја „труе“ вештачката интелигенција за да ги заштити авторите од имитација на нивните дела

Се вика Бен Жао и е професор по компјутерски науки на Универзитетот во Чикаго. Неговото име се најде на листата на Економист од 100 најпрестижни научници кои се занимаваат со ВИ за 2024. Методите му се навистина креативни, иако е жално за каква цел се наменети.

Пред „Најтшејд“, апликација развиена од професорот и компјутерски научник Бен Жао и неговиот тим, уметниците можеа само со убаво да молат нивните дела да не се користат за обучување на ВИ моделите, но немаа никаков начин да обезбедат дека ова нивно барање ќе се почитува. Алатките развиени од Жао сега помагаат тие да се „затрујат“ на таков начин што би ја убедиле ВИ дека слика од, на пример, крава, е всушност трактор. Овие промени во пикселите не се забележливи за луѓе, но многу лесно можат да зафркнат машини. 

За само пет дена откако беше лансирана во јануари 2024, Најтшејд беше даунлодирана над 250.000 пати. Оттогаш апликацијата има натрупано околу милион симнувања.

Ова не е прв пат Жао да има развиено „непријателски“ алатки за борба против технолошки злоупотреби. Негов претходен изум беа алки кои спречуваат смарт звучниците да го шпионираат муабетот а потоа да нудат реклами или на друг начин да ги злоупотребуваат информациите. Емитувајќи ултрасонична врева, алката ги „збунува“ микрофоните, и тоа не само оние домашните туку и такви кои би можеле да бидат инсталирани во јавни простори. Мааната на алката додуша е во нејзините огромни димензии и непрактичноста - но идејата стои. 

Жао нема сомневање дека оние кои тренираат ВИ ќе ја детектираат „Најтшејд“ кога ќе налетаат на неа. Но ова сепак ќе им го забави процесот и ќе им предизвика трошоци. Ако овие фактори значајно се зголемат, тогаш можеби плаќањето авторски права на уметниците односно користењето легитимни слики ќе биде поисплатливо и поевтино. За Жао ова сепак е битка на многу пошироко поле, која треба да даде одговор на прашањето, што е повредно - технологијата или луѓето?

извор - подкаст епизода на Фрикономикс Радио

24 јануари 2025 - 16:55