На екранот уметник покажува на четирите основни облици: „Ако можете да ги нацртате овие едноставни форми - круг, конус, квадрат и цилиндер, тогаш можете да нацртате вистинска слика уште при првиот обид“. Во следниот кадар се појавува телоп - „Научи да црташ“, а потоа неговото име напишано со креда. Џон Неги.
Почнувајќи од 1946, цели 14 години тој се појавувал пред американските гледачи и се обидувал да ги охрабри да се фатат за моливите и боичките. Илјадници, можеби и милиони луѓе цртале пејзажи, фарми и кловнови следејќи ги советите на Неги, кој им станал некој вид ментор на далечина. Дури и младиот Енди Ворхол ги гледал овие емисии и вежбал цртање со нив. Со карираните кошули и сликарска брадичка, Неги бил сакан самоук ТВ уметник многу пред Боб Рос да се фати за четката. Тоа што јавноста го има заборавено е неправедно, особено имајќи предвид дека не бил платен ни цент.
Телевизијата не била измислена кога Неги се родил во 1907. Растел на фарма во Канзас, во менонитска заедница, огранок од христијанството кој споделува слични верувања како и Амишите. Неговиот татко бил столар кој во синот го препознал занаетчискиот фат, иако алатите на Џон станале моливот и мастилото.
Кога наполнил 17 заминал од дома работејќи во областа на маркетингот. Неговото прво формално образование од областа на уметноста се случило дури во 1943. Набрзо самиот ја презел улогата на инструктор, нудејќи часови и совети за цртање и сликање.
„Сезан рекол дека сета природа може да биде преведена во квадрати, сфери, конуси и цилиндри“, изјавил во 1946, а тие комбинирани можат да создадат хармонија на движења на линии и облици. Така се креира уметничко дело“.
Во мај 1946 телевизијата Ен-би-си го поканила Неги да сними краток сегмент каде нацртал дабово дрво. Ова испаднало успешно иако медиумот тогаш бил толку нов што едвај 200 души ја виделе емисијата. Потоа добил сопствена серија, „Ти си уметник“. Во секоја епизода бирал сцена за цртање, а потоа го водел гледачот низ нејзините градбени елементи.
Наскоро телевизиите почнале да се вртат кон играни серии и квизови, па уметничкото образование не било меѓу приоритетите. Емисијата била укината, а Неги привремено бил презентер на временска прогноза. Подоцна почнал со втора серија „Цртај со мене“ базирана на истиот принцип како претходната. Но овој пат тој имал и пристап на трговец - во секоја епизода им велел на гледачите дека можат да купат комплет за цртање кој тој го осмислил од нивната локална продавница. Тој се состоел од моливи, креда, мал штафелај и нотесче, како и книга. Иако телевизијата не му плаќала ништо, на овој начин тој во денешни термини го „монетизирал“ своето ТВ присуство и си ги покривал трошоците.
И по укинувањето на серијата во 1960, Неги продолжил да држи часови во склоп на негово училиште. Починал во 1981 на 74 години од срцев удар. Две години подоцна Боб Рос почнува со серијата „Радоста на сликањето“.