Геологијата е наука за која сме навикнале да се занимава со минатото на нашата планета, начинот на кој таа е создадена и еволуцијата на нејзината градба. Но шкотскиот геолог Дугал Диксон има поинаков пристап - врз основа на она што го знаеме за минатото и сегашноста, тој се обидува да ја предвиди иднината.
Во спекулативната книга „Човек после човекот“, богато илустрирана од Филип Худ, така што изгледа како некој вид сликовница, тој започнува од влијанието на генетскиот инженеринг и еколошката штета предизвикана од луѓето кои во моментов живеат на Земјата. Наскоро модерните луѓе, вели тој, ќе го манипулираат биолошкиот човечки материјал за да создадат нови генетски мутирани видови хуманоиди. Раните форми ќе служат како работници користени од конвенционалните луѓе, на пример при вселенската колонизација. Еден посебен вид - Вакууморф - ќе биде создаден за живот во вакуумот на вселената. Неговата кожа и очи ќе имаат штитови за да ги издржи таквите услови. Ќе има и „акваморфи“, луѓе кои ќе бидат опремени за живот во вода, со шкрги наместо бели дробови.
При сето ова цивилизацијата, онаква каква што ја знаеме, ќе ја снема. Само грст „одбрани“ ќе успеат да избегаат на други планети. Тие ќе се развијат во „Хитек“, хуманоиди тотално зависни од кибернетичката технологија, со чија помош ќе си го продолжат животниот век речиси до бесмртност.
И ова е само пет века од сега. Следуваат уште многу фази на понатамошната еволуција на човекот и просторот кој тој ќе го населува. Спојлер: 2000 години од сега (кој знае дали има некоја симболика во тоа), Хомо сапиенс мистериозно исчезнува. На негово место се појавуваат повеќе видови луѓе, меѓу кои Хомо дормитор, вид кој хибернира во текот на ледената зима, со само рудиментарна интелигенција, и Хомо менспроаводорум или „Човек-меморија“, кој е направен така да наследува меморија од своите предци.
По спомнатите пет милиони години, луѓето (или она што тогаш ќе бидат „луѓе“) се враќаат на земјата и повторно градат населби. Но никогаш не се надвор без безбедносна облека и качени на „возила“ - луѓе во вид на антилопи. Друг вид луѓе пак се одгледуваат како некој вид прасиња или стока. Но како и секоја цивилизација, и оваа еднаш ќе биде осудена на пропаст.
Истовремено и зоологија и антропологија на иднината, оваа книга полна егзотични суштества и катастрофи, кои излегува дека се предуслов за развој, го става нашево време во една интересна перспектива. Од тотално баналната грижа дали утре ќе ви врне на одмор, до онаа по што ќе ве памтат Луѓето-мемории.