
Иронично и парадоксално - нашето современо ВИ доба фрла светлина врз огромната вредност на човечката креативност, во ист момент додека напредокот во технологијата се заканува да ја подрие. Како што технолошките компании брзаат да направат што подобри ВИ модели, така се случува „вшмукување“ на креативни содржини од страна на пребарувачки роботи (web crawlers). Потоа истите тие модели исфрлаат огромни количества синтетички производи, ризикувајќи да ја потопат човечката, креативна искра во океан од површност и осредност.
Ако продолжи со оваа траекторија, содржината генерирана од ВИ наскоро ќе го надмине целиот корпус историско креативно творештво создадено од човек, што ќе го направи зачувувањето на човечкиот креативен екосистем не само етички важно туку и ургентно. Алтернативата е не помалку од постепена хомогенизација на нашиот културен пејзаж, каде машинското учење им прави урамниловка на сите богатства на човечко изразување, претворајќи ги во медиокритетен статистички просек.
Човечката креативност е посебна, затоа што сме конечни биолошки суштества кои црпат инспирација од реални проживеани искуства, балансирајќи ја креативноста со неопходноста на животот - спиење, емоционална издржливост, ограничен животен век. Креативноста произлегува од правење врски и подразбира време, енергија и увид за тие да имаат некакво значење. До скоро да се има човечки мозок беше нужно за да се направат ваквите конекции, но и сега има причина зошто ова е вредно.
Секој човечки мозок не е само складиште на податоци - тој е еден вид „машина“ која произведува знаење и која мисли на специфичен начин, создавајќи нови комбинации од идеи. Наместо една единствена „поврзувачка машина“ (ВИ модел) кој е дуплициран милиони пати, имаме седум милијарди неврални мрежи, секоја со поинаква перспектива. Потпирањето на когнитивниот диверзитет на човечката мисла ни помага да одбегнеме монолитно размислување, кое може да се појави доколку секој се потпира на истите ВИ-генерирани извори.
Денес, ВИ индустријата всушност ненамерно го пресликува пристапот на кој раните индустријалци им пристапувале на шумите и на рибите - како бесплатни ресурси кои можат да се експлоатираат без да се земат предвид еколошките огрнаичувања. Но исто како што раните фабрики неочекувано ја оштетиле околината, ВИ системите ризикуваат да ја затрујат целата дигитална околина со синтетички содржини. Како што една шума подразбира внимателно ракување за да опстои или како што рибниот фонд треба да се заштити од прекумерна експлоатација, така и креативниот екосистем може да биде деградиран. Тој вреди да биде запазен, затоа што дури и ако идните ВИ системи развијат уште пософистицирани симулации на емоционални состојби или телесни искуства, тие се уште ќе бидат фундаментално различни од човечката креативност, која се базира на проживеано биолошко искуство, културолошки контекст и социјална интеракција.