Навидум отрпнат на носталгија, со кнедла во грлото се присети на времето кога тој беше шесто Г, а јас В, на ужинката носена во пластичен леген на одморите, проѕирните трикоа на девојчињата на физичко, и играњето народна после часови. За едно му е криво, рече, што неговите деца нема да ги препознаваат истите 'митски' ликови и места со кои ние сме длабоко врзани, што никогаш нема да прочитаат стрип со Загор, нема да изгледаат цртан со Балтазар, нема да знаат кој е Бранко Коцкица, и што никогаш нема да го запознаат – Зоки Поки.
Македонската литература за деца нема произведено друг толку идеолошки неутрален, непретенциозен и кул лик како Зоки. Ни пират, ни волшебник, ни робот ни седмоглаво чудовиште – тој е обично дете растено во едно технолошки попримитивно, но попитомо време, какви што беа неговите и наши детски години. Урбан, а сепак неотуѓен, Зоки е онаков каков што посакуваме да бидат и нашите деца: љубопитен, игрив, среќен и здрав.
Идеална фигура за романтизирање на минатото и на нашите спомени, Зоки Поки е истовремено поп икона податлива за цинично деконструирање. Токму такво очекувавме дека ќе биде „продолжението" на приказната за Зоки, сега Коки, на Виктор Венец. Но наспроти логиката на растурањето на митот, авторот ни ја нуди логиката на континуитетот. Добро, 24. годишниот Зоки повторно не е некој гение, а не е ни нешто посебно 'снајден' во новите услови. Ако очекувавте некој новопечен бизнисмен, министер без ресор, хип–хоп ѕвезда или фудбалер, се зезнавте. Зоки игра воркрафт, пие пиво, чат–пат дува и се обложува на спортска. Доволно урбан и кул, тој останал онолку питом и „бескорисен" колку што го паметиме. Дали е тоа за што се боревме? А кога тоа воопшто за нешто се боревме?
Му благодариме на Виктор што не ни ја уништи бајката. Но и што не се обиде да ни продаде нова, на местото на старата.
Целата книга за бесплатно симнување тука