Букбокс читанка

„ЗБОРОТ ВО ТЕСЕН ЧЕВЕЛ“ од Вероника Костадинова

Не толку одамна, кога бевме технолошки посиромашни и моравме да живееме без Фејсбук и Твитер, и да муабетиме со пријателите во живо со пиво и скара (какво мачење...), се појави институцијата „блог", кој иако подоцна оспоруван, плукан и клеветен, всушност изврши една важна локална функција во неговите најдобри времиња, кои сега како повторно да се враќаат.

Освен што длабоко ја втемели демократијата во земјава, воспоставувајќи традиција на „тролање" и „хејтање" - терање во три лепе по партиска, национална, родова и друга линија во постовите и коментарите – блогот како алатка за писмено изразување даде и свои квалитетни ќерки и синови, кои него го користеа за убави работи: објавување свои раскази и поезија, коментирање актуелни случувања во духот на толеранцијата и разумниот компромис, споделување рецепти или совети за одгледување кактуси. Една од тие блогерки кои се обидоа од интернетот да направат подобро место за сурфање беше и Вероника. Така ја запознав, неа, и нејзината поезија.

Има една одредница за поезија која се бави со големите животни прашања - неа најчесто ја нарекуваат „мисловна". Иако тоа е можеби навредливо за сите останати видови поезија, кои излегува дека не се напишани со мислење (а како ли би биле напишани тогаш?), кога е во прашање оваа на Вероника одредницата е сосема на место. Таа е осмислување на животот, кој така процесиран е полесно и да се (пре)живее. И покрај обидите за иронија, дури и цинизам кон рутинското секојдневие, ова се стихови кои не само што го коментираат, туку на некој чуден начин и го сакаат она од што е тоа сткаено - мирисите, звуците, другите луѓе, и оние неколку залаци блискост кои можеме да ги проголтаме заедно со нив. Со елегантен и крајно женствен чекор Вероника се движи во нејзините поетски чевли, колку и да се тие тесни, и за неа, и за сите нас кои се обидуваме во нив да сместиме збор.

Ова е текстот кој го напишав четири години подоцна, за нејзината четврта збирка „Зборот во тесен чевел", која ќе се промовира утре (сабота, 1. септември) во 18 часот во винарската визба на Тиквеш. Наместо понатаму да ви коментирам и толкувам, еве избор од неколку песни од книгата. Останатите можете да ги прочитате или да ги чуете, ако дојдете на промоцијата.

Зимница

Две тегли кисели насмевки.
Без конзерванс.
И без смисол за хумор.
Веќе се согласивме
дека не се согласуваме.
Идеите не нè прават идеални,
ниту верувањата верници.
Исчистени, одбрани
парчиња лето
ставаме во туршија,
витамински додаток
во зимската чинија
подгреан оптимизам.
И студот има ДДВ
пресметан во
иситнети сеќавања
собрани
во кесички чај.
Колку сива економија
собира во чаша
врела вода...

Часови по безгрижност

Помисли
колку бесмислено станува
мислењето
за зборовите
кои ти го допираат грбот.
Одблесоци од парченца стакло
на искривени огледала.
Измислици
дозирани во мали
пластични насмевки.
Ти се гади?
Симптом на труење
од хипокризија во
контаминираниот простор.
Излез за итни случаи -
научи веќе еднаш
да не ти биде гајле!

Пречкртано

Не мери го времето.
Заеби.
Имаме премалку минути
а премногу години,
за сите тие објаснувања.
Пречкртај ги.
Порамни ги краевите
на насмевката
и закопчај го погледот
Те стега мислата?
Не мудрувај.
Батали.
Паметот е потстанар
кој доцни со киријата.
Не нè собира и двајцата
Во една приказна
Да бевме помали...

31 август 2012 - 12:41