Навикнати сме да го слушаме излитениот муабет за тоа колку Македонците и Србите се братски, блиски, вакви и онакви народи. Ајде да видиме каква е таа близина кога станува збор за литературата. Грубо кажано, во Македонија се познати, пред сè, музејските српски книжевни вредности (на пример – Нушиќ). Во Србија, пак, е познат Кочо Рацин. Не дека тоа е лошо, но за еден млад човек може, и треба да биде многу поинтересно она што го создаваат неговите врсници од соседството, она што се случува овде и сега.
Со други зборови, глупо е да не си ги познаваш комшиите-врсници. Освен српските писатели натрупани во учебниците, лектирите и енциклопедиите, постои неофицијална страна на српската литература која честопати е многу посекси од групата канонизирани шизици. Затоа, со радост ја претставуваме „TORTU KROZ PROZOR", почеток на една фина дружба под будното уредувачко око на Горан Живковиќ и Милјан Милановиќ.
Се надеваме дека она што настана како резултат на (случајни?) лични познанства ќе се претвори во малку попродлабочена културна соработка. Во моментов се работи на македонските преводи на некои од авторите застапени во „TORTU KROZ PROZOR", а планираме и понатаму да ја истражуваме нишката сцена која е повозбудлива отколку што претпоставувате. Сето ова не би било можно без ентузијазмот на Ѓоко Здравески, бушав човек со вишок позитивна енергија и лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш. Оваа прилика ја користам да го поздравам
Сега, како што е редот во секоја домаќинска куќа, да кажеме збор – два за застапените автори.
Горан Живковиќ, романтичар со погана уста што вешто фаќа белешки од 15-тиот кат. Подеднакво моќен и кога пишува биографија во стихови, и кога испраќа порака во шише. Добро знае што сака да стане кога ќе порасне.
Кенан Крупа, автор што ја сака поетската слобода, но и оковите на врзаниот стих. Врсниците би рекле дека е ретро, а нему не би му било гајле.
Ивана Матовиќ, авторка што смета дека љубопитноста не смее да биде казнета. Им верува само на лудаците, скитниците и курвите. Пишува химна на ланците и авторка е на најинтересните максими.
Ѓоко Здравески, поет чие најмоќно оружје е едноставниот израз. Во песните на Ѓоко ќе најдете љубов, хумор, боза и блуз. Нема да најдете јазични украси кичести како рамка од гоблен.
Karinos Uterus. Ем глумец, ем рапер, ем храбар автор. Расположен да понуди своја верзија на вистината дури и во бајките. Од каде да знаеме, можеби навистина Пепелашка се препуштила на блуд, дрога и алкохол
Татјана Ѓукиќ, авторка во чии песни постои нагласена женственост; поетеса за која соголувањето и откривањето на личните амбиси одамна не се табу.
Срѓан Јовановиќ, автор што знае да ја извлече поетичноста од баналното секојдневие. Фраер што умее да напише песна чиј што наслов е поголем од делот со стиховите. И тоа да звучи добро.
Александра Стојковиќ, мачка која одлично се снаоѓа во боемско друштво. Неретко ја промислува сопствената поезија во песните. Ги користи до максимум можностите на бројот тринаесет.
Иван Шопов, автор на овој текст кој нема намера да зборува за себе
Милјан Милановиќ, несомнено најдобриот современ автор на коани. Знае да свири џез, блуз и реге со помош на букви и зборови. Знае дека светот почнува и завршува со личните фантазии.
Ете, толку. Со други, уште поубави вести, (на пример превод на српските автори на македонски) ќе се јавиме за некое време.