Букбокс читанка

„СНЕГОВИТЕ НА КЛИМЕНТИНА ЕВИН“ од Горјан Петрески

Изборот на лектири, особено за основно школо, е прилично одговорна работа. Тоа што тие се обврзни, или барем се препорачуваат, е сигнал дека преку нив, на тие деца со светоглед во формирање, сакаме да им пренесеме вредности, ставови и начин на однесување за кои мислиме дека ќе ги направи поподготвени за живот и подобри луѓе.

Истовремено, бирајќи го и најдоброто од светската и домашната литература, се обидуваме тие да го засакаат читањето и самите да почнат да пишуваат. Со радост се сеќавам на моите лектири – Приказни по телефон, Зоки Поки, Малиот принц, Волшебното самарче, Сенката на Питер Шлемил, Старецот и морето – кои заедно со домашната библиотека имаа пресудно значење врз моето, и формирањето на цели генерации читатели. И немаше да знам што читаат денешните ученици да не ми кажеа пријатели чии деца за лектира ја имаат оваа, на Горјан Петрески.

Детската литература кај нас (чест на спомнатите исклучоци) никогаш не доживувала ѕвездени височини, но ако токму овој автор е најпознатиот и најпопуларниот наш писател за деца и младинци во моментов (а веројатно е, по бројот на награди, тираж и појавувања по медиумите), тогаш имаме голем проблем. Со таков проблем и почнува книгата, за која на корицата пишува дека е трето издание: во предговор насловен како „Да се биде омилен и читан", потпишан од авторот, тој самиот се прогласува за таков, цитирајќи писма од воодушевени читатели (наведени со име и презиме, место на живеење и професија), и се фали дека неговите книги никогаш не се објавуваат „колку да помине редот", туку се вистински и големи за една земја од два милиона и се движат од 1,000-5,000 примероци. 

После ваков помпезен вовед, кога психолошки се подготвувате за пандан на „Улис" или „Карамазови" во светот на детската книжевност, почнуваат поголемите проблеми, кои се најпрвин стилски. Главниот лик, Климентина Евин, ученичка во седмо одделение, успешна пливачка, интелигентна и музички надарена, во сета своја совршеност има само една маана, тоа што девојче на тринаесет години кое зборува, размислува и се однесува како неа едноставно - нема! Сакајќи да ја претстави како позрела за својата возраст, авторот од неа прави дете-тетка, и во нејзина уста става изјави кои ниту според употребениот јазик (крајно литературен, иако се работи за девојче од Охрид кое е сосема нормално да зборува на дијалект), ниту според темите, едноставно не одговараат за оваа возраст.

На првата (значи првата) страница од романот, кога наставникот по физика ја прозива Климентина и ја прашува за нејзиното необично презиме, таа како од катодна цевка одговара: „Тоа е старо охридско, македонско, оставено од мојата прабаба Ева. Зашто кај нас доаѓале разни пропаганди да нè одродуваат. А таа наша Ева рекла дека на едно такво презиме не може да му се приврзува никаква додавка". На демек хумористичната забелешка на наставникот (секаде во книгата „професор") дека е националист, таа одговара: „Не сум помодна, професоре! А во нашево време национализмот како да стана помодност!". Толку мала, а толку Јагнула Куновска.

Но оваа неубедливост, која се граничи со гротеска во моментите кога авторот се обидува да биде „ин" и сепак да употреби и по некој младешки жаргон (што мислите, како се вика „не ме бојосувај" во реалниот свет?), паѓа во сенка кога почнува да се наѕира главната тема на книгата, која не е скандалозна самата по себе, туку по начинот на кој е обработена. Климентина се заљубува во спомнатиот професор, ја поправа дотогашната тројка по физика, остварува уште поголеми спортски резултати, и сето тоа со постојана помисла на него, осамениот, згоден и мистериозен интелектуалец, кој во училиштето е дојден на замена. И сето тоа би било разбирливо па дури и симпатично, да не се деталните описи на возвратната реакција – страста која таа ја побудува кај професорот, кој уште во третата реченица од првата страница, онаа со прозивањето, при погледот на Климентина помислува: „Каква убавина". Следат повремени навраќања на телесните својства на седмоодделенката, чие тело главно е третирано со метафори од светот на флората и фауната (различни видови дрвја – брези, врби, и разбирливо, риби и делфини), од кои ја издвојуваме следнава: „Тој се изненади колку пораснала за три месеци. Набујала како млада липа, раскошно бликнала, па не знае до каде ќе тера со своите гранки, колку ќе цути". Визуелизиравте?

Бабата на Климентина е единствената која сфаќа во кој правец оди работата, но „опитната жена" е сигурна дека внуката нема да влезе во опасна авантура со младиот професор, а и дека „неговата совест не би смеела да падне пред таквата помисла и пред толку одговорен испит". Овој предупредувачко-утешен пасус сепак завршува со зборовите: „Но со човечките слабости никогаш не се знае?!".

И така си е. После куп хинтови, меѓу кои и некои благо первезни - на еден од часовите професорот со крупни букви на таблата ја пишува темата на часот ЕЛЕКТРИЗИРАЊЕ НА ТЕЛА ПРИ ТРИЕЊЕ И ДОПИР - конечно доаѓа мигот кога тој е во сериозен конфликт со сопствените нагони.

„Такви мисли го зафаќаа. И се сепнуваше од нив. Веднаш ги отфрлаше и се убедуваше дека сепак таа се уште е дете, кое наскоро нема да биде тоа, но...постојат и некои морално-етички норми во животот и професијата, пред кои човек мора разумно да застане, за да не направи погрешен чекор кој би бил страшно непријатен за него".

Да повториме, со наши зборови: имањето секс со малолетничка не е добро затоа што создава непријатности по педофилот. Не затоа што „обљуба со злоупотреба на положбата" и „полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години" е кривично дело, и не затоа што може да има трауматични последици за детето. Возраста на Климентина во книгата се спомнува само еднаш, кога таа се опишува како „девојка која се уште нема ни четиринаесет", и иако е сосема можно таа во меѓувреме да ги наполнила тие фамозни 14 години, нејзините љубовни фантазии, за разлика од неговите, никогаш не вклучуваат еротски контакт, ниту пак какво и да е искуство од оваа област. Таква поука не ѝ даваат ниту родителите, кои се бизнисмени главно отсутни и од домот и од нејзиното воспитување, ниту пак онаа „опитна" баба. Токму затоа е и чудно што кога професорот конечно ќе ѝ пристапи во празната училница со експлицитни намери и ќе ја повлече кон себе при што ѝ го разголува левото рамо таа, како тукушто да излегла од семинар за заштита од сексуална злоупотреба или од некаков феминистички Форт Нокс, го погледнува со презир, му удира шлаканица и засекогаш го брише од својот живот.

И ако мислевте дека сега ќе следи пријавување на професорот, суспензија или барем некаков интерен муабет помеѓу учесниците во настанот, сте се излажале. Иако дознава за сето ова, бабата се задоволува со тоа што целата приказна се завршила, а професорот заминува не толку заради грижата на совест која наводно го мачи, туку затоа што наставничката која ја заменува се враќа на работа. Климентина гледа како зимските снегови се топат, и влегува во пролетта на нејзината младост. Тхе енд.

И авторот во предговорот, а и рецензентот Томе Арсовски во поговорот, ја нагласуваат педагошката, воспитна содржина на книгата. Ги прашуваме оние кои ја препорачуваат оваа книга како лектира, оние кои ја одобруваат, како и родителите на децата кои ја читаат – што беше воспитно во сето гореспоменато? Дали навистина од вака поставената приказна еден седмооделенец може да ги протолкува знаците на педофилијата и од неа да се заштити, а да не гледа на тоа како на некаква неуспешна љубовна приказна, кон која дури и ќе развие симпатии? Дали и обратно, децата на овој начин дури и во најмалата љубезност покажана од страна на нивните наставници ќе почнат да гледаат потенцијални закани, или шанса со истата таа можна наклоност да манипулираат?

Кулминацијата во однос на „воспитните" аспекти на книгата сепак допрва следи. Жалејќи ѝ се на бабата што нема браќа или сестри, Климентина во еден момент изјавува: 

„Ти тврдам дека сепак можеле да родат барем уште едно дете. Но пилулите за контрацепција, што ги има во изобилство, се затворено сито на денешново време, низ кое не можат да поминат децата. Пилулите за контрацепција се себичност, заблуда на денешните родители. И мама и тате се себични."

Иако без никакви сексуални предзнаења, девојчето е експерт за репродуктивна политика, и на нејзините врсници им порачува – контрацепцијата е зло, па ако останете трудни, иако сте малолетни, вие гледајте да раѓате. За да не нè одродат мрачните сили од почетокот на книгата.

Во претходни текстови често со иронија сме зборувале за земјите и времињата кога некои книги биле, или се уште се, забранувани. И оваа не мора да биде. Може, како и во претходни свежи примери, кога по написи за несоодветни содржини во други лектири („Еднорогиот елен" на Рифат Кукај со мотиви на експлицитно семејно насилство или сказната „Мртвиот Константин" во која доминира темата смрт) Бирото за развој на образованието да преземе инцијатива истата да ја отстрани од списокот лектири, а наместо неа, ако веќе сакаат да ја третираат темата, да ја стават „Лолита" на Набоков. Тогаш, ако ништо друго, децата ќе читаат светски ремек-дела, а не квази-идеолошки памфлети и потсвесни еротски фантазии на еден потпросечен домашен автор.

Илина, Букбокс

15 февруари 2013 - 00:00