Букбокс читанка

„Смртта на Бани Манро“ од Ник Кејв

На први септември оваа година излезе од печат вториот роман на Ник Кејв, „Смртта на Бани Манро" (The Death of Bunny Munro). Да, да, тој Ник Кејв, фронтменот на Birthday Party и на Beed Seeds, поубавата половина од дуетот со Кајли, член на тајното друштво „Синови на Ли Марвин" и автор на неколку албуми најубави на свет.

Неговата прва книга, King Ink, збирка песни и драми излезе во 1988 (следена од King Ink II во 1997), а во 1989 го објави првиот роман „И магарето го виде ангелот" (And the Ass Saw the Angel). Човекот има напишано и предговор на Евангелието по Марко, во серијата поединечни изданија на библиски евангелија на Canongate, секое со вовед од некој познат 'деец'.

Бани Манро, ликот од новиот роман на Кејв, е Англичанец, патувачки трговец, кој продавајќи некакви сомнителни лосиони задоволува козметички и други потреби на жените на кои наидува, влегувајќи во разни сплетки. По самоубиството на неговата сопруга тој мора да се грижи за деветгодишниот син, и сакал-нејќел го зема и него на долгите патувања, откривајќи му ги триковите на трговијата и животот. Навидум ништо особено, да не е раскажано со оној мрачен хумор карактеристичен за Кејв - „спојте ги Кафка и Бени Хил на плажата на Брајтон и ќе ја добиете оваа книга, компулсивно четиво кое ги содржи брендовските карактеристики на Кејв - хоророт и хуманоста", вели Ирвин Велш, авторот на (книгата) Трејнспотинг.

Кејв сега ги подгрева страстите опишувајќи го ликот кој самиот го создал: инспириран од Валери Соланас (радикалната феминистка која се обиде да го убие Ворхол), тој вели дека Бани е онаков каков што таа го опишала просечниот маж во нејзинот SCUM Manifesto: „мажот е комлетно егоцентричен, заробен во себе, неспособен за емпатија или љубов, пријателство, приврзаност или нежност..тој е полумртов труп кој не може ниту да даде ниту да прими задоволство или среќа". Но, истовремено, за него Бани е - мил!

Пишувана на рака, во тетратка, за време на шестнеделната турнеја низ Европа и Америка, оваа книга има и свое аудио издание - сет од дури седум цедиња. Да ја читате книгава, ај и така и така, ама да слушате како Кејв ви ја чита, па уште и придружена со психоделична музика, е тоа е веќе нешто..Тука за извадок од третото поглавје - сам себе се читал, со австралиски акцент:)

Уживајте!

23 септември 2009 - 00:00