Вака напиша авторот на „Шрапнел“ во нашата преписка поврзана со неговиот нов роман. Како и вообичаено кога некој сам го проценува сопственото дело, бев сомничава кон „поместувањето“, и како кон објективен, и како кон потенцијално позитивен елемент. Но книгата самата ги потврди ваквите тврдења.
Нејзиниот наслов е индиректна игра на зборови. Затоа што од една страна е лично име, на Хенри Шрапнел, британски офицер од 19 век, кој се смета за пронаоѓач на специфичната артилериска муниција. Но истовремено е и назив за смртоносните „зрна“ – парчиња метал кои се разлетуваат по експлозија на граната. Така „шрапнел“ станува оружје со човечки лик. Тоа може да е секој оној кој во текот на животот нè повредил и ни нанел рана, иста онаква каква што имал дедото на едниот од нараторите во романот. Тој во сликата на таа „насмеана“ дедовска лузна гледа симбол на сета негова детска среќа. Но и злокобно предупредување, на „шрапнелите“ кои секој од нас ги чувствува како повремено го боцкаат, како наследено бреме, или како потсетник на можна, ненајавена смрт.
„Боцкањето“ во романот го чувствуваат двајцата наратори, кои таа тегобност се обидуваат да ја надминат преку терапевтско пишување - едниот во прво лице, за минатото; другиот во трето лице, за сегашноста. Првиот е опседнат со смртта на татка си и семејните спомени. Вториот со напнатата актуелна брачна ситуација и генералната атмосфера во сивиот роден град, кој веќе го чувствува како туѓ. Нивните меѓусебни размени на ракописите и коментари за прочитаното го обезбедуваат мета-нивото на романот, она во кое авторот преку двата гласа размислува за смислата на пишувањето.
„Секој слободен момент го користам да седнам пред компјутерот и да пишувам“, вели едниот од нив, под можеби кодното име Ангел (од Анѓелков?). „Но истовремено и се прашувам што ќе испадне од сето ова, до каде ќе оди, или до каде треба да се оди со отвореноста? Колку треба да се разголам себеси и својот живот? Каков роман ќе ги задоволи моите потреби додека го создавам, меѓутоа и каков роман треба да напишам за да им се допадне на читателите?“. На ова неговиот пријател одговара - „Она што ми го даваш како текст е прекрасно и не е како другите подлизурковци во литературата, кои знаеш и самиот како прават: создаваат слика за себе и потоа дури и самите почнуваат да веруваат во неа“.
Токму овие редови се веројатно клучните за толкување на спомнатото „поместување“ во пристапот – неименуваниот пријател на Ангел/Игор, неговото алтер-его, станува неговиот најдобар советник, кој со нежен но сепак авторитативен глас вели: доста е позирање, пишување за некој друг, фолирање. Време е за нешто искрено, нешто што пече одвнатре, што не дава мир, и за кое се пишува не затоа што се може, туку затоа што се мора.
Точно мотивите кои го воделе и Игор во пишување на оваа интимна книга, проткаена и со куп музички и филмски референци, како и со бројни цитати кои служат како мото на секое од поглавјата. Еден од нив, на Билјана Гавранлиева вели – „Само раните што се видливи можат да заздрават“. Книжевните дела често се такви, полуотворени рани, кои во допир со читателот кој ќе ја разбере болката која ги предизвикала, полека се затвораат и се исцелуваат.
Илина, Букбокс
Претходно: „Крај-пат“ од Игор Анѓелков