Навидум ова и не се некои строги критериуми. Но, да се пронајде ваков јунак на нашата генерално заспана, често самобендисана, а ретко оригинална книжевна „сцена" е вистинско мајсторство, дури и кога се во прашање помладите. Иако ги има овие квалитети, она со што Игор сепак најмногу плени е што пишува – нормално! Под „нормално" подразбираме дека дур го читате не се чувствувате како некој да ви се додворува, како да сака нешто да ви „продаде", како да ве матка, како да се прави паметен, како да не знае кај тера. Човекот си ја раскажува својата приказна, и тоа е тоа. Таква базична чесност во пристапот кон пишувањето е она што го нарекуваме јунаштво.
„Крај-пат" се одвива во едно скопско предградие, но лесно може да биде приказна за созревањето на кој и да е млад човек во сличи социјални околности на планетава. На безбедно растојание од глобалните текови, со компјутер кој едвај работи, пријатели со чудни прекари и занимања (стрип-цртач кој хонорарно прави надгробни портрети, сопственик на книжарница кој како мазохистички да ужива во слабиот промет) и куп грамофонски плочи, главниот јунак со зен став гази по својата патека, која е паралелна со бучниот автопат. Колку што е тоа рационален избор, толку е и судбина: „Ретко излегуваме од нашата замислена коцка во која живееме. Тераме некоја off the road филозофија на животот, крај-патно егзистирање кое некогаш знае да те убие во поим. И најтажното од сè е токму тоа, што сето време го гледаш автопатот што поминува крај твојот кварт, гледаш автомобилите како шибаат некаде, а ти не мрдаш ниту со малиот прст", вели главниот лик (авторот) сумирајќи ја неговата лична, но и ситуацијата на неговата генерација. Off the road филозофијата која за неговите родители била симбол на слобода, сега станува симбол на изолираност. Ако не си на патот, и ако не шибаш ко луд, тогаш не си во игра.
Има во оваа книга и меланхолични, и ретро, и лирични и надреални моменти. Особено се впечатливи ликовите од семејството на главниот лик - тие, и ситуациите низ кои минуваат, ми делуваа толку убедливо што бев сигурна дека се автобиографски. Испадна дека не биле. 1: 0 за Игор, кои се зголемија на 2:0 кога во прилог на книгата ми подари и ЦД со музика која ја слушал дур ја пишувал. Ник Дрејк, Нил Јанг, добро друштво за опуштена атмосфера крај патот. Дур на него работат машините за асфалтирање..
По повод 100-то издание на Букбокс, на 4. јуни (сабота) од 12-16 часот, во книжарницата Или-или (спроти гимназијата Јосип Броз, кај Дом на градежници) организираме акција на размена на книги под мотото „На ти ја-дај ми ја". Иако во прв момент мислевме да направиме нешто налик на BookCrossing, меѓународната мрежа за размена, сето тоа регистрирање и ставање кодови ни се виде комплицирано. Наместо тоа, едноставно дојдете, донесете книги кои не ви се потребни, и под будното око на нашиот асистент од купчето за размена земете си исто онолку колку што сте донеле. Книгите кои можеби ќе останат ќе бидат здомени во трајно катче за размена, кое ќе го лоцираме некаде во градов. Истовремено ќе можете да се сретнете со Игор и да ја купите неговата книга по промотивна цена (повеќе за настанот тука).
Се гледаме!