Дремејќи во ординацијата за физиотерапија дур некакви инфра-црвени зраци ми лазеа по вратот и кичмата (нека не ве лажат, седењето пред компјутер е тешка физичка работа..), почнав да чепкам по блиските полици - меѓу анатомските атласи и старите броеви на женски списанија налетав на „Дечак из воде", биографската и поетска збирка издадена по смртта на Милан Младеновиќ. Ја побарав на заем и на пат кон дома седнав да ја читам во приватна 22-ка, со звуците на „Тату" на слушалки. Кога се освестив веќе бев кај Нова железничка, а требаше да се симнам на Симпо.
До скоро мислев дека да раздвоиш стихови од музика е ко да одделиш мајка од дете – рамно на богохулие и насилство. Но искуството од неколку претходни обиди во Букбокс за таква книжевно-музичка сепарација покажа дека зборовите, кога ќе се еманципираат од наметнатиот им ритам, и од мелодијата која понекогаш прави да ги изговараме по автоматизам, добиваат чудни, неочекувани димензии, и почнуваат да живеат некој свој живот. Песните на Младеновиќ перфектно функционираат и без музичка подлога – не мора да сте ги слушале ЕКВ за тие да ве треснат од земја. Без или со музика „Као да је било некад" и „Земја" за повеќето растени во осумдесетите имаат статус на химни на една генерација, која се обиде во секој пораз да види дел од својата слобода, гледајќи како времето гризе сè пред нејзините очи.
Има поети на кои смртта им прилега – му верувавме на Милан кога ни зборуваше за неа, но не сакавме тој навистина да умре. Седумнаесет години подоцна сме уште попразни и поуморни. Ни треба соба, да собере пет илјади луѓе со кренати чаши, во негова, и во чест на сите оние кои прерано нè напуштија, преполовувајќи го така и нашиот живот. Без нив сме помалку будни, а повеќе рамнодушни. Веројатно имаме уште пар години за нас.
Наместо да лобирате за споменик, плоштад или улица на Милан Младеновиќ во Скопје (како оние во Белград или Загреб), доволно е да се качите во автобус и да слушате на рипит -
сакам да сум таму
каде е лесно да се каже
„добро е"
И таму и ќе стигнете.
ЗАГУБА
нешто старо чувствувам дека губам
некои дамнешни насмевки без смисла
моќта вечно да трагам по ново
и да носам бодеж под мишка
мојот живот сврте во други води
мирни реки и ниски треви
секогаш знам што ме чека напред
и веќе не сум толку буден
ако го бараш во мене оној отсјај
на огнот што престанал да гори
нема да најдеш ниту искра
што против сништата се бори
дел од мене е закопан под земја
која сега ја чувствувам под нога
останав сам сред овој град
како мртво дрво крај меѓа.
ГЕТО
види колку преубава зграда
балкон, ѕид со диви ружи
Атлас носи кугла над глава
Грци, мит и легенди
маглата чешла уличен прамен
студен здив од запад
саѓето се црнее по снегот
пред час сина блуза и кифла
роден сум во гето
тоа раѓа страв
роден сум во гето
точно во мигот за да видам...
РАЦЕ
мисли на рацете како на предвесници на бура
сакај го секој прст посебно
допри го наборот на свилената сукња
зариј со ноктот до болка
сети се на деновите кога уличните тепачки
беа испит за момчештво
напиши ми зборови кои ги јакнат рацете
цртај: змеј Конан ЈНА.
БИДИ САМ
ми треба свет
отворен за погледи
отворен за трчање
ми треба соба
да собере пет илјади луѓе
со кренати чаши
се крши кристалот
светкаат стаклени искри
под нашите нозе
како потполни странци
со стакло во очите
со стакло во срцата
на лицата
биди сам на улица
биди сам.
ТАТУ
сакам да го заборавам
овој ден и оној пред него
станувам рамнодушен
се гледам себеси одвнатре
потребен е поттик
празен сум и уморен
сакам да сум таму
каде е лесно да се каже
добро е
та-ту
ружа на градите
та-ту
на влакнестите
лага и мимикрија
та-ту
многу добар тату
добро се скрив
не можеш да ме пронајдеш
не можеш да ме допреш
не можеш да ме дофатиш
сакам да го заборавам
овој ден и оној пред него...
ЉУБОВ
отсекогаш спиев
со твоето име на усните
ти отсекогаш спиеше
со моето име на усните
и каде и да појдам
твојата рака е во мојата
и кога сакам нешто да кажам
јас велам „ние"
љубов, ах љубов
сите мои пријатели
се одамна и твои пријатели
двоината старите Словени
ја имале во речникот
и кога сакам да кажам „јас"
јас велам "ние"
и кога мислам на себе
јас всушност мислам на нас
љубов, ах љубов
и како ни минува времето
да, времето бргу ни минува
деновите и ноќите се
слонови на индијски цртеж
боли и боли
и нè боли љубовта
љубов, ах љубов
досадата полека ни ја заплеткува косата
и ни ги валка рацете
досадата полека ни прави брчки
од лажни насмевки
и нашите зборови нагалено се навика
нè боли љубовта
јас отсекогаш спиев
со твоето име на усните.
ОДГОВОР
подобро да не дознаев
подобро да не сфатев
подобро да не знам
што значат тие зборови
зборовите се извалкаа
зборови што значат невољи
искреноста не помогна
искреноста заболе
подобро да не слушнев
изговор за сè
зборовите ме маѓепсаа
зборовите ме ослепеа
не можам да видам
не не не
одговорот задоцни
одговорот не стигна
одговорот нема да биде потребен
зборовите се излитија
зборовите не ми помогнаа
не сакам да мислам
не не не
зборовите ме маѓепсаа
зборовите ме ослепеа
не можам да видам
не не не
подобро да не дознаев
подобро да не сфатев.
JUST LET ME PLAY SOME MODERN R'N'R MUSIC
заборави го минатото
заборави го стравот
заборави го чувството
врзано за долниот стомак
и кога работиш немој
да се фаќаш на стара слава
и кога мислиш
потпри се на своја глава
заборави го минатото
заборави го стравот
немој да бараш
премногу од луѓето
на сите храната
им дошла преку папокот
и кога јадеш немој
да ги голташ своите прсти
и кога љубиш внимавај
можеби тоа се твоите усни
сети се со кого си
сети се каде
не е сега време како порано
ова е време за промени
заборави го минатото и јави
дали има промени во твојата глава
сите те учеа исто
ние живееме проклето чисто
ние отсекогаш сме биле во право
just let me play
some modern
rock'n'roll music
доста бевме
храна за крадци
доста пиевме
од исти чаши
треска нè тресе
во аголот на усните
и срцата ни останаа
на крајот испустени
сети се со кого си
сети се каде
не е сега време како порано
сега е време на промени.
(превод И.Ј.)