Букбокс мозаична читанка

„ПАРЧИЊА МОЗАИК: ЕСЕЈ ЗА СОЗДАВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА“ од Џонатан Шварц

Можеби, исто како и јас, сте сомничави кога странец пишува за Македонија. И со право – низ земјава во последниве години поминаа толку истражувачи кои академски и финансиски профитираа од нашата историја, култура и политички превирања, што не стигнавме ни кафе да им свариме, а тие веќе објавија книги за македонската „вистина", на кои случајно налетуваме на Амазон.

Меѓу нив секако има и такви кои, токму заради тоа што се туѓинци, не само што забележуваат нешта кои ние не ги гледаме иако ни се пред нос, туку нив можат и полежерно да ги соопштат, без притоа да стравуваат дека ќе бидат етикетирани како СДСМ или ВМРО. Џонатан Шварц е сепак некаква трета сорта. Непретенциозен, духовит и крајно имун на секакви апстрактни теоретизирања и политизирања, тој е онаков каков што ние замислуваме дека би требало да биде секој добар антрополог.

Американец, кој подолго време работи во Данска, Евреин по потекло, тој е навикнат на културните разлики да им приоѓа со љубопитство, но и со понизност. Таков е и во неговиот однос кон Македонија, на која ѝ има посветено дури триесет и пет години работа, и која ја посетил десетина пати, што професионално, што приватно. За неа се заинтересирал по контактите со македонската дијаспора во Копенхаген - бидејќи повеќето од нив биле од Преспа, и со љубов и носталгија му раскажувале за овој регион, тој решил своите антрополошки истражувања да ги лоцира токму тука, во градот Ресен, и околу него. Резултатот е студија за Македонија, која врз примерот на секојдневниот живот на жителите на овој крај нуди слика за промените што се случуваа во нашата земја од распадот на СФРЈ, до првите години независност.

Но освен што е споредна хроника на настаните кои го одбележаа овој период, книгава е пред се' ризница на свежи, згуснати етнографски описи, и живописни анегдоти. „Како и за многумина антрополози што работат на терен, во 1970-тите години и за мене шаторот често беше дом. Поставен во автокампот 'Крани', од каде што секој ден пешачев до селата каде што ги среќавав печалбарите. Тие ми раскажуваа за своето искуство со миграцијата, а понекогаш имав можност да им помогнам додека градеа куќа или собираа јаболка" – ете така едноставно приоѓа Шварц на неговите „субјекти", со кои не само што разговара, и тоа без диктафон и однапред подготвен прашалник, туку со кои работи и сосема обични работи, кои се дел од нивната рутина. И симболично, но и практично, тој ја брише границата помеѓу истражувачката „елита" и „обичниот народ", прогласувајќи се за благонаклонет гостин подготвен да помогне на домаќинот. Токму од едно такво искуство е извлечен и насловот на книгата, од правење на патека во форма на мозаик од тенки камени плочи во дворот на еден од неговите ресенски пријатели. Правењето мозаик така станува метафора на заедничка креација, но и на начинот на кој полека се формира сликата за Македонија, и низ историјата, и низ книгата.

Шварц го интерсираат локални еколошки прашања, како намалувањето на нивото на водата во езерото, но и оние поопштите, како проблемот на деколонизацијата на Балканот, за што тој толку многу се залага.

„Во Преспанскиот регион на Македонија долините и ридовите моментно се белеат од јаболков цут. Април е, и на планините сè уште има снег, но белилото сега допира речиси до езерскиот брег и ќе биде така во текот на следните две-три недели, додека јаболкниците се во цут. Ако не фати тешка слана, тие во следните шест месеци ќе се престорат во зрело овошје. Како и јаболката, и ние луѓето сме зависни од климата. Уште повеќе, климата зависи од нас".

Шварц не само што е поетичен во изразот кога пишува антрополошки студии, туку и навистина е поет. Неговите песни напишани на дански и англиски главно ги издава сам, во сосема едноставни книшки направени ко на фотокопир, или во локалните книжевни списанија. Токму затоа, заради разбивањето на стереотипот на ригидниот, „здрвен" истражувач, па макар тој бил и од општествените науки, преведовме две негови песни. Ако сакате да ги чуете и од самиот автор, тој ќе биде присутен на промоцијата на „Парчиња мозаик" во Скопје, на 04.04 (среда)од 18 часот во просториите на ГЕМ, во рамки на „Вечер на Институтот за етнологија и антропологија", кога премиерно ќе бидат прикажани и неколку студентски филмови. Се гледаме на уште едно правење мозаик!

Издавачот Табахон доделува еден бесплатен примерок на читател кој прв ќе ни наведе барем три сорти домашни јаболка. Оставете коментар на нашата фејбсук група.

Бонус: интервјуто на авторот за Утрински


ПИСМО ДО ДОМА

Работниците истоваруваат
музика од утробите на бродовите
Во секое пристаниште во светот
крановите високо ја креваат музиката
а пониските тркала ја насочуваат
сета таа музика
кон доковите.
Таа ни доаѓа од секаде,
океани и неба помеѓу нас
и ни се придружува,
сета таа музика.

ВОЗЕЊЕ НА РАБОТА

Татко ми дур возеше,
пушејќи цигара
на радиото во кола
секогаш ги прескокнуваше
станиците со музика за армоника,
полките од Полска,
или гласовите од Југот,
госпел пејачите и блузот,
сè што не беше негово,
а во Детроит такво и немаше многу.
Никогаш не го наоѓаше на радио
она што го бараше
и сиот пат до работа,
по Третата Авенија,
ја пушеше цигарата
и скокаше од една станица
на друга. 

29 март 2012 - 00:00