„Мочурливскиот јазик е мошне богат, со голем број зборови што имаат значење за жителите на мочурливите предели: мов, вода, кал, време. Толку е важен што го зборуваат сите жители на Зелената Корија секогаш кога сакаат да си кажат нешто чесно. И затоа сите наши приказни за Мочурливците од Зелената Корија се напишани на мочурливски јазик“
„Мочурливци“ на Барбара Симонити е навидум книга за деца. Со тврди корици, богати илустрации во нијанси на кафено и маслинесто, големи букви, мазни страници. Па сепак, јазикот во неа е толку „густ“, што за голем број денешни деца (па и возрасни) чекорењето низ нејзините страници може да делува како шлапкање низ калливи предели, каде мора да се оди бавно и претпазливо, среде сите тие крекања, влажни мириси и високи треви. Оти тоа е свет кој, парадоксално, ни е помалку познат од некои измислени - да ставиш дете на метла и да го пуштиш да игра хари-потеровски квидич полесно ќе се снајде отколку да му кажеш да фати жива жаба. Па уште ако му речеш дека таа треба да биде „гаталинка“, ќе се чуди. Оти не ја слушнал, на Јутјуб, каде обично се слуша за важните работи.
За возрасните, внимателни читатели, „Мочурливци“ е басна, но не со вообичаените животни (лисица, гавран, лав, магаре), што значи дека читателот мора малку да излезе од својата „комфорна зона“ кога ги толкува карактеристиките на ликовите за кои нема стереотипни, инстант толкувања. Мочуриштето ги има сите потребни карактеристики на „општество“: територијално протегање (на внатрешната корица дури има и детална мапа!), развиени топоними, хиерархија (водачи, службеници, занаетчии), празници и обреди, морален кодекс според кој на врвот стои соработката и солидарноста, односи со соседите. Особено се карактеристични моментите кога заедницата се сплотува како одговор на надворешна опасност. Но таа опасност не доаѓа (барем не директно) од луѓето. Книгата на многу суптилен начин одбегнува да проповеда за климатските промени, човекот како ѕвер кој уништува сè пред себе, романтичната идеја за нечепнатата природа. Па сепак, сето ова се подразбира, бидејќи произлегува од соочувањето со нашето непознавање на терминологијата и воопшто структурата на овој свет (макар и антропоморфизиран).
По петтиот збор кој не го разбирате, си велите - како било сето ова да се преведе? Дали треба да бидеш испратен на студиски престој среде Моноспитовско блато за да се внесеш во атмосферата и во јазикот на мочуриштето? Или просто треба да чепнеш по заборавените термини кои селските луѓе сè уште ги знаат, а имаат врска со вода и со животот околу неа?
Го прашавме преведувачот, Дарко Спасов.
Мовливо РАСЈЕ, ВОДОВРИЧЕН дол, ВАЛУГАТА со трска, Мочуриште со ДОБРЕЈКА, Црни ЛАЗИ, Тревното МОКЛИШТЕ, Ѓолчести МУЗГИ...Во секој од овие топомини има барем по еден помалку познат збор за луѓе кои живеат среде асфалт, или далеку од блата и мочуришни предели. Можеш ли да ни ги објасниш поединечно, и дали тие се карактеристични за одредени македонски говори или си ги има во стандардниот јазик, само се заборавени, како што полека се заборава јазикот на природата воопшто?
Јазикот од којшто преведував, словенечкиот, е жив, неговите говорители го одржуваат богатото изразословие, и она што за нас во македонскиот јазик е архаизам, заборавен збор, поим, локализам кај нив е дел од секојдневниот живот. Веројатно е тоа дел од домашното но и образованието што го стекнуваат во училиштата со текот на растењето, а тоа е дека секое нешто си има свое име и тоа нешто не може да се опише, посочи, поинаку освен со своето име. И кај нас постојат тие термини, но за жал само во речникот, во живиот говор многу ретко ќе ги слушнете. И кај нас постои тој свет и тие животинки, водоземци, влечуги, растенија, но како што споменав, тој свет постои, за жал, само во речникот на македонскиот јазик, а веројатно таму и ќе си остане.
Бездруго никој не води грижа околу тоа дека децата треба да бидат изложени на што побогат јазик, а тоа во светов на нагли комуникации е многу важно. Греота е да ги лишиме од убавината на јазикот па секоја птица грабливка да е само орел, сѐ што лази по земјата да е змија, сѐ што се пентари по ѕидови да е гуштер, сѐ што цвета а не е дрво да е цвеќе. Но и ние возрасните не знаеме да им го доловиме светот, веројатно кога нашите родители ни зборувале на „тој“ јазик сме давале отпор и сме итале кон некој посовремен бетон-ултра-хипер-сајбер-вајбер јазик. Авторката Симонити нѐ воведува во еден помалку виден свет, но вистинит, жив, и читателот на јазикот на оригиналот нема проблем да го следи нејзиниот расказ.
Прашајте ги вашите, постарите што е тоа расје, што е тоа водоврик, или отворете речник, тоа е книга во која можеби не сѐ, но многу работи се запишани таму, и е убаво да се има дома. Не е сеедно како ќе го именуваме животот околу нас, не смее да има простор за произволно именување.
Македонскиот јазик е подеднакво богат како и сите браќа јазици, но македонскиот за жал сè помалку луѓе го зборуваат и како што тргнала работата, можеби нема да се изгуби, но ќе ја изгуби штедроста и нашите поколенија ќе го оштурат до гола нужност. Да ја парафразирам авторката: Се плашам дека човечкото општество ќе почне да се дели на оние кои се јазично квалификувани и на оние кои се заглавени на 500 збора - ограничени и оневозможени за полн живот.
За жал кај нас не се заборава само јазикот на природата, сличен однос имаме и кон секој дамар на животот.
Во книгата освен прилагодување на топологијата, има и превод на имињата на ликовите. Така имаме Крекар, Блатко, Мокрин, Ѓолица, Блатица. Тоа се антропоморфизирани водоземци, влекачи и други животни карактеристични за мочуриштата, кои на овој начин ни стануваат помалку хтонски и одбивни (и покрај темнозелените и мрачни тонови на илустрациите). Помеѓу нив има жаби (знаеме што се), но и „тритони“ (што е тоа?) или „гаталинки“ (исто)?
Семејните презимињата во словенечкиот јазик се посебна приказна и се праслика на словенската митологија, речиси секое второ презиме е дел од животинскиот или растителен свет, Волк, Медвед, Лисјак, Голоб, Млакар Блатник. Во книгава има 77 ликови, повеќето се именувани според начинот и местоположбата на живеење, според нивното огласување, а некои се „стручен“ превод на животинки, пливачи, лазачи. Списокот од тие 77 ликови е приложен кон книгата и не е толку наменет за помалите читатели, тие немаат проблем со термините, ми се чини дека списокот повеќе ќе им користи на родителите. Да бидам искрен, и за мене ова (види слика доле) беше само гуштер, ама ете си имало име, тритон, стручната литература, енциклопедиите велат дека е вид водоземен лазач, сличен на гуштер. А светот на жабите е пребогат, постојат повеќе од 5.000 опишани видови и тие се меѓу најразновидните ‘рбетници. Гаталинки се мали зелени жаби кои се приспособени за качување по листови на дрвја. Ги имаме и кај нас.
Инаку оваа современа басна е убав пример дека идеализирањето на убавината и стравот од старото и грдото е стапица. Не е сѐ така како што изгледа, нели. Ликовите во Мочурливци имаат добрина во себе, кроткост, љубов а тоа ги прави повеќе од убави. Ќе прочитате. Читателот многу бргу ќе се сети колкупати нагазил, убил животинче само затоа што е грдо, лази или е неугледно. Се надевам еден ден ќе престанеме да ги воспитуваме децата дека без размислување треба да се убие секој инсект што ни од далеку не ни го загрозува животот и дека ќе научиме повеќе за полезноста од животот со нив.
За кои животни мораше да научиш во текот на истражувањето? Дали кај нас ги има сите или некои се карактеристични само за Словенија - татковината на авторката? Дали некои од нив се загрозени видови?
Преведувањето е убав процес на истражување и откривање и покрај огромниот стрес дали ќе се пренесе/долови оригиналот носи неописливо задоволство кога ќе се открие точниот збор. Речиси сиот прикажан свет го има и кај нас во Македонија, единствено при истражувањето на дождалците, кои кај нас се сретнуваат и како дождовници наидов на податок дека дождалците што се спомнуваат во Мочурливци се од видот алпски саламандер кој живее во влажните предели на Алпско-Динарскиот дел од младите верижни планини, додека кај нас живее малку поразличен вид, кој живее во планински места и се размножува со испуштање ларви во водени површини. Исто така во книгата се спомнуваат тритони, но алпски вид, кај нас живее поинаков вид тритон. Другите видови животни и растенија од Мочурливци се горе-долу дел и од нашиот животински и растителен свет.
Од строго загрозените видови што се дел од Мочурлчивци е гаталинката која живее и во Македонија на надморска височина дури до 1.500 м.н.в. Се надевам дека ќе ја заштитиме. А од заштитени природни споменици кај нас за среќа сѐ уште живее последното мочуриште во Македонија, Моноспитовското блато во близина на Струмица, кое вреди да се посети.
Колку долго ја работеше книгата и во што се разликуваше таа од твоите досегашни преводи?
На преводот на книгата работев три месеци. За разлика од досегашните преведувачки искуства, при оваа книга можев директно да го почувствувам светот што го преведувам, односно третиот месец имав можност да работам покрај барата во парк Тиволи во Љубљана. Во 2018, во рамките на стипендијата на Друштвото на писатели на Словенија бев на едномесечен престој во писателското атеље на писателот и драматург Дане Зајц. Така бев поблиску до светот што го преведувам и при разговори со авторката можев од прва рака да ги проверам првично нерешливите места. Она што го преведував можев и да го видам, да го слушнам, да го помирисам. Бесценет пристап при работењето.
Дали е ова книга за деца? Или, што би требало да се случи за да биде?
Оваа книга е наменета за деца и младинци но ми се чини многу повеќе за возрасните, за родителите и тие препорачувам да ја читаат на глас. Ова е убаво четиво за пред спиење. Родителите ќе се потсетат на детството кога безгрижно го истражувале животот околу себе, ги откривале тајните на крајречните, крајезерските, мочурливите, ливадските животински месторастења, а децата ќе ја разбудат љубовта кон животинскиот свет и препростата животна филозофија: дека сè што расте и дише на земјата му се радува на животот.
Имаш ли омилен збор од „мочурливиот јазик“?
Валуга.
Илина, Букбокс