Централна тема во повеќето од нив се архаичните, митолошки концепти на времето, кои без оглед на нивните формални карактеристики (дали календарот е соларен или лунарен, од колку дена се состои месецот или неделата, кога точно завршува старата и почнува новата година), без исклучок се базираат врз сфаќањето за крајот и почетокот на еден циклус.
Архаичниот човек го пресликува кружниот, природен поредок на нештата во сферата на општеството. Но концептот на кругот како основа на разбирање на времето, колку и да е автентичен и 'логичен', во современото општество е заменет со оној на правата линија. Идејата за линеарното движење според Елијаде оди на штета на човекот, го отуѓува од природата но и од неговата митологија и минато. Иако формално прогласена за „учителка на животот" историјата на овој начин е сведена на текст-нарација која се однесува на (по)минати настани, кои според познатите зборови на Маркс навистина се повторуваат, но само два пати - прв пат како трагедија, а втор пат како фарса. Вака сфатена таа престанува да биде креативен чин на пресоздавање, каква што била во архаичните општества, кои значајните моменти во текот на годината ги поврзувале со митски настани кои не само што биле „одбележувани", туку биле буквално рекреирани низ обредни активности.
Така, раѓањето на годината била поврзувана со митското раѓање на светот. Обредот на одбележување на Новата година го прикажувал, секоја година, одново и одново, митскиот зачеток на Космосот, но тоа во свеста на архаичниот човек не била само некаква „сценска изведба" која го реконструира овој настан, туку тоа бил самиот настан, Почетокот со големо 'П'. За потврда на ова не мора да ја проучувате митологијата на Бушманите или на некои егзотични племиња од Амазонија. Присуствувајте на обредите под маски во Вевчани или Бегниште, и идејата за пресоздавањето на светот преку симулираното спојување на бабата и дедото, двата главни лика во „претставата" која се изведува секоја година, ќе ви стане јасна. Маските на Обама или Бојан 13-ка може и да ги игнорирате...
Христијанското 'мерење' на времето, иако базирано врз идејата на линеарност (од раѓањето на Исус па наваму), одбележувањето на најголемите христијански празници го врши циклично. Токму во тоа е и смислата на обредноста и на со неа поврзаниот обичај, во повторувањето како потврда на вербата во одредена вредност, или на одреден колективен став. Кога обичајот престанува да се повторува според утврдената шема, тој или се трансформира, или целосно се губи, а тоа е сигурен показател дека нешто се променило во самата заедница, во нејзиното сфаќање на сопствениот идентитет. Оттаму и грижата „традицијата да се одржи" и „обичајот да се почитува" - сите заедници, па и нашата, во тоа гледа некаква потпорна точка, некаква стабилност.
Терминот 'мит' во современата култура често се користи во погрдна смисла, за нешто измислено, крајно неуверливо, лажно. Но митот за вечното враќање, вербата во обновувањето и надежта поврзана со почетоците е толку длабоко вградена во нас што без тој, толку митски, а толку реално потребен оптимизам, не би можеле да опстанеме.