Косата, иако обелена и разретчена кај тилот, се уште ќе му беше долга, а торзото полно лузни – спомени од онаа ноќ кога пред скоро триесет години тим хирурзи од болницата Рузвелт херојски му го зашија телото, распарчено од пиштолот на Марк Чепмен. Се уште ќе соработуваше со Макартни и Оно, но и со помладите музичари од 'нашето' време: измислениот албум Coarse Salt, заеднички проект со Ли Раналдо од Соник Јут, ќе беше прогласен за еден од најдобрите во 2007. Така барем го замислуваат овоземскиот, а постхумен живот на Ленон новинарите на Венити Фер. Измисленото интервју објавено воочи неговиот 70 роденден (целото тука) предизвикува двојни чувства. Ај што преживеал, тоа е супер, ама што кога во 1984 конечно добил американско државјанство изјавил дека ќе гласа за Реган, и што се мувал со жените на Ал Пачино и Ружди, е тоа не му чини..
Иако кога го убија Ленон имав само 9 години, и во мојата генерација важеше легитимирањето – Битлси или Ролинг Стоунси? Црвениот албум го одбележа моето тинејџерство, и ми требаше долго време да се еманципирам од слаткастиот вкус на „ши лавс ју, је–је–је", или „Мишееел, ма бел". Да слушав во тие години дед метал, или барем да почнев од Синиот албум, можеби сè ќе беше поинаку.
Соло албумите на Ленон само во САД се продадени во 14 милиони примероци, како изведувач, автор или ко–автор има 27 број еден синглови, во 2002 е прогласен за осми од 100–те најголеми Британци, а во 2008 магазинот Ролинг Стоун го вброи меѓу петте најголем пејачи на сите времиња. Но освен оваа импресивна музичка кариера, Ленон е и автор на две книги, кои се реиздадени по повод неговиот 70–ти роденден, со предговор од жена му, кој во целост гласи: „Здраво. Моето име е Јоко Оно. Би сакала да го запознаете Џон Ленон".
In His Own Write (1964) и A Spaniard in the Works (1965) се збирки на сатирични, откачени, навидум бесмислени игри на зборови, илустрирани со исти такви цртежи во молив, нешто во стилот на Едвард Лир или Луис Керол. Блесави, но со поента – така ги оценуваат неговите дела литературните критичари. Ние читајќи ги се забавуваме, но ентузијазмот да ги преведеме ни спласна уште кај насловите. Ако се најде јунак/јуначка кој ќе им најде пандан во македонскиот на безбројните алузии, метафори, архаизми и целосно измислени зборови кои ги користи Ленон, ќе ургираме да ја добие годишната награда на Друштвото на преведувачи.
До тогаш, еве ги линковите каде можете да прочитате извадоци од книгите:
– In His Own Write
– A Spaniard in the Works
Откако ќе го сторите тоа, пишете му на човекот – на фармата има безжичен интернет. А ако се најдете во близина може и да го посетите. Студеното капучино ве чека...
Илина, Букбокс