Доближувајќи ги ставовите, и разбивајќи го стереотипот за расправата како монодрамски жанр во кој „другиот" служи само како ѕид од кој се одбива топчето за вербален сквош, наместо да се пресметаме на зајдисонце во предворјето на Универзитетот ние решивме да - соработуваме.
Делото и судбината на Ерве Гибер не се многу познати вон франкофонските кругови во Македонија. Неговата последна, автобиографска книга „На пријателот кој не ми го спаси животот" е драматичен документ за ширењето и социјалното третирање сидата на нејзините почетоци, но и потсетник дека таа, повеќе од кога и да е, денес е сериозна закана за човештвото. Земјотреси, нуклеарни катастрофи, цунамија, болести...да не е човек раат. Но сенката на оваа апокалиптична атмосфера можеби ќе придонесе повеќе да ги цениме. Животот и пријателите.
На пријателот којшто не ми го спаси животот
Ерве Гибер, дваесет години подоцна
Елисавета Поповска
„Имав сида во тек од три месеци" е реченица со којашто започнува книгата На пријателот којшто не ми го спаси животот од францускиот автор Ерве Гибер (Hervé Guibert), објавена во 1990 година. Една година подоцна, во 1991, Ерве умира од сида, еден месец по смртта на Фреди Меркјури и седум години по смртта на Мишел Фуко кои, освен како заслужни луѓе во своите области на делување, познати се и по тоа што беа првите славни жртви на оваа „чума на 20 век".
Гибер е новинар, фотограф, сценарист и романописец кој издава и пред објавувањето „На пријателот.“.. Но, бројот на неговите читатели енормно се зголемува токму со појавата на оваа книга, а посебно откако и медиумски, преку слика и збор го потврди она за што пишуваше во своето дело: прониклив дух којшто, заробен во едно тело што секојдневно се деградира, луцидно се соочува со најголемата своја извесност – смртта.
Станува збор за романсирана автобиографија или, како што милуваат да кажат француските критичари, за автофикција во којашто Гибер раскажува за својот мачен живот со сидата, болеста којашто неколку години претходно му го одзема драгиот пријател и интелектуален идол (можеби и повремен љубовник?) Мишел Фуко. Самиот Гибер ова свое дело во многубројните интервјуа го означува како роман. Најверојатно затоа што, и покрај несомените автобиографски факти, станува збор за остварување коешто во себе ги носи сите одлики на постмодернистичката поетика: многубројни понирања и реминисценции, постојано одење напред-назад по хронолошката оска на приказната, фрагментираност, забревтан тон на раскажување каде што точката за крајот на реченицата ќе ја пронајдете неколку страници понатаму, но и сочни прикази од животот на хомосексуалната заедница и специфичниот јазик со којшто таа се користи, како и елементи од болничките наоди и детали од медицинското третирање на оваа болест.
Истиот тон на исповедна разголеност во којшто се мешаат иронијата и тегобноста ќе го најдеме и во следните дела во коишто Гибер продолжува да ја пренесува „во живо" хрониката на сопствената смрт. Циклусот романи завршува речиси истовремено со неговиот живот. По На пријателот... , следат Сочувствителен протокол (1991), Цитомегаловирус. Дневник на една хоспитализација (1992, постхумно) и Човекот со црвениот шешир (1992, постхумно). Трогнат од судбината на писателот, и добро познавајќи ја неговата љубов за филмски сценарија, Паскал Бруњо, тогашната кралица на реалните шоуа на националната телевизија TF1, му доверува на Ерве камера со којашто тој ќе ги филмува последните недели од својот живот. Тоа негово последно визуелно дело ќе се прикажува под наслов Срам и бесрамност.
Реченицата со којашто се отвора На пријателот...ни изгледа необична, но воопшто не е чудна доколку се земе предвид контекстот во којшто се одвива таа романсирана животна приказна. Осумдесеттите години на минатиот век се т.н. Среден Век на болеста сида, време на првите истражувања, сознанија, но и заблудите во врска со природата на оваа болест. Таквите „талкања во темнината" се присутни и во самата книга: од јавниот молк за тоа која е вистинската причина за смртта на големиот Фуко, преку шпекулациите за начинот на којшто се пренесува болеста, до ригорозните медикаментозни протоколи во коишто болните од сида претставуваат вистински „експериментални глувци".
Пријателот на кого му е наменета оваа книга е всушност надмениот Бил, геј-другар кој зазема висока позиција во една моќна американска медицинска лабораторија. Бил им го „заматува" умот на своите зеропозитивни пријатели со приказната за засилените експерименти кои се одвиваат во неговата лабораторија и за скорешното изнаоѓање на вакцина против сидата. Тој ги уверува дека токму тие ќе бидат првите коишто ќе ја добијат, дека тој ќе направи сé за да ги вметне во пробната фаза на лекот... Ерве се закачува за сламката во надеж дека набрзо ќе излезе од агонијата, сé до моментот кога, сé поретките јавувања на Бил не му ја треснат вистината во лице - Бил е само еден исфрустриран тип кој својата важност во заедницата ја добива со изигрувањето Спасител, а вакцината, како што знаеме, не е пронајдена ниту дваесет години подоцна.
Сознанието за сопствената зеропозитивност, приказната со Бил, прогресијата на болеста, се раскажани главно во вториот дел на книгата. Но, соочувањето со уништувачките ефекти на сидата се случува во првиот дел во којшто е евоциран периодот кога Гибер не е, или барем не знае, дека е зеропозитивен. Тој раскажува за своето пријателствување и смртта на Музил, лик во когошто лесно може да се препознае личноста Мишел Фуко (Гибер само за нараторот го употребува своето лично име, додека ликовите носат литературни псевдоними, иако во алузивните описи на нивното однесување и дејност, можат да се препознаат Изабел Аџани, Ролан Барт, Бернар Кушнер...). Евокацијата на смртта на Музил е всушност ставање во длабочина, во бездна, внесување во перспектива во рамките на самата книга на личната судбина на Гибер уште пред тој да биде свесен дека таа му е предодредена.
Агонијата на „учителот" е злокобно наговестување за агонијата што Гибер ќе ја доживее неколку години подоцна. Сеќавајќи се на деновите кога тој бдеел над Музил во болницата, во незнаење, но со мачно претчуство за причините на неговото умирање, Гибер пишува:
"Утредента бев сам во собата заедно со Музил, долго ја држев неговата рака како што тоа ми се случуваше понекогаш да го правам во неговиот стан, седнати еден до друг врз неговото бело канапе, додека денот полека го снемуваше помеѓу ширум отворените стаклени врати на летото. Потоа ги притиснав моите усни на неговата рака за да ја бакнам. Штом се вратив дома, ги измив со сапун овие усни, со срам и со олеснување, како да тие беа заразени [...] И бев толку засрамен, но и ми беше полесно, така што го земав мојот дневник за да го запишам ова во продолжение на извештајот од моите претходни посети. Но, се почуствував уште позасрамен и уште полесно веднаш штом овој беден гест беше запишан. Со кое право го запишав сето ова? Со какво право му нанесував такви засекотини на пријателството? И спрема некој што го сакав со сето мое срце? Тогаш почувствував, тоа беше нечуено, еден вид визија, или можеби несвестица, којашто ми даваше целосна моќ, којашто ме овластуваше на ваквите гнасни записи и ги легитимираше, најавувајќи ми, тоа беше значи она што го нарекуваме претскажување, едно моќно претчувство, дека јас имав потполно право на тоа, бидејќи тоа не беше толку агонијата на мојот пријател којашта ја опишував колку што беше агонијата што ме очекуваше, и којашто ќе биде иста таква, отсега беше извесно дека освен со пријателството, ние бевме поврзани со заедничка танатолошка судбина"
За да заврши со последното, стото по ред и најкратко поглавје на книгата: „
Ставањето во длабочина на мојата книга се затвори врз мене. Јас сум во лајна. До кога посакуваш да ме гледаш како пропаѓам? Цркни Бил! Моите мускули се стопија. Конечно, повторно си ги видов рацете и нозете како на дете."
Ерве умира на 27 јануари 1991 година, од последиците на неуспешниот (а сепак успешен) обид за самоубиство којшто ќе го изврши петнаесетина дена порано.
* * *
Елисавета Поповска предава француска и франкофонски литератури и култури на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески" во Скопје. Се занимава со критика и есеистика од областа на литературна историја и теорија и преведува книжевни дела и есеи. Поле на интерес: француски и франкофонски роман на 20 век, автобиографија, автофикција. Нејзини „најтазе" изданија: книгата "Патување и Ориент – доминантни парадигми во делата на Маргерит Јурсенар" и превод на "Подрумите на Ватикан" од Андре Жид (награда „Божидар Настев" за најдобар литературен превод од оригинал за 2010 год.)