Букбокс читанка

„ФИЛОЗОФИЈА НА ВИНОТО“ од Бела Хамваш

„Хедонистичкиот ангел не знае за некаква света водичка и преферира вино; се плаши од темјан и порадо ужива во мирисите на некое сакано тело. Нему му ги должиме најубавите чувства, наслатките пијанства, скапоцените и ефемерни јадења, извајаните енергии, разменетите љубезности, посакуваните радости. Животното мото на овој вкусувач на рајските јаболка би гласело Carpe Diem! Мислам дека со мирна душа би можеле нему да му го препуштиме нашиот живот, за Танатос, кога ќе чукне неговиот час, во своите бисаги да одложи само едно тело, кое согорело до последниот остаток."

Мишел Онфре, Гастрономски ум

Едно од најголемите недоразбирања во историјата на идеите е веројатно она поврзано со хедонизмот. Популарно, но често и академски сфатен како себично трупање на задоволствата и истовремено агилно одбегнување на страдањата, тој на многумина им асоцира на нешто вулгарно и 'грешно' - вино, жени и песна или секс, дрога и рокенрол. Уште Епикур тажел над оваа заблуда, инсистирајќи: „Кога велиме дека целта на добриот живот е задоволството, не мислиме, како што ни импутираат, на она задоволство произлезено од простото конзумирање, туку повеќе на отсуството на болка во телото и на немир во душата".

Векови подоцна критичарите на Џон Стујарт Мил сметале дека тој брани доктрина која им оди во прилог само на свињите. Во текот на историјата и други филозофи се обидувале да докажат дека хедонизмот не е некаков вулгарен сензуализам, ослободен од секаква етика - најсвеж таков обид за кој знам е „Задоволството и добриот живот: за природата, видовите и сложеноста на хедонизмот" на Фред Фелдман. Објавена во 2004, таа на оваа идеја стара колку човештвото ѝ приоѓа со научна прецизност, но и со речиси детска љубопитност: „Професионалната литература за хедонизмот е полна со дефектни формулации. И критичарите и промоторите на ова гледиште имаат сериозен проблем да дефинираат што е тоа хедонизам. Фасциниран сум од ваквата ситуација", вели тој на почетокот од книгата, обидувајќи се на следните страници да направи разлика помеѓу хедонизмот како сетилност и хедонизмот како светоглед, помеѓу уживањето во нештата (enjoyment) и задоволувањето со нештата (satisfaction), помеѓу безвредните, лажни и несвесни задоволства, и оние кои го прават вашиот живот богат, вреден и - добар.

Ако сето ова ви звучи преакадемски, ајде да ја упростиме. Нели е точно (бидете искрени) дека првата асоцијација на 'хедонист', и тоа не само заради граматичкиот род, ви е маж со мрсен копан во едната и евтино вино во другата рака, во чиј скут седнала уште една локална 'хедонистка' (читај: мераклијка) - кафанската пејачка? Тој, еуфемистично нарекуваниот 'гурман' или 'боем', е всушност обична испичутура, кој не знае за доста. На другиот крај на оската (веројатна асоцијација број 2) се таканаречените 'познавачи', кои јадат со штиркана салфетка уредно префрлена во скутот, користат различни прибори за предјадење и главно јадење, со лош но сепак впечатлив француски акцент го нарачуваат најскапото бело вино, и добиваат нервен слом ако некој на масата од него направи шприцер. Некаде во средината (асоцијација која веројатно нема да ја имате) сте вие, во моментот кога ја берете и вкусувате првата јаготка од грижливо негуваната леа во дворот, или кога вашето дете ненадејно ќе ја прекине играта за да дојде до вас и да ви рече - 'бацувам'! Да, токму тоа е моментот кога се слуша шушкањето на крилјата на хедонистичкиот ангел. За кратко, а потоа го снемува. Треба да се изостри слухот и сите сетила. Треба да се биде свесен за тој миг.

Една таква „анатомија на уживањето" прави Бела Хамваш во неговата книга „Филозофија на виното". На иста линија со споменатите бранители на хедонизмот и тој смета дека состојбата во која се наоѓа оној кој ужива е од безгранично повисок ред од секојдневниот ум, и почеток на вистинска будност. „Тоа е виша трезвеност. Тоа е ентузијазмот од кој извира уметноста, музиката, љубовта, вистинското мислење", вели Хамваш. И уште повеќе - за него тоа е и изворот на вистинската религија. Остро и подеднакво критикувајќи ги и „пуристите" (лажните фанатични верници) и атеистите, тој во виното го наоѓа совршениот „канал" кон добрината и убавината, што за него е рамно со Бог. „Знам дека зборот Бог не смеам ниту да го изговорам. За него треба да се зборува со некои други имиња како што се, на пример, бакнеж или занес, или варена шунка", вели тој, нималку иронично. Но парадоксално (и да, иронично), наместо да биде прогонуван за некаква верска бласфемија, Хамваш најмногу настрадал од неговите колеги - марксисти! Познатиот Ѓерг Лукач, веројатно љубоморен на „сочната" метафизика на Хамваш, несоодветна за еден сериозен и униформен систем како што бил социјализмот во поствоена Унгарија, повлијаел тогашните власти да му ги забранат делата. Хамваш завршил како фабрички работник, а повеќето од делата му се објавени постхумно, во осумдесетите.

„Крчмата е најважната институција на нашата цивилизација, многу позначајна отколку, на пример, парламентот. На едното место нанесуваат рани, на другото ги лечат", вели Хамваш. Помислив на ова дур ги гледав моите пријатели како уживаат во цигарата во една приградска кафана во која не важат забраните за пушење. Најпрвин со невера, како секој миг да очекуваат некој да ги потчукне по рамо и да ги опомене „еј дечки, ај со тоа цигарата...", а потоа со блажена фаца уживаа во секоја испушена цигара, како да им е последна. Можеби има нешто во воздржувањето, па дури и во ваквите антихедонистички прописи. Кога ќе се прекршат, задоволувањето станува освестено задоволство. А задоволството - уживање.

Илина, Букбокс

 

3 април 2010 - 00:00