Да се викаш така и да не реплицираш на книга која во насловот го содржи твоето презиме, а се однесува на нешто во твоето потесно поле на интерес, е глупо ко да не му начукаш гол на другар ти кога со едната рака пали цигара, а со другата само лефтерно ја држи шипката дур играте фудбал на жетони. Кој му е крив кога ти се наместил...
Од друга страна, дали после сета таа џева околу „50 нијанси", и во толку кратко време, на човештвото му беше потребна уште една книга на слична тема? Не баш. Но, дали ако таа е напишана од автор кој има амбиција да ги пополни дупките на претходната со позачинета приказна, пософистициран стил и лични ставови во однос на кажаното, треба да ѝ се даде шанса? „Требааа...“ (хорски одговор на еминентни познавачи на книжевноста со релевантни наставно-научни титули, чиј потајно омилен филм е Пирати двојката: одмаздата на Стањети).
Исто како и јас, и многумина други книгата ќе ја прочитаат само заради овој факт - дека нејзина авторка е токму Саша Греј, симпатичната девојка која влезе во порно бизнисот со навршени 18, а од таму излезе со 21. Таа почнува со молба, но и со предупредување: да не бидете навредени од што и да е напишано во книгата, да ги оставите инхибициите пред врата, и сè што понатаму ќе се случува да остане „меѓу вас". Претпоставката дека секој кој би посегнал по оваа книга по дефиниција има инхибиции е навредлива самата по себе. Ама кога веќе фино ве замолиле да не се навредувате во првата реченица, во третата некако успевате да го пребродите тоа чувство. Ги соблекувате лакираните високи чизми со нитни со кои сте ѝ пристапиле на книгата, во аголот внимателно го одложувате камшикот, и ги натнувате тиркизните папучки (со туфна) што ви ги подава домаќинката, за дискретно да влезете во неа, и исто така од неа да излезете.
На кратко, книгата е за извесна Катерина, студентка по филмска теорија, од неодамна сексуално пронајдена во врската со дечко ѝ Џек, кој работи на кампања на кандидат за сенатор. Со оглед на неговата зафатеност, Катерина има време за интроспекции, но и за фантазии за нејзиниот професор Маркус, кој пак изгледа дека воопшто не ја рецка. Она што пак сите во класот го забележуваат е згодната Ана, која ѝ станува менторка на Катерина во областа на сексуалноста, примамувајќи ја со приказна за нејзината врска со професорот, и откривајќи ѝ сочни детали за неа.
Ана излегува дека е одлично упатена и вклопена во сексуалното подземје, кое во случајов нема толку врска со сексуална експлоатација туку со слободно изразување на сопствената телесност и консензуално исполнување ќефови. Ова го дознаваме кога таа ќе ја однесе другарка ѝ во некаков таен клуб, кој постојано ја менува адресата, во кој се организираат оргии, со очекуваната сценографија на кафези, маски, џуџиња и демократски принцип на комуникација „секој со секого". Катерина најпрвин е малку збунета, ама полека влегува во шема, што веќе почнува да ѝ се одразува на врската. Во еден момент го допира дното кога сфаќа дека несакајќи станала дел од тајно хиперсексуално друштво (зошто баш на Јулија, не сфативме), чиј главен деец излегува дека е токму спомнатиот политичар, сега веќе и сенатор, успева да се извлече и да го врати Џек, по што сите среќно си живееа.
Приказната е значи прилично бледа и...сива. Но она што оваа книга ја разликува од „50 нијанси сиво", а што не нужно ја прави и добра книга, не е далеку пожестокиот секс, кој во случајов не се состои само од посилно удирање по задникот, туку од прилично елаборирани постапки на нанесување болка и/или задоволство, во контексти и на начини за кои Е. Л. Џејмс може само да сонува. Разликата е во нешто прилично неочекувано – користењето на таа иста приказна, таква каква што е, со сите нејзини маани, за критика на интелектуалниот естаблишмент и политичката врхушка, која моќта да управува ја прелева во моќта да е*е, кого сака, и каде сака. И тоа не само фигуративно!
Имено, иако на крајот на романот и не е баш јасно дали сето тоа било вистина или не, описот на сексуалните доживеалици на колешката на Катерина со професорот се граничат со гротеска – човекот се возбудувал само ако има секс ВО ШИФОЊЕР, и само ако девојката е облечена а потоа се соблекува точно како неговата одамна почината мајка. Дали ова е доволен аргумент дека интелектуалците во книгата се портретирани како перверзни чудаци? Можеби не, но ако на ова му се додаде и постојаното повикување на авторката на различни филозофски, филмски, книжевни и други интелектуални величини, и на нивното толкување, но и создавање сексуален „материјал" – слики, идеи, концепти кои не само што одразуваат одреден сексуален светоглед, туку и го формираат - тогаш работата почнува да делува малку поинаку.
Списокот на ваквите референци во „Друштвото на Јулија" е импресивен: од Фуко, Кинси, Фројд, до Стендал, Дишан, Маркиз де Сад и Вилијам Блејк. Би одзело многу време да се наведат сите контексти во кои тие се спомнати, но да речеме дека иако тоа по некое време делува како поза („видете што сè знам, ако сум глумела во порничи"), сепак секое спомнување има своја смисла. Особено кога студентката по филм ги споредува ликовите и случувањата околу неа со слични на нив во филмската историја. Па имаш тука Хичкок, па „Граѓанинот Кејн", и најмногу од сите – Буњуел и неговиот филм La belle de jour, со Кетрин Денев во главната улога, во која една во суштина студена и несексуална жена во домот се претвора во страсна курва во бордел каде почнува да работи од љубопитство, дур мажот и е во канцеларија. Споредбата со ликот и делото на Катерина од романот е очигледна, и добро изведена.
Но најголемиот удар на прекумерната интелектуализација на сексот во теоријата и уметноста Саша го задава зборувајќи за она што ја возбудувало нејзината хероина кај професорот.
„Зборовите кои ги кажуваше навистина ме палеа, иако беа најмалку секси. Зборови кои звучат стегнато и студено и технички, но кога Маркус ги кажува почнуваат да звучат како да зборува валкано – на интелектуален начин. Особено овие зборови:
абјектно
катарза
семиотика
сублимација
триангулација
реторика
уртекст
И последен, но не и најмалку важен, мојот апсолутен фаворит, зборот над зборовите – хегемонија. Кога Маркус ќе го каже, ме заплиснува таков авторитет што мислам дека би направила сè што ќе побара."
Ако заради нешто вредеше да се прочита книгава, тоа е заради погоре цитираниот пасус. Штета што занимавајќи се со споредните, прилично стереотипизирани елементи на нарацијата, Саша и нејзините уредници не се посветиле подетално токму на ваквото поигрување со авторитетите – интелектуалците во нивните тесни толкувачки шифоњери, политичарите и нивните манипулативни техники, уметниците и нивните понекогаш натегнати конструкции, кои животот неколкукратно ги надминува во необичноста и неверојатноста. Верските авторитети се чепнати, ама само површно – Саша во сексуален клуч ја толкува дури и Библијата, велејќи дека „Божјото царство е внатре" е „повеќе од јасна алузија" (веројатно случајно, но во книгата која ја добив на подарок имаше обележувач на страници со календар од некакво библиско друштво). На крај највпечатлива останува нејзината космолошка теорија, со која веруваме би се согласиле и Галилео и Хокинг и Саган - дека космосот е огромна матка која чека да биде оплодено од семето на животот.
На Саша ѝ посакуваме втора книга, а во меѓувреме повеќе медиумско внимание за првава, за која речиси и да не постојат информации и осврти. Таа тоа го заслужува, не затоа што е дело на бивша порно актерка која решила своето искуство да го прелее во пософистициран медиум, туку затоа што има поенти кои без разлика на недостатоците на стилот се позначајни од оние на нејзината колешка по перо, на која ни педесет нијанси не ѝ вредат колку една Греј.
Илина, Букбокс