Букбокс бестселер

„ДЕВОЈКАТА СО ТЕТОВАЖА НА ЗМЕЈ“ од Стиг Ларсон

Да си бестселер кој се продава во милиони копии, и со месеци да ги заземаш првите места на листите на најпродавани на различни географски широчини, тоа би требало да значи дека твојот автор добро го познава вкусот на „широката читателска публика". Но и дека тој, или неговиот уредник, вешто успеваат да ги прилагодат твојата содржина, стилот и ликовите за тие сепак да не изгледаат преповршно и навредливо за просечната интелигенција на просечниот читател, кој главно се пали на разводнети трактати за смислата на животот, мистерии и многу секс, но сака да верува дека чита „добра литература".

Тоа би бил некаков рационализирано, „местено" сценарио за бестселер, кое секако функционира. Но има и поинакви приказни. На пример, цел живот си се занимавал со истражувачко новинарство, одеднаш, „ничим изазван" си решил да пишуваш криминалистички романи, си напишал три и си го почнал четвртиот, но на 50 години, пред да сфатиш дека си славен и богат автор на бестселери – си умрел од инфаркт.

Таква е отприлика приказната за Стиг Ларсон (во српскиот превод – Лашон?), во последниве години еден од главните шведски извозни продукти, во рангот на Волво, Абсолут, Сааб и Икеа. Веројатно нема друг автор на кого толку сум налетувала на интернет, а кого толку упорно сум го игнорирала. А како поинаку би реагирале на автор на трилогија, во која секој од насловите почнува со „Девојката со.." или „Девојката која.."? Ако името е судбина, судбината на книгите со ваков наслов е да останат непрочитани, барем од оние кои како мене, додуше крајно интуитивно, во нив препознаваат знак за „губење време". Иако статистички тие се незначајна целна група, на ваквите читатели не е лошо некој да им го објасни следново: дека оригиналниот наслов на „Девојката со тетоважа на змеј" (прилагоден за англиското говорно подрачје) е „Женомрзци", дека главната хероина не е некаква јапонска самурајка од средниот век туку анорескична хакерка во кожна јакна и цокули, дека Ларсон е радикален левичар и – пази ова - феминист, дека нобеловецот Љоса него го споредува со Дима постариот, а дека инаку немилосрдниот Кристофер Хиченс првата од трите книги во трилогијата, заради нејзината сложена фабула и ликови, ја израмнува со „Војна и мир". Во мојот случај немав многу избор – откако од повеќе страни чув колку била добра, некој едноставно ми ја тупна на кафанска маса. А велат жена во кревет и книга во кафана не се одбивале..Или обратно беше?

Што ја разликува трилогијата Милениум од сите други успешни трилер-крими бестселери? Генерално, се работи за конвенционален детективски роман, но со голема доза општествена критика, која е особено интересна кога е упатена кон земја која е парадигма на левичарските соништа. Шведска, колевката на минималистичкиот мебел, женските права и универзално здравство од матка до гроб, во романите на Ларсон се претвора во гнездо на перверзни нео-нацисти, корумпирани политичари, социјални работници кои ги силуваат нивните штитеници, богаташки кланови со мрачни тајни, и бизнисмени кои ја имаат толку развиено вештината на измама што таа престанува да биде криминал, туку е „нормален" бизнис.

За многумина – а особено за Швеѓаните – оваа земја наликува на социјалистичка утопија. Но на секоја илузија на неговите сограѓани за сопствената земја, Ларсон ѝ спротивставува по една болна вистина. Швеѓаните мислат дека нивната татковина е егалитарна – тој регистрира огромен јаз помеѓу богатите и сиромашните. Швеѓаните сметаат дека Шведска е политички неутрална – Ларсон ја разоткрива историската улога на радикалната десница. Швеѓаните се убедени дека нивната влада работи за доброто на народот - Ларсон покажува дека шведската држава знае да биде инструмент на насилство, насочен кон поединците кои претставуваат закана за привилегиите и моќта на оние кои ги поседуваат. Тој (каков анти-патриот) има замерки дури и на шведските природни убавини! Колку и да му се допаѓа селската идила, шведските градови во неговите романи се претставени како збир на садо-мазо клубови, салони за тетоважа и Мекдоналдси. Штета, а баш мислевте да се преселите кај тетка ви во Малме...

Во ваков контекст е сместена приказната за разоткривањето на едно мистериозно убиство за кое нема да ви раскажеме. Во спротивно не само што би ви го уништиле читањето, туку и гледањето на филмовите правени според книгата – шведската верзија, и онаа холивудската, која беше најавена деновиве, со Даниел Крејг во улогата на Микаел Блумквист, новинарот кој со помош на „панкерската самовила", трауматизираната но хиперинтелигентна Лизбет, ќе ја разреши долгогодишната мистерија на империјата Вангер.

Ларсон умрел качувајќи се по скали до седиштето на Експо, весникот кој му има донесено голем број непријатели и закани по живот. Некој забележал дека датумот на неговата смрт, 9. ноември, се поклопува со оној на „Кристалната ноќ" – дали е случајно тоа што најгласниот шведски анти-нацист го стрефило срце токму на овој ден? Шеесет цигари дневно, огромни количества брза храна, преработеност и коронарна тромбоза, тоа е објаснувањето на неговите блиски соработници. Ларсон со тестамент го оставил својот имот на Комунистичката работничка партија во неговиот роден град, но документот не бил уредно заверен и е прогласен за неважечки. Сега за неговото огромно богатство, за кое антeхумно не бил свесен дека воопшто ќе го има, водат спор неговата долгогодишна партнерка, таткото и братот. Во неговиот лаптоп стои започнат материјал за четвртиот роман. Можеби во него се крие вистинската приказна за неговото заминување...

Илина, Букбокс

3 јуни 2011 - 00:00