Не дека не ми пречи зачадена кафана од која се враќам дома 'мирисно предизвикана' - во таква ситуација тешко човек се правда дека цело попладне го минал во библиотека. Но има и полоши работи од тоа некој до тебе да пуши. Некои луѓе на пример прегласно зборуваат, особено кога зборуваат глупости. И звукот влегува во човечкиот систем преку сетилата, може да го загади, да му предизвика тешки психолошки пореметувања, а богами и физички да повреди. Може ли во пакет со пушењето да се вметне и забраната на сите сродни, пасивно-агресивни дејства, кои се истовремено и нечија (лоша) навика и нечие трпно дејство? Оној кој е склон кон благо шампитата да си ја јаде дома, бидејќи јадењето колачи ги расипува забите и ги вознемирува оние кои се на диета. Љубителот на месо да не ги дразни вегетаријанците со ќебапите на неговата јавна софра, бидејќи ставот кој притоа и без да знае го промовира е во спротивност со универзалните начела на мирољубивиот човечко-говедски соживот. Да се направи список на навики кои се колективно прифатливи, дури и пожелни, и на оние кои колку и да изгледаат на прв поглед наивно, се всушност длабоко субверзини и на долг рок смртоносни. И потоа списокот на лоши навики да се претвори во список на забрани.
До тогаш, ако другарка ми не ми дува директно во лице, самата си заработува за цигари и се согласува да не пали кај мене дома, ја немам проблем. Дури и ќе ѝ запалам со Зипото кое си го носам во ташна, како смокер френдли симбол и креативен моден додаток.
„Пушењето може да убие".
Би додала - is that a threat, or a promise? :)
Во прилог последното поглавје од книгата Чадот на боговите - социјална историја на пушењето од 2006. Ако првото се занимава со почетоците на консумирањето тутун, последното се обидува да ја проектира замислената, и по малку страшна иднина. Ако се препознавате во Десетсатниците од расказот на Стивен Кинг, навијте си ги од сега внатрешните часовници на точно десет. И чекајте да ѕвони, со цигарата во една, и жолтата 'пушачка ѕвезда' на другата рака.
ЕПИЛОГ
ДЕСЕТСАТНИЦИ
(The Ten O'clock People)
На многу начини се работи за типична кратка приказна на Стивен Кинг. Помеѓу личностите има еден маж чие лице „е прекриено со отоци како тумори, опседнати од нивниот ужасен полу-живот", и една жена, подеднакво деформирана, од чии испакнати меса „тече розова супстанца која личи на закрвавена пена за бричење". Обајцата се претставници на цел клан подлуѓе, суштества чии глави се влакнести и налик на лилјак, „не округли туку деформирани како безбол топка, која издржала цело лето мавање". За да биде уште погрозно, главите „се мрдаат, при што различните делови се движат во различни правци, како групи егзотични гасови кои обиколуваат некаков планетарен џин." Не е баш некое друштво со кое би сакале да делите сауна во локален фитнес клуб.
Но не се овие суштествата оние кои се суштински за нашата тема. Тоа се луѓето наречени Десетсатници, бидејќи тие, и само тие, можат да ги видат овие подлуѓе со лица на лилјаци. За другите смртници последниве се нормални човечки суштества, добро облечени мажи и жени од бизнис секторот, сопственици на директорски одела, чии глави се округли и неподвижни, без отоци и исцедоци.
Луѓето Десетсатници се пушачи, наречени така бидејќи секој ден во десет наутро, и повторно во три попладне, се измолкнуваат од нивните работни места како доброволни изгнаници, стоејќи на снег или дожд, на топло и на неподносливо жешко, на студено ветре или на ураган, непоколебливо предадени на брзото уживање во нивната несреќно дискредитирана навика. Тие палат, повлекуваат, ги вдишуваат нивните цигари со, како што ни е претставено, демонско задоволство.
Брендон Пирсон е еден од нив. Додека се вози во такси со неговиот пријател Дјук, забележува дека „деведесет проценти од луѓето во побогатите квартови низ кои минуваат се претворени во непушачки зони", и во секој од нив има малубројно племе луѓе на кои им требаат две кратки паузи дневно за да ги олеснат нивните умови и да ги казнат нивните тела. „Егзотична социјална група", вели Пирсон за нив, но таква која нема долго ќе опстане. Според него до 2020, најдоцна 2050, луѓето наречени Десетсатници „ќе исчезнат како птицата додо".
Тоа се мажи и жени здружени не само преку нивната навика, туку и преку одбивноста која остатокот од општеството ја чувствува кон нив. Тие се собираат не само за да ги споделат нивните никотински 'хајови' туку најмногу заради солидарност и разбирање, аутсајдери се здружуваат со други аутсајдери за да формираат мали 'клики' на привремени инсајдери. Сите тие изгледа, имаат исто сфаќање за цигарите како и Пирсон. Тој пали уживајќи во начинот на кој чадот лизга во неговите ноздри, и во благото завртување во неговата глава. Секако, навиката е опасна, дури и потенцијално опасна по живот - како и не би била кога толку те навлекува?
Неколку минути подоцна Пирсон зборува со Дјук, кој е исто така член на таква група но не знае дека Пирсон, како антрополог, всушност го проучува и неговото однесување, прави ментален каталог и класификација. Дјук не знае ни дека неговиот пријател дури им има дадено и име на пушачите:
„Така Пирсон му објасни нешто околу Десетсатниците и нивните племенски гестови (особено кога се соочени со натписи ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ), подвиткувањето на рамениците кога некој акредитиран авторитет бара од нив да ја изгаснат цигарата, нивните племенски сакраменти (мастики, бомбони, чепкалки за заби, и секако малите спрејови за освежување на уста), како и нивните племенски литании (Се откажувам засекогаш како најтипична од нив)."
Но од каде тоа Десетсатниците се единствените кои ги гледаат луѓето со лица на лилјаци? И каква врска има тутунот со тоа?
Па, изгледа дека ѕвездите на приказната не се само тутунски џанки, тие се тутунски џанки од посебен вид, од оние кои некогаш конзумирале неколку кутии дневно но сега мора да ги намалат на пет или десет цигари секои 24 часа. Ова, на начини кои му се познати само на Стивен Кинг, па можеби дури ни нему, ја има променето телесната хемија на пушачите така што тие сега поседуваат моќ која најрадо не би ја имале. Тие можат да ја видат вистината за луѓето-лилјаци, додека другите, оние тешките пушачи и непушачите, ги гледаат како типични претставници на светот на работното време од 9 до 6.
Луѓето со лилјачки лица не се среќни заради ова. Тие сакаат да ги казнат Десетсатниците со тоа што ги јадат, буквално кинејќи ги на парчиња и правејќи оброк од нив. Всушност тие се и генетски програмирани за ова. Пирсон го прашува Дјук дали нешто слично се случува и во други земји. Дјук се сомнева. „Тоа е затоа што ова е единствената земја каде луѓето станаа душмани на цигарите - веројатно затоа што ова е и единствената земја каде луѓето навистина веруваат дека ако ја јадат вистинската храна, ако ги бришат газовите со вистинскиот вид тоалетна хартија, ќе живеат засекогаш и ќе бидат цело време сексуално активни".
Кинг во овој расказ е позагрижен за заплетот отколку што прави некаква културолошка анализа. Добро, тоа му е работа. Па сепак има некои моменти кога тој прави сладок, милосрден портрет на америкаскиот пушач на крајот на дваесетиот и почетокот на дваесет и првиот век, обезбедувајќи макар и површен емоционален контекст. Кинг знае нешто за мажите и жените и децата кои ги пушат нивните 2,423 цигари годишно, и наместо да биде навреден, ја разбира привлечноста, Тој добро ги знае маките на откажувањето и фрустрацијата од неуспехот. Ламентира над фактот дека пушачите се прогонети, иако истовремено и не гледа друг излез, сè во име на доброто на општеството.
Пушачите во неговиот расказ, колку и да се несреќни, ја прифаќаат сопствената судбина, истовремено суптилно прифаќајќи ја сопствената слабост.
Но има и такви моменти во расказот каде читателот е вратен во времето на првите Европејци кои пушат. Тоа се сиромаси од средовековните градови, кои пребаруваат по ѓубрето на оние побогатите, собирајќи остатоци од лулиња и цигари - ги цицаат и допушуваат, виткајќи ги во парчиња хартија кои исто така ги нашле во ѓубрето. Тоа биле бедници кои чекале да падне ноќта, темнината да ги сокрие од очите на нивните општествено надредени, а потоа се собирале не во фенси места како Плаза туку во задскриени ќошиња, темни премини, каде пуфкале со други исти како нив, до зори.
Десетсатниците од сегашноста се директни потомци на полноќните луѓе од минатите векови. Тие го консумираат нивниот тутун во карантин, иако знаат дека се набљудувани и оговарани. Пушачот го заврте кругот, од одбивање до прифаќање и повторно одбивање. За разлика од Маите, полноќните луѓе не верувале дека пушењето ќе им донесе спас. Тие знаеле дека боговите имаат друга работа, и дека кога чадот ќе исчезне, него едноставно го снемува.
Некои од Десетсатниците не се доволно храбри во поднесувањето на ваквиот остракизам. Всушност има и такви кои дури и ја признаваат нивната грешност, жалејќи што ѝ се препуштаат.
За разлика од бројните домородни племиња од стариот свет, полноќните луѓе не сметаат дека тревката ќе ги излечи нивните болести и на кој и да е начин ќе им го намали страдањето.
Десетсатниците се исто така свесни за ова. Кафената билка која некогаш се сметала за дар од боговите со текот на вековите станала проклетство, навлекувајќи милиони жрвти на нејзината непријатност, страдање и предвремена смрт.
За разлика од нивните современици кои пушеле лулиња и цигари, или вовлекувале завиткан тутунски ситнеж низ нивните ноздри, полноќните луѓе не сонуваат дека цигарите ќе им донесат престиж или ќе им обезбедат добар имиџ. Десетсатниците научиле дека она што го носи пушењето е општествено изземање, но иако тоа им паѓа тешко, тоа е можеби една од причините заради која и продолжуваат со нивната навика. Заради задоволството од кршење на конвенциите кои ги притискаат. Ако не можат да постигнат повисок статус во општеството заради зависноста од цигари, барем можат да инсистираат на засебен идентитет.
Десетсатниците ќе истраат. Нема да исчезнат како што вели Пирсон до 2020, ниту до 2050. Тие секогаш ќе бидат оние кои ќе ја посакуваат утехата на моментот и нема да прифаќаат, иако можеби ќе одбиваат тоа и да го признаат, нејзино одложување. Тие секогаш ќе бидат оние за кои цигарите се совршениот медиум за ставот кој сакаат да го промовираат, или ако е тоа пресилен збор, за потребата која мора да ја задоволат. Тие секогаш ќе бидат оние за кои самото пушење е пријатно на таков начин кој не може да се дефинира а кој тешко може и да се опише, оние кои ќе го сметаат за симбол на слобода на духот, отелотворување на задоволството, материјал за сништа и копнеж.
И веројатно ова е дел од објаснувањето за континуираното прифаќање на тутунот од страна на многумина. На некое ниво, не е никотинот оној кој ги заведува, ниту пак катранот или вкусот или која и да е комбинација на хемиските елементи на пушењето. Веројатно тоа е чадот, толку слободен во неговото патување, толку бескраен во неговите можности. На Земјата не постои ништо слично, ниту пак такво нешто ќе пости - чад што го произведувате со сопственото тело, преку сопствените лачења. Ова мора да е, барем за некои луѓе, највознесувачко од сите чувства.
Токму ова се причините зошто тие се уште се држат до билката, и покрај бројните докази за спротивното. Можеби токму затоа се подготвени да се соочат со цензурата од пријателите и туѓинците, да не зборуваме за недостатокот сочувство од докторите, кои еден ден ќе го третираат нивниот пад без да понудат многу надеж. Можеби нивните духови се нестабилни, нивното внатрешно дете е остарено, а нивните приватни демони се понадворешнети - и тие не можат а да не бараат ослободување, колку и да е тоа кратко и опасно, во независноста на чадот кој се измолкнува.
(превод И.Ј.)