Книги, какао и хидропонски растенија: Варшава отвори библиотека во метро

На 4 септември на метро станицата Кондратовица во Варшава се отвори првата библиотека во метро. Таа содржи над 16.000 книги, детско катче и простор за релаксација за возрасни. Истовремено, тоа ќе биде место за културни настани. 

Иако зафаќа само 150 квадратни метри, новата библиотека, „Метротека“ во метро станица на Варшава, нуди повеќе од 16.000 книги. Дизајнерите умешно го искористиле просторот со брановидни полици за книги, што овозможува сместување на голем број изданија, како и маси за работа и детско катче.

Посетителите имаат на располагање лаптопи, а библиотеката нуди и автомат за кафе, чај или какао. Благодарение на современата технологија, книгите може да се позајмуваат и враќаат самостојно, што ја олеснува пристапноста. За оние што сакаат опуштање, достапни се и друштвени игри.

Една од иновациите во просторот се и бројните хидропонски растенија – лози, ароматични билки и цветови одгледувани без почва, под вештачко осветлување. Библиотеката не е само тивок простор за читање, туку и образовен центар за локалната заедница, со планови да организира средби со автори, работилници и часови за деца и возрасни.

Таа ќе работи секој работен ден од 10-19 часот и е соработка помеѓу градската библиотека на општината Тарговек, самата општина и Варшавското метро. 

8 септември 2025 - 09:03