Во долгата библиографска листа на дела на јапонскиот автор Кеиго Хигашино се запишани 66 романи, 20 збирки раскази и една сликовница. Се проценува дека вон Јапонија има над 700 изданија на негови книги на 8 јазици, а во оваа бројка не спаѓаат 20 книги од други автори кои му се посветени нему.
Роден во 1966, тој потекнува од работничко семејство, а како мал една од ретките забави му било читањето мистерии. Студирал електро-инженерство, а на факултетот бил капетан на стреличарскиот клуб. По дипломирањето почнал со работа како инженер, но постојано пишувал, испраќајќи дела на конкурси. На еден од нив победил, по што почнала нагорната линија на неговата кариера, која трае и денес.
Не само што е популарен во својата земја, туку и низ цела Азија, а неговите дела служат и за еден куп академски статии, па дури и магистерски тези. Тој се надоврзува на традицијата на јапонската крими-литература наречена „хонкаку“ вештина на составување интелигентни и комплексни сценарија кои можат да се решат само низ логичка дедукција (за овој јапонски жанр види претходно тука). Една од нејзините карактеристики е сместувањето на ваквите приказни среде контекстот на јапонското општество, како на традиционалното (самуари, катани, замоци), така и на современото, урбано подземје (полиција, јакузи, политичари и богаташи).
Со оглед на големиот број дела, тешко е да се заклучи од каде да се почне со читање на Хигашино, па тоа го сторивме по случаен избор од „Смрт во Токио“ од 2011, можеби поради асоцијацијата на насловот со „Смрт во Венеција“. Станува збор за книга од серија во кој главен лик е детективот Кјоичиро Кага. Тој треба да разоткрие комплексен случај: телото на Такеаки Аојаги, директор во компанијата Канесеки металс, е најдено со нож во градите, на стар мост во Токио, под статуи на крилести митолошки суштества. Патот до решението води низ мрачните ходници на забошотените корпоративни скандали, тензичните семејни односи и генерацискиот „булинг“. Иако овие елементи се присутни глобално, Хигашино им дава локален шмек со назнаки од религијата и митологијата, па и такви кои за не-јапонскиот читател укажуваат на многу поширокиот контекст во кој се одвива приказната - патријархалниот и често репресивен карактер на јапонската култура, како и верувањето во натприродни сили кои управуваат со исходот на нештата.
Англискиот превод од 2022 на моменти делува крут и премногу буквален, но тоа можеби и не е лошо. Доколку на ваков текст се примени американски сленг како од криминалистичките филмови тој премногу ќе почне да личи на нешто произлезено од западната продукција и ќе загуби од посебноста. Тоа всушност донекаде е направено со преименувањето на книгата чиј наслов во оригинал звучи многу помистериозно - „Крилјата на киринот“ (митолошко, благонаклоно суштество слично на елен, но со крлушки на змеј). Самиот наратив пак содржи пораки кои како за западен читател делуваат премногу дидактички, како покајувањето на извршителите и нивната желба да ги исправат нештата за да можат да живеат со стореното во иднина, нешто што тешко би го очекувале како катарзично финале од типичните европско-американски „кримиќи“. Но многу повеќе од обичен трилер, ова е приказна не толку за добивање на заслужената казна (на крајот не знаеме ниту дали имало судење, ниту дали и кој отишол во затвор), туку за личното искупување за стореното.
Илина, Букбокс