„Били Бад морнар“ е последниот, краток роман на Мелвил, објавен постхумно во Лондон во 1924, откако бил пронајден во ракопис во 1919 од страна на Рејмонд М. Вивер, професор на Универзитетот Колумбија и прв биограф на Мелвил. Главниот лик, Били Бад, е токму она што го најавува насловот - обичен морнар, кој од трговски брод заради потреба од војска е преместен на голем воен крстосувач. Годината е 1797, кога британската кралска морнарица се опоравува од две големи побуни и е под постојана закана на француската флота.
Убавиот, или малечкиот Били, како што нагалено го нарекуваат, е физички преубав, аполониски лик среде грдотијата на морнаричкиот живот, со лице неизвалкано од презир или од притаено злобно душевно настроение. И не само телесно - тој е истовремено толку простодушен и добар, што им ги топли срцата на сите раскарани, кои го сакаат „како што мувите го сакаат медот“. Морнарите се толку обземени со него, што некои од нив му ги перат алиштата и му ги крпат старите пантолани. Дури и неговото присилно регрутирање тој го прифаќа како да се работи за проста промена на времето. „Како животните“, вели Мелвил, „тој беше фаталист, иако не беше филозофски настроен“.
И покрај тоа што Били е белец, во него ги препознаваме типичните црти на еден „благороден дивјак“, кому ниту суровиот војнички живот, ниту мачо-хиерархијата која владее на бродот, не успеале да му го стврднат срцето и од него да направат полош човек. Уште од првите страници е јасно дека порано или подоцна тој ќе настрада, токму поради она што го краси - природата на својата доблест, која не е резултат на обичај или на правило, туку на нешто наследено од добата пред човековиот пад. „Ваквите доблести кај еден човек со неизопачен карактер се искрени, за разлика од оние кај цивилизираниот човек кои, иако пософистицирани, имаат сомнителен карактер“. Ваквиот конфликт помеѓу вродената (добра) човечка природа, и онаа стекнатата (изопачена, лоша, неискрена), која се промовира под бајракот на цивилизираноста, е една од централните теми на книгата. Единствената „маана“ на Бад, тоа што кога е возбуден д’тка и не може прецизно да се изрази, е уште една симболичка тула врз ѕидот кој го дели него од благоглаголивите и пообразовани офицери, кои овие карактеристики ги користат за остварување на своите мрачни цели.
Еден од нив е дисциплинскиот наредник Клагарт, опишан не како непривлечен но некако „дефектен по изглед“, и ист таков и во морална смисла. Мелвил ја најавува неговата притаена хомоеротска наклонетост кога вели дека кога Клегерт незабележливо ќе го погледнел Били тоа го правел со „смирен, замислен и тажен поглед, со очи чудно нагарвалени од грозничави солзи“, кроток копнеж кој покажувал дека дури и би можел да го засака Убавиот морнар, но кој многу бргу се заменувал со израз на лицето кое заличувало на „набрчкан орев“, со чуден црвен пламен во очите. Тој на правдина го пријавува Били, за наводно учество во заговор за бунт кај капетанот Вир, кој обидувајќи се дискретно да ја разреши работата ги повикува двајцата во својата кабина.
Без инстинкт кој го предупредува неукиот наивко дека му се заканува опасност, сосема ненавикнат на „местенки“, Бад во моментот не може да се снајде за вербално да се одбрани, и во еден момент го удира наредникот. Овој паѓа облеан во крв, на место мртов.
Иако со тешко срце, капетанот Вир и останатите офицери мораат да покажат одлучност и да го спроведат поморскиот закон. Последните зборови на Били пред да го обесат се „Бог да го благослови капетанот Вир“. Легендата вели дека кога овој бил ранет при поморска битка со францускиот брод „Атеист“, последните зборови му биле „Били Бад“. Нешто што нè потсети на едни други славни последни зборови, оние на граѓанинот Кејн - „Роузбад“.
Самиот роман е практично ваков, последен збор на Мелвил, бидејќи тој не го дочекал неговото објавување. Првите изданија биле транскрибирани од негов неуреден ракопис, па можно е да содржеле и голем број грешки и погрешно препишани зборови кои во филигранскиот израз на Мелвил можеле да одиграат клучна улога во толкувањето на текстот. Денешните интерпретации се исто така повеќеслојни. „Били Бад морнарот“ може да се чита како трактат за судирот на два светогледа - поетскиот и строго научниот. Тој е истовремено анализа на потиснатата хомосексуална машка желба (Мелвил имал хомосексуални искуства, дискретно назначени и во „Моби Дик“) и нејзините последици во атмосфера на табуизираност и хомофобија. Од неа можат да се извлечат и пораки против смртната казна, и за понекогаш огромниот јаз помеѓу она што го пропишува законот и она што го подразбира совеста - она што треба, и она што е добро да се стори. Сето ова згуснато во краток роман од (во македонското издание) 137 страници претставува мало ремек-дело, кое можеби би било уште помоќно доколку Мелвил поживеал за да го доврши. Врз основа на книгата во 1962 е снимен филм под истиот наслов, режиран од Питер Устинов, а 25 години по откривањето на книгата Бенџамин Бритен напишал и опера, која и денес се поставува на редовните репертоари на големите оперски куќи.
За него според Мелвил песна составил и друг морнар од предниот кош, кој со рака исцрнета од катран запишал неколку стихови, кои подоцна биле отпечатени како балада. Таа, а со неа и книгата, завршува вака:
„И сега нишалката ќе ја фрлат длабоко в море
а јас, Били, ќе си одам во својот нов дом доле.
Дремеж ме фаќа и сега длабоко ќе спијам
болката од прангиве јас веќе не можам да ја кријам.
Чувствувам, дојдено ми е време
да се ослободам од телово ко тешко бреме.
Стражару, спушти ме во мојот вечен гроб
и нека заврши мојата приказна без зла коб.“
издавач на македонското издание: Слово
превод: Кристина Димовска
види претходно: „Моби Дик или пофалба на еден велји-превод“
Илина, Букбокс