Велипеточна букбокс читанка

„БЕН-ТОВИТ“ од Леонид Андреев

Има нешто вознемирувачко во овој краток расказ на Леонид Андреев, руски писател од почетокот на дваесетиот век, особено ако се чита воочи Велигден. Петок е, и во ерусалимското маало во кое живее трговецот Бен-Товит владее голема возбуда.

Толпа народ уште од рано изутрина ја има запоседнато тесната улица која води до Голгота и околните покриви, за да може да фаќа сеир, и да фрли по некој камен на „разбојниците", кои римските војници ги водат на ридот за таму да бидат распнати. Дури и децата знаат дека меѓу нив е и Исус Христос, за кого народот зборува дека е чудотворец.

Но Бен-Товит го мачи нешто многу пострашно од страдањата на некој си таму туѓинец од Назарет. Додека со мешавина од лутина и рамнодушност ја набљудува сцената која ќе стане клучна за христијанскиот светоглед во наредните два милениуми, тој не може да престане да мисли на тоа дека го боли - заб! Иако Андреев ни го опишува како добар човек, кој во вообичаени околности не би трпел неправди и човечко страдање, под налетот на молскавичните болки неговиот морален лик се извитоперува – и тој, како и лицето и големиот нос на Бен-Товит, се грчи и стега, облеан со студена пот. Фокусиран врз сопствената болка, тој станува слеп и глув за вистинската природа на околностите кои го опкружуваат, а за кои можеби никогаш нема да дознае дека биле историски.

Жена му, емпатична како и повеќето сопруги, му простува за сите навреди кои ѝ се упатени не од злоба туку од мака, а соседот стрпливо го слуша додека тој неколку пати ја раскажува епизодата со забоболката, враќајќи се од заедничката „туристичка" прошетка до Голгота. На крајот од расказот, сонцето, осудено да го осветлува светот тој страшен ден, полека заоѓа зад хоризонтот. Но за Бен изминатиот денот сепак не е толку страшен – старото магаре е успешно трампано за помладо и појако, и што е уште поважно, забот веќе не го боли.

Дури и да не сте религиозни, расказов предизвикува реакција „од стомак". Како бре може да се споредува една банална забоболка, со страдање на човек кого со камшици, навреди и каменување го спроведуваат до местото каде треба да биде распнат на крст, и осуден на бавно и мачно умирање? Но токму таквото соочување на баналното, простото и секојдневното, со торжественото, величенственото и чудесното, е извор на дуалното чувство кое Андреев толку вешто ни го крои. Од една страна секој кого го болел заб, онака како што го боли Бен-Товит, не може а да не сочувствува со него, и да посакува наместо глувчешка лепешка тој да може да се напие барем еден Аналгин. Од друга страна, фактот што тој не успева барем за миг да си ја прошири стеснетата свест, и во неа со емпатија да ги вклучи најпрви најблиските (жената, децата од маало, соседите), а потоа и непознатите страдалници, ни создава чувство на гнев. „Да не го болеше заб сигурно ќе се однесуваше поинаку", сакаме да мислиме, на некој начин оправдувајќи му ги постапките. Но она што нè остава вознемирени не е толку нашиот однос кон некаков фиктивен лик, туку прашањето - колку пати на истиот начин сме се обиделе (и сме успеале) да се оправдаме и себеси?

На празниците не се работи не толку за човек да се забавува, туку да забави, и неоптеретен од баналното и секојдневното да се сврти кон најголемото чудо на овој свет – другите. Да, не е секој ден Велигден. Но можеби треба да биде.

* * *

Леонид Андреев
БЕН-ТОВИТ

Оној страшен ден, кога се случи светска неправда, и на Голготата помеѓу разбојниците беше распнат Исус Христос – тој ден од рано наутро ерусалимскиот трговец Бен-Товит чувствуваше неподнослива забоболка. Почна уште претходната вечер: осети молскавица во вилицата од десната страна, а еден заб пред умникот како малку да се беше подигнал и, кога го допираше со јазикот, се појавуваше лесно чувство на болка. По јадењето болката сепак целосно се смири. Бен-Товит сосема заборави на него и му олесна – тој ден успешно го трампаше своето старо магаре за помладо и појако, беше многу расположен и не им придаваше значење на злокобните знаци.

Спиеше добро и со цврст сон, но пред мугра нешто почна да го вознемирува, како некој да го викаше заради многу важна работа, и кога Бен-Товит луто се разбуди – почувствува забоболка; забите го болеа отворено и пакосно, со сета сила на болката која бодеше. И веќе не му беше јасно дали тоа што го боли е вчерашниот заб или му се придружиле и други: целата уста и главата ја исполнуваше тоа ужасно чувство на болка како некој да го беше натерал Бен-Товита да џвака илјадници вжештени остри шајки. Тој се напи вода од глинената стомна – за миг лудилото на болката исчезна, забите се стресоа и се занишаа како бранови, и тоа чувство беше дури и пријатно во споредба со претходните. Бен-Товит повторно легна, се сети на новото магаре и помисли колку би бил среќен да не се тие заби, и сакаше да заспие. Но водата беше топла – пет минути подоцна се врати уште полута болка, и Бен-Товит се исправи во постелата и почна да се лула како клатно. Целото лице му се набра и му се стегна околу големиот нос, а на носот, кој сиот беше побелен од болка, му се скаменија капки студена пот. Така, лулајќи се и стенкајќи од болка, тој ги дочека првите зраци на сонцето, на кое му беше судено да ја види Голготата со три крста и да се смрачи од страв и јад.

Бен-Товит беше добар човек, кој не ја сакаше неправдата, но кога жена му се разбуди тој, едвај отварајќи ја устата, просто ја засипа со секакви непријатности и кукања, како е осуден сам, како шакал, да завива и да се грчи од болка. Жената стрпливо ги сослуша незаслужените прекори, затоа што знаеше дека не и' ги упатува злобно срце, и донесе многу добри лекови: исчистена лепешка од глушец која требаше да се стави на образот, тинктура од отров од шкорпија и автентично парче камен од плоча со Божјите закони кои ги разбил Мојсие.

Од глувчешката лепешка му беше малку полесно, но не долго, а и од тинктурата и од парчињата плоча; после краткотрајното подобрување болката редовно се враќаше со нова сила. Во тие кратки мигови на одмор Бен-Товит се тешеше со размислување за магарето и фантазирањето за него, но кога му стануваше полошо стенкаше, ѝ се лутеше на жена си, и ѝ се закануваше дека ќе ѝ ја искрши главата со камен ако болката не му мине. И сето време шеткаше по рамниот покрив на својата куќа, срамејќи се да пријде на работ, затоа што целата глава му беше завиткана со шамија, како да е жена. Неколку пати му приоѓаа деца и со забрзани гласови зборуваа нешто за Исус од Назарет. Бен-Товит застануваше за миг и ги слушаше со згрчено лице, но потоа луто удираше со ногата и ги бркаше: беше добар човек и ги сакаше децата, но сега се лутеше што му здодеваат со секакви ситници.

Беше непријатно и тоа што на улицата и на соседните покриви се собра многу народ, кој не правеше ништо, туку само љубопитно по набљудуваше Бен-Товит, завиткан со шамијата како жена. И кога веќе сакаше да се симне од покривот, жената му рече:

- Види, ги водат разбојниците. Можеби тоа ќе те разоноди.
- Те молам, остави ме на раат. Зарем не гледаш колку се мачам? – луто возврати Бен-Товит.

Но во зборовите на жена му имаше одекнуваше нејасно ветување дека забоболката може да мине, па тој неволно ѝ пријде на оградата. Накривувајќи ја главата, замижувајќи на едното око и потпирајќи го образот со раката, тој погледна долу; неговото лице оддаваше израз на гадливост и уплаканост.

По тесната улица која водеше кон ридот, во голем неред се движеше голема толпа народ, обвиткана со прав и постојано викање. По средината на улицата, свиткани под товарот на крстовите, чекореа бедниците, а над нивните глави како црни змејови надлетуваа камшиците на римските војници. Еден од нив – со долга светла коса, во искината и со крв испрскана наметка – се сопна на камен кој му беше фрлен пред нозете, и падна. Викањето се засили, толпата направи обрач околу него и се склопи како разнобојна морска вода. Бен-Товит одеднаш се стресе од болка – како во забот некој да му заби вжештена игла и ја сврте – почна да стенка „У-у-ух" – и се тргна од оградата, рамнодушен и лут.

- Ама се дерат! – рече завидливо, замислувајќи се со расчепена уста со силни и здрави заби, како и самиот се дере и е здрав.

И од тоа болката уште повеќе се разбесна, па тој почна да врти со замотаната глава и да мука: „Му-у-у..".

- Велат дека Тој ги лечел слепите – му рече една жена која не се тргаше од оградата и, фрли камче на местото кон кое полека се движеше Исус, кого го камшикуваа.
- Како да не! Нека ми ја излечи сега мојата забоболка – иронично одговори Бен-Товит и луто, огорчено додаде: - Ама креваат прав! Како да оди стадо а не луѓе! Би требало сите да се растераат со стап! Однеси ме долу, Саро!

Изгледа дека жена му беше во право: сцената малку го разоноди Бен-Товит, а можеби на крајот на краиштата помогна и глувчешката лепешка, па тој успеа да заспие. А кога се разбуди, болката речиси ја снема, и само на десната страна се појави мал оток, толку мал што едвај се забележуваше. Жена му рече дека воопшто не се забележува, но Бен-Товит лукаво се смешкаше: знаеше колку добра жена има и колку таа сака да кажува пријатни работи. Дојде соседот кожар Самуил, и Бен-Товит го одведе да го види магарето и со чувство на гордост ги слушаше фалбите кои му беа упатени нему и на магарето.

Потоа, на молба на љубопитната Сара, сите тројца заминаа на Голгота да ги гледаат распнатите. По пат Бен-Товит му раскажа на Самуил како претходниот ден почувствувал молкавица во вилицата и како подоцна ноќе го разбудила страшна болка. За да биде поуверлив, правеше страдалнички гримаси, ги затвораше очите, вртеше со главата и стенкаше, а белобрадиот Самуил во знак на сочувство климаше со главата и велеше: - Ах-ах! Ама боли!

На Бен-Товит му се допадна сочуството на соседот, па ја повтори приказната и потоа се врати на дамнешното минато кога му се расипал првиот заб, на долната вилица, од левата страна. Така, во жив разговор стигнаа на Голгота. Осудено да го осветлува светот тој страшен ден, сонцето веќе беше зајдено зад далечните ридови, и на запад, како крвава трага, сјаеше темноцрвена лента. На нејзината позадина нејасно се исцртува темните крстови, а на подножјето на средниот крст нејасно се белеа нечии фигури кои клечеа до него.

Народот одамна беше заминат: застуде и, фрлајќи незаинтересиран поглед на распнатите, Бен-Товит го фати Самул под рака и внимателно појде дома. Почувствува прилив на особена красноречивост, па сакаше да ја заврши приказната за забоболката. Одеа така, и Бен-Товит охрабрен од Самуиловото сочувствително климање со глава, правеше страдалнички гримаси, вртеше со глава и вешто јачеше – а од длабоките долови, од далечните спржени рамнини, се креваше црна ноќ, како да сакаше од погледот на небото да го скрие големото злодело на земјата.

(Извор: „Моје белешке" на Леонид Андреев, издавач Слово љубве 1981, превод од српски И.Ј.)

22 април 2011 - 00:00