Харуки Мураками, јапонскиот писател кој со години е споменуван како еден од најсериозните кандидати за Нобелова за книжевност (која, искрено, не знаеме ни зошто би му била потребна), е човек со широки интереси. Освен по маратонското трчање (за што подетално пишувавме тука), тој е познат и како голем љубител на музиката, особено на класиката и на џезот. Бил сопственик на џез бар во Токио, а неговата колекција винили (низ која виртуелно можете да прошетате тука) брои 10.000 парчиња.
Мураками сепак не е само обичен „љубител“ и опсесивен трупач на носачи на звук. Многу поважно за настанокот и целата атмосфера на оваа книга - разговори со неговиот земјак, славниот диригент Сеиџи Озава - е неговата неверојатна љубопитност кога станува збор за тоа како музиката функционира од внатре, и како на неа гледа еден врвен професионалец. На ваквата разлика, како и разликата во години и искуство, Мураками ѝ приоѓа со должна понизност, во ниту еден момент не дозволувајќи си да се наметне со ерудицијата која секако ја има, или со теми кои на неговиот соговорник не му се пријатни, а кои би спаѓале повеќе во „жолтиот музички печат“ отколку во сферата на навистина важните прашања околу преточувањето на едно музичко дело од нотен запис до изведба.
Особено е важен и мотивот за настанувањето на книгата, што укажува на уште една битна особина на Мураками - неговата свесност за важноста на поттикнувањето на спомените и регистрирањето на исказите на значајни личности за светската култура пред тие физички да нè напуштат. Имено, иако долго време биле пријатели, Мураками и Озава (денес на 83-годишна возраст) никогаш не седнале сериозно да зборуваат за музика, а уште помалку тоа да го регистрираат и објават. Но во еден момент диригентот е дијагностициран со рак на грлото, неговите настапи се откажуваат, а тој мора да минува повеќе време одмарајќи се. Мураками, сфаќајќи ја итноста на ситуацијата, но и искористувајќи ги слободните мигови на неговиот пријател, му сугерира да седнат и да муабетат. Шесте разговори водени во различни периоди и на различни географски локации всушност ја сочинуваат оваа книга, чие англиско издание излезе во 2016.
Озава цели 29 години бил музички директор на Бостонскиот симфониски оркестар. Диригирал и со Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, Торонто и со оној на Виенската државна опера. Мураками, иако голем познавач на класичната музика, сепак нема формално образование во оваа област, а не знае да чита ни оркестарски партитури. Оттаму, еден од најголемите квалитети на оваа книга е начинот на кои тие се обидуваат да го надминат овој јаз, кој на моменти делува непремостлив.
Барем на почетокот Озава делува сомничав во успехот на целиот „проект“ - коментира прилично отсечно и не навлегува во детали. Но потоа станува јасно дека ова не е резултат на негова недоверба или затвореност, туку просто на фактот што тој, како што и самиот признава, никогаш не го рационализирал процесот на диригирање на начин на кој тоа од него го бара Мураками, ниту пак е навикнат да се изразува низ поетски метафори за нешто што за него иако има огромно емоционално значење е сепак резултат на квалитетна техничка изведба. Но љубовта со која Мураками му пристапува прави тој сè почесто на неговите коментари да реагира со „Хм..., во право си“ или „Тоа е апсолутно точно“. Некаде во текот на процесот тој признава дека ужива во нивните разговори заради тоа што му овозможуваат промена на перспективата, која за него е „свежа и неочекувана“.
Јасно е дека обратниот „превод“ е често тежок, речиси невозможен. Кога Озава објаснува дека некоја фраза треба да биде свирена „татаа-аа-ри, рари-рари, рааа-ба“, тоа може да го сфати (ако го сфати) само некој кој или ја свирел, ја диригирал или внимателно ја слушал истата. Оттаму, читањето на книгата повлекува и преслушување или прво слушање на голем број спомнати дела кои Озава ги диригирал во текот на својата долга кариера: од Брамс и Бетовен, Барток и Малер, до големи оперски дела. Мураками често во текот на разговорите му пушта различни изведби на едно исто дело, поттикнувајќи го да ги коментира разликите во интерпретацијата на оркестрите, која зависи и од стилот на диригентот, но понекогаш и од инаетот на некои од повозрасните и поавторитативни музичари (кои Озава ги наведува по име).
Особено интересни се и оние делови кои не се директно поврзани со музиката, туку со некој поширок културолошки контекст. Јапонец кој без да знае збор англиски се нашол во САД, каде на почетокот бил ангажиран како еден од тројцата асистенти на Бернштајн, Озава открива и некои интересни немузички детали. На пример дека на почетокот Њујоршката филхармонија му плаќала само 100 долари неделно, што е неверојатно малку за странец во Њујорк. Живеел по подруми, а кога се оженил, и заради тоа платата му се качила на 150 долари, почнал да живее на спрат но без климатизер. Во жешките њујоршки лета со сопругата оделе во блиското кино кое работело цела ноќ и спиеле таму, но морале да стануваат на секои два часа, да излезат во ходникот за салата да се исчисти, и потоа повторно да си дремнат.
Во таквите тешки почетоци Озава добил најголема поддршка од неговиот постар колега Бернштајн. Всушност младиот Јапонец морал постојано да ги вежба сите дела кои овој ги изведувал со оркестарот во случај тој да се разболе или заради честите патувања да не стигне на концерт. Практично живеел во Карнеги Хол, каде постоела мала просторија во салата лоцирана малку над диригентот, под агол под кој може да се набљудува и најмалото негово движење. Еднаш од таму следел концерт заедно со Ричард Бартон и Елизабет Тејлор, кои не сакале да креваат џева појавувајќи се во публика. Но и Бернштајн не му останувал должен на својот асистент, па често му овозможувал да диригира дури и да бил присутен, претставувајќи го како голема надеж на светската сцена.
Веројатно заради тоа во Америка бил великодушно прифатен. Но тоа не важело и за пребирливата Европа, која никако не можела да се помири со тоа Јапонец да диригира дела на Моцарт или Бетовен. Најимпресивен е примерот со миланска Ла Скала, каде „учената“ публика толку многу протестирала на изведбата на Тоска со која тој диригирал, што мајка му која била присутна во салата - од сосема друг културен контекст, и без знаење на странски јазик - била убедена дека тие всушност го изразуваат своето воодушевување.
Последните поглавја во книгата се однесуваат на десетдневниот престој на Мураками на Женевското езеро, каде Озава со години организира работилница за млади музичари, бирани преку строги аудиции од целиот свет. Целата атмосфера на нешто што на почетокот изгледа како хаос кој никогаш нема да се разреши, па постепеното усогласување на музичарите кои прв пат се среќаваат, и патот до завршниот концерт е просто волшебен. Токму каква што е целата приказна за музиката, која колку и до сега да ви се гледала таква, сега ќе ви биде уште помагична.
Озава ја диригира Бетовеновата 5та:
Илина, Букбокс
Во следната Букбокс читанка: „Паралели и парадокси: истражувања поврзани со музиката и општеството“ од Даниел Баренбојм и Едвард Саид