Чиста Дана: историја на миеното човечко тело

Поради пандемијата, опседнатоста со миењето раце и зголемената хигиена е нагласена. Но и без тоа, дел сме од „дезодорирана“ епоха, во која стереотипно сметаме дека нечистотијата и опојниот мирис на немиени мишки не им пречеле на нашите предци. Што и не е баш така.

Кога го прашале познатиот историчар, сер Ричард Саутерн од Универзитетот во Оксфорд, дали би сакал да сретне некои од средовековните светци и црковни лица за кои толку елоквентно пишувал, тој изјавил: „Па, не, мислам дека би имале лош здив“. Ова е веројатно точно, но погрешно би било да се претпостави дека ним ова не им пречело. Тоа е штета, затоа што за нив било многу поверојатно дека би наишле на непријатни здивови (и мириси воопшто) во споредба со нашиот, истуширан и деодоризиран свет.

Нова книга под наслов „Чисто тело: модерна историја“ од канадскиот историчар Питер Ворд, истражува една фундаментална културолошка промена во западната историја почнувајќи од 17 век - револуцијата на личната хигиена. Во времето на Луј 14 бањањето било ретко а хигиената главно се состоела од носење чиста долна облека. Но до доцниот 20 век честото, речиси секојдневно туширање и бањање прераснува во норма, а чистотата, некогаш врзана исклучиво со здравјето, станува основен елемент на убавина. Оваа трансформација подразбирала промена на сфаќања, мотиви, идеологии, технологии и практики, кои се поврзани со физиолошкото, но и со културното.

Во десетиот век еден велшки владетел им дозволувал развод на жените доколку нивните сопрузи имале лош здив. Во подоцнежните векови книги кои подучувале добри манири предупредувале да не се наметнува сопствениот мирис на соседите на софрата за вечера: на пример преку дување во супата за да се излади. Мирисите на пеколот биле замислувани како мешавина на испарувања од сифилис, тутун, твор и пренаселена затворска ќелија. Спротивно од ова, сите понуди кон Бога требало да мирисаат слатко и пријатно, но сепак доволно интензивно за тој мирис да стигне до небесата.

Се смета дека Шекспир имал многу јако чувство за мирис и бил особено сензитивен кога станувало збор за небањати луѓе или мртви тела. Зборот „мирис“ во различни форми се среќава стотина пати во неговите љубовни сонети, во кои етеричниот и божествен мирис на розата е спротивставен на немиеното и генерално распадливо човечко тело.

Сум видел ружи сино-црвени, црвени и бели,
но на образите нејзини не се тие газди;
во некои мириси помиризлива чар се мели
одошто во здивот што од саканите усни базди

(сонет 130, препев Драги Михајловски)

„Базди“ или „смрди“ притоа е честа асоцијација и на морална декаденција, како во „Хамлет“ -

„О, престапот ми согнил, базди до небо
ја има првичната најстара клетва врз себе,
братоубиството“

Во рана модерна Англија долгорочната изложеност на силни мириси предизвикувала не само нивно прифаќање, туку дури и зависност. Помеѓу историчарите е позната анегдота за човек кој чистел вц-иња, и кој кога влегол во аптека веднаш се онесвестил. Некој минувач веднаш реагирал, веројатно знаејќи за што станува збор собрал коњски измет од улица, му го ставил под носот и веднаш го освестил. Човек кој бил навикнат на смрдеа бил спасен од ист таков мирис.

За голем број наши генерации телесната чистота се поврзува со една песничка која ја учевме како мали, а чија цел беше педагошко насочување кон одржување на личната хигиена. Нè потсетија дека нејзин автор е професорот по филозофија, Јонче Јосифовски (1920-2009). Сега додуша Дана не мора да црпи кофа од бунар, но може да користи антибактериски марамчиња:

Чиста Дана

Изутрина штом си стана
на бунарот брза Дана
вади вода и се мие
уши лице таа трие.

Гнасотија ич не трпи
еве втора кофа црпи
знае Дана мома мила
чистотата дава сила.

20 јули 2020 - 11:20