Да се биде стопроцентно сигурен во локациите на настаните опишани во „Одисејата“ е речиси невозможно. Како што рекол древниот грчки географ Ератостен, оној кој би се одважил да оди по трагата на авантурите на Одисеј би требало да го има истиот талент како и мајсторот „кој му ја зашил торбата со ветрови на Еол“, онаа која богот му ја подарил на митскиот херој за тој да може побргу да стигне дома, а која неговиот екипаж од алчност ја отворил мислејќи дека внатре има богатство, и со тоа растурајќи ја магијата.
Па сепак, две соседни места во Италија тврдат дека се вистинските локации кои ги навел Хомер кога во „Одисејата“ раскажувал за моментот кога Одисеј паѓа под влијание на нимфата (вештерката, волшебничката) Кирка и нејзините магии, која ги претворила неговите луѓе во свињи а него во нејзин љубовник. Едното е вулканскиот остров, а другата е планината Чирчео, која се протега кон Тиренското море и која (како што гледаат нечии очи) има облик на гола жена која спие. Двете одмаралишта се наоѓаат на брегот помеѓу Рим и Наполи, кој се нарекува и Ривиера на Кирка.
Во Понца има само 3,500 жители, но летно време им се придружуваат 100,000 туристи кои се сончаат на славните гранитни карпи околу градот. Истото важи и за Чирчео, каде 9,000 локалци се мешаат со 90,000 туристи секоја година. И во двете места улиците, продавниците, хотелите и рестораните се именувани според митолошките љубовници: најпознатиот бар во Понца се вика „Магесничката Кирка“, киното „Одисеј“, а бротчиња секојдневно пренесуваат стотици исончани Јапонци до пештерата на Одисеј, каде се вели дека тој слегол од бродот. На само 30 километри на полуостровот Чирчео постои иста таква пештера (на Кирка), врв наречен според неа на кој има древен храм, шеталиште Кирка и луксузен хотел Maga Circe. На обете места цените се изгор: четиричлено семејство тешко дека би поминало ден без 700 долари.
Таканаречените локални експерти кажуваат своја верзија согласно тоа дали се од едното или од другото место. Симонета Нанини, професорка по старогрчка литература на универзитетот Болоња вели дека сите божици, како Кирка или Калипсо, живееле на острови, што во случајов оди во прилог на Понца. Древните географи и поети се прилично колебливи, па не можат да се земат предвид како сигурни извори. Она што е поверојатно е дека патувањето на Одисеј е повеќе симболичко, и дека Хомер никогаш не ги имал посетено местата кои ги споменува. „Тоа не е реален свет туку мешавина на мит и нарација. Поентата не е во географијата, туку во патувањето до границите на тогаш познатиот свет“, вели Роберто Николаи од Универзитетот Ла Сапиенца. „Хомер опишува фантастичен универзум населен од чудовишта, волшебници, ѕверови и богови за да покаже како лукавиот херој го победува непознатото“.
Жителите на Понца и на Чирчео сепак не мислат така.
Извор: Њусвик