Чешката претстава во која е прв пат спомнат зборот „робот“

Работа-роб-робот. Звучи многу познато, и лингвистички, и како чувство. Но Карел Чапек бил прв кој го употребил зборот во контекст на дистописката иднина на трудот, во која роботите ќе ја преземат работата на луѓето. Кои пак ќе станат нивни робови.

Во моментот кога се случила премиерата на неговата претстава R.U.R (Rossumovi Univerzální Roboti, „Росумски универзални роботи“) во 1921, Карел Чапек веќе бил познат чешки интелектуалец. Како и голем број негови современици, и тој бил ужаснат од масакрот кого го предизвикале механичките и хемиските оружја употребувани во текот на Првата светска војна. Истовремено, бил крајно скептичен во врска со утописките идеи на науката и технологијата. „Производот на човечкиот мозок има излезено од контрола на човечките раце“, изјавил тој непосредно пред премиерата.

Претставата почнува во фабрика која прави вештачки луѓе, наречени „роботи“ од синтетички органски материјали. Тие не се баш роботи во денешната смисла на зборот, туку се суштества од крв и месо, поблиски до модерната идеја на андроиди или репликанти кои можат да бидат помешани со луѓе. Најпрвин изгледа дека се среќни што работат за нивните господари, но набргу се случува роботска буна која доведува до истребување на луѓето.

Терминот „робот“ доаѓа од чешкото „робота“, во смисла на неплатен труд (од словенското „раб“ - роб). Контрастот помеѓу роботите како механички робови и нивната потенцијално бунтовничка природа го одредува тонот на подоцнежната западна карактеризација на роботите како робови кои излегуваат од контрола. Оваа дуалност се одржува низ целиот 20 век: Терминатор, Hal 9000, репликантите од „Блејд Ранер“.

Денес малкумина се сеќаваат на претставата R.U.R. Но на времето драмата била сензација, со преводи на 30 јазици веднаш по нејзиното објавување. Речиси 100 години подоцна терминот „робот“ и светогледот на Чапек изгледаат поактуелни од кога и да е.

извор

9 август 2019 - 12:50