Помеѓу своите колеги - физичари, Чарлс Рихтер (1900-1985) бил познат како повлечен, страствен истражувач на земјотресите. Со диплома од престижниот Кал-тек, тој по докторирањето работел во тогаш новата Сеизмолошка лабораторија во Пасадена, под раководство на Бено Гутенберг. Во 1932 тие двајцата ја развиле скалата за мерење на моќта на изворот на земјотресот, која била наречена само по Рихтер, неправда која самиот Чарлс се обидел да ја исправи дури по смртта на неговиот ментор. По ова се вратил на Кал-тек каде го поминал остатокот од кариерата, станувајќи професор по сеизмологија.
Помеѓу колегите бил познат како исклучително повелечен и страствено посветен на науката. Но она што многумина не го знаеле е дека тој бил исто толку страствен нудист, а пишувал и поезија.
Во биографијата на Сузан Хоу од 2016, „Рихтеровата скала: мерка на земјотресот, мерка на човекот“, авторката, и самата геофизичарка, ги истражува документите оставени од Рихтер и врз основа на нив, како и на интервјуа со семејството и колегите, ја разгледува неговата сложена животна приказна. На моменти тој покажувал во најмала рака необично однесување, спротивно на вообичаената повлеченост. Така, понекогаш се појавувал на работа носејќи две кравати, а кога носел само една таа секогаш била исфлекана.
По повод пензионирањето, неговите помлади колеги од бенд наречен Д Куиднункс му напишале и испеале песна под наслов „Рихтеровата скала“, која споменува историски значајни земјотреси во САД (целата со музика може да се слушне тука). Таа воопшто не му се допаднала, затоа што сметал дека ја вулгаризира науката и не му било незгодно тоа и да го покаже. Неговиот „чурук“ карактер го објаснувале со тешкото детство. Неговите родители два пати се земале и два пати се разведувале, а тој како дете за малку ќе умрел од колера. Детските трауми ги преточувал во поезија, а една од песните вели: „Задишаното дете и несаканото момче/Се уште живеат во сенките/Чекајќи го својот миг“. Очигледно Рихтер имал свои лични земјотреси, чија јачина ја знаел само тој.