автор: Теофил Панчиќ („Време“, со претплата)
Постојат отприлика десетина луѓе кои пишуваат за весници (и портали) како занает, и чие сè, баш сè, го читам и не прашувам: ако пишуваат за хортикултура или за кабуки тетар, океј - ќе читам за хортикултура и кабуки театар. За среќа, додуша, ретко пишуваат за тоа... Тие луѓе живеат во разни градови на поранешна СФРЈ, но интересно е што скоро половина од нив живее во малиот и по многу нешта (освен по климата) за живот непогоден Сплит; повеќе ги има таму отколку во Белград и Загреб заедно... А кога би ме приморале да издвојам еден меѓу нив, и тоа не би ми било тешко: тоа би бил Борис Дежуловиќ. Зошто? Па, како да ви кажам... Има во тие десетина баерм еден пообразован од него, има и други чисто литературно понадарени, има трети поостри, има четврти подуховити (а не е толку лесно да се биде подуховит од Дежуловиќ!), има петти не-знам-веќе-што, но никој ги нема сите тие доблести така избалансирани како тој, ако ме разбирате, а сигурен сум дека ме разбирате ако го читате. Ако не, што воопшто правите во животот?!
Помеѓу останатите свои ангажмани, Дежуловиќ седум и кусур години пишуваше колумна во сараевско Ослобоѓење. Таа најчесто почнуваше со дежурниот мотив како во два наутро од кафана му се јавува Кожо да му раскаже виц затоа што „има тој таков обичај, да зврцне во глуво доба од кафана да каже виц“ (Кој е Кожо? Неупатените мислат дека е измислена личност, но далеку од тоа! Имав задоволство да го запознаам господинот). Но тогаш од тој виц Дежуловиќ ќе исплетеше една од своите сјајни феноменолошки опсервации на тема на ексјугословенските глупости, во Ослобоѓење, значи најмногу босански а од босанските најмногу бошњачки. Затоа што таков ви е Дежуловиќ, како Фрљиќ: најслатко му е да плука во бунарот од кој пие вода.
Епа на тоа минатата недела му дојде крај. Нема тука детално да објаснувам како и зошто, ќе ве упатам на неговиот проштален текст „Нема веќе заебанција“ на сајтот на весникот. Енивеј, за мрзливите, само ова: Дежуловиќ одлучил на свој начин да се позанимава со ем идиотското ем прилично бласфемичното дрдорење на Барик Изетбеговиќ за Ердоган како за нов „божји пратеник“, но Ослобоѓење заклучило дека тоа не оди во весник (а паднале, ако добро разбирам, и некои телефонски повици од страна на Бакир...), прибидејќи, пази сега, тоа ги навредува верските чувства на граѓаните, па и тоа не беше доволно, туку уште таа немила работа ја прави баш на почетокот на светиот месец Рамазан... А каде си нашол, побогу, сред Сараево и сред Рамазан да бидеш Борис Дежуловиќ?! Мислам, може, но дај „смањи доживљај“! Само, што вреди кога тоа е невозможно затоа што Дежуловиќ „на смалено“ веќе не е Дежуловиќ? Замислете го како нервозно го прелистува календарот прашувајќи се кога веќе еднаш ќе помине тој Рамазан, па да се опушти?
Како и да е, колумната не излезе, а Б.Д. заклучи дека во такво друштво не му е веќе местото, па се заблагодари на вниманието и се одјави (со текст кој сосема соодветно завршува со „Да ве ебат тоа чувствата!“), и така Кожо престана да му се јавува од кафана во два после полноќ да му раскаже виц.
Што е поентата на оваа приказна? Како што Дежуловиќ и останатите митски основачи на Ферал, со самите свои имиња носат силна симболичка енергија, таква слична носи и Ослобоѓење, сериозен и врамнотежен весник, граѓански и секуларен, спротивставен на националистичките опции и на верскиот фундаментализам пред, за време и после војната. Во Сараево и во повоена Босна, богами, и специфичен знак на распознавање на светогледи: се знае кои и какви со кафето го мезат, и даваат огласи и некролози во Ослобоѓење, а какви во Аваз или на друго место...Или се знаеше? Ма не, уште се знае, но од ден на ден сè помалку, а во тоа е и финтата: во тивкото, постепено „глајхшалтување“, пеглање кое е методолошки слично на фамозното варање на жабата. Тоа е во тек во голем број угледни и сериозни медиуми низ СФРЈ (а секако и пошироко), некаде заради јасни или матни промени на сопственичката структура, на друго место заради беспарица која тера во недостојни компромиси, на некое трето место поради некоја трета калкулација на оние кои ги „имаат“ медиумите, оние кои со нив управуваат, и оние кои ги уредуваат, на четврто поради брутална политичка окупација на редакциите (примерот на Политика е илустративен, токму како и серијата на нејзини разделби со колумнисти и коментатори кои не беа подготвени да го зауздаат јазикот во согласност со новите смерници). „Дежуловиќите“ тука се згодна мамка за одреден вид публика, но тие не би требало претерано да се соживуваат во својата улога, да знаат да застанат: важи, биди ти брате, како и да се викаше, Дежуловиќ, но немоја баш секогаш и баш скроз...
Причините и мотивите на ваквото „пеглање“ најчесто се банални и проѕирни, и најчесто спаѓаат во евергрин жанрот на интервенирањето на политичката и на економската моќ во слободата на медиумите. Но сепак, и ридесетиот Балкан се (пост)модернизира, па сè почесто се спроведува превентивна или а постериори цензура заради уредничкото или сопственичкото чувство на нелегитимност на „навредувањето на националните и верските чувства“ и слично на тоа, што е типична цензура од десно-конзервативни позиции, а некаде, во засега далеку поретки случаи, главно во слабо влијателните онлајн медиуми на специфични општествени групи кои себеси - со причина или без неа - си припишуваат авангардна и еманципаторска улога, заради огрешувањето на некој премногу разигран автор/ка околу некое од се понапорните табуа на „политичка коректност“, што е пак фетиш на лево-лебиералното медиокритетство. Се додека и едните и другите и третите, и од лево и од десно и од средината, не се најдат гушнати и на куп, во истата ништожност на (само)кастрираноста, неспособни да кажат што и да е суштинско, и без кого и да е кој би ги читал и би ги слушнал.