По соопштувањето на Букеровата награда за 2018

Букерот прв пат оди во Северна Ирска

Ана Брнс стана прв автор од Северна Ирска кој го добива престижното признание, за романот „Млекарот“, приказна за млада жена која е сексуално малтретирана од моќен маж.

Во најавата за можните добитници на Букер за 2018 пишувавме за графичката новела „Сабрина“ на Ник Дрнасо - трилер дистопија во која се истражува исчезнувањето на млада жена. Навивавме за него, заради поддршка на медиумот на графичкиот роман, кој ќе беше првиот кој добил Букер.

По соопштувањето на наградата вчера, 16.10, излезе дека „Сабрина“ не ја доби. Но сепак нешто се случи за прв пат - Ана Брнс е првиот добитник на Букер од Северна Ирска на признание кое се доделува секоја година за најдобар оригинален роман напишан на англиски и објавен во Британија, а кое прв пат е доделено во 1969. Наградната сума изнесува 50.000 фунти или 57.000 eвра, плус огромен публицитет и можност да се биде преведен на голем број јазици.

Ова е трет роман на Брнс, опишан како „храбар“ и „експериментален“, во кој главниот лик е 18-годишна девојка, која е малтретирана од многу постар маж. „Ова е приказна за бруталноста и отпорот, пронижана со мрачен хумор“, изјавил филозофот Кваме Антони Апиа, претседател на жирито.

Авторката по соопштувањето на наградата била шокирана, и изјавила дека парите ќе ги употреби за да си ги плати долговите и да живее со она што ќе ѝ остане. Освен што е прв добитник од Северна Ирска, таа е прва жена која добива Букер по 2012, кога добитничка беше Еленор Катон за The Luminaries.

17 октомври 2018 - 08:15