„Луцидна но и морничава анализа на природата на довербата и на вистината во време на ерозија на обете“, напиша критичар на Гардијан за „Сабрина“ пред некој месец. Сега нејзинот автор, 29-годишниот цртач Ник Дрнасо, е првиот кој со графичка новела е номиниран за престижниот Букер во историјата на ова признание.
По исчезнувањето на младата Сабрина, пилот на американската армија е вовлечен во мрежа претпоставки, теории и лажни вести. Неговиот пријател од детството е дечко на исчезнатата, а нејзината сестра се обидува да ги исполни деновите чекајќи каква и да е информација за нејзината судбина. Книгата зборува за свет во кој нема одговорност и блискост, а меѓучовечките односи се сведуваат на комуникација преку „студени“ монитори.
„Сите ја прочитавме и бевме восхитени од неа“, изјавил еден од членовите на жирото за Букер, авторот на крими бестселери Вал МекДермид. „Графичката новела сè повеќе станува централен медиум за раскажување приказни, и сметавме дека оваа го прави токму она што би требало да го прави секоја добра фикција“.
Конкуренција на „Сабрина“ се 12 други дела од шест британски, двајца американски, двајца канадски и двајца ирски писатели. Помеѓу нив оваа година е само еден поранешен добитник на Букер, Мајкл Ондаатје за „Воена светлина“, која зборува за Лондон во 1945, оценет од критиката како „брилијантен шпионски роман“. На Ондаатје овој месец му беше доделен и „Златниот Букер“ за најдобро прозно дело кое ја добило оваа награда во претходните 50 години, за неговиот „Англиски пациент“.
Долгиот список за овогодишнот Букер е направен со избор од 171 пријавени книги. Финалистите ќе бидат соопштени на 20 септември, а победникот за 2018 на 16 октомври.