Букбокс репортажа од Виена: „Другарот Сонце“ - изложба за врската помеѓу сончевото зрачење и револуциите на Земјата

„Геносин Зоне“ во изложбениот простор на Кунстхале во Виена е спој на научни дискурси и нивно уметничко толкување. Темата е генерално многу интересна, но особено за земји кои имаат силна симболична поврзаност со сонцето, како нашата. 

Веројатно намерно, влезот и целата поставка под наслов „Геносин Зоне“ во Кунстхале во Виена, која се отвори на 16 мај а ќе трае до 1 септември 2024, е сместена во простории кои се прилично темни, за така да се акцентира значењето на Сонцето без кое не би живееле ни во метафоричен, ни во многу буквален мрак.

Таа започнува со големо пано под наслов „Делумен список на револуции кои се преклопиле со соларниот максимум 1785-2020“, преземено од текст на Микхаил Горбанев од 31 јули 2020, под наслов „Променливи шеми на вонредни економски и општествени настани поврзани со соларниот циклус“. Под „соларен максимум“ се подразбира ситуација во која сончевото зрачење кулминира и тоа на секои 11 години кога сончевиот магнетен пол ја менува насоката. Ова се совпаѓа со исто така максималниот број сончеви дамки што се забележуваат на неговата површина.  

Таквиот силен интензитет на зрачење, според Горбанев и неговите истомисленици, доведува до зголемена јонизација во атмосферата на Земјата, а тоа пак ги прави луѓето раздразливи, нервозни и бунтовни. Притоа не мора да станува збор само за револуции, туку и за други облести на човечкото дејствување, како економијата и пазарите (кога подразбира економска криза и рецесија), а во климатска смисла со „пореметеност“ на годишните времиња и екстремни температури. 

Поставката сепак се фокусира на политичките превирања поради едно интересно совпаѓање - „револуција“ во астрономијата означува кружно движење на некој небесен објект околу друг, на пример, кружењето на Земјата околу Сонцето за време од 365 дена, 6 часа и 9 минути. Но во 18-тиот век „револуција“ почнало да означува насилно рушење на постоечкиот политички и социјален поредок, значење кое од тогаш било „фиксирано“ преку Француската револуција. Дури и површниот поглед на спомнатото пано визуелно ја потврдува теоријата - максимално сончево зрачење е регистрирано за време на најголемите глобални пресврти и кризи, имено токму во периодот на Француската револуција, Големата депресија, околу големите војни од 20-тиот век, па и (експлицитно наведено) во текот на распадот на СССР и Југославија. 

Сите изложени дела го разгледуваат овој феномен низ различни медиуми - фотографија, цртежи, видеа, а програмата со придружни настани (работилници и предавања) го следи патувањето на Сонцето во текот на мај-септември. Сепак, едно видео најмногу ни го привлече вниманието. Станува збор за нешто помеѓу визуелен есеј и документарец под наслов „Година на мирното сонце“ (The Year of the Quiet Sun).

Од ноември 1964 до ноември 1965, земјите низ светот, вклучувајќи голем број тогаш нови независни африкански држави, но и некои од социјалистичките, издале поштенски марки и организирале други активности со кои ја одбележале првата научна експедиција која ја истражувала површината на Сонцето (секако од Земјата). 

Додека биле свртени кон Сонцето, тие на некој начин ја маргинализирале нестабилноста на Земјата: воените пучови, граѓанските војни, востанијата и кризите од спомнатиот период. Но истовремено симболиката на „мирното сонце“ била искористена за промовирање на дебата и план за мир, како движењето на „неврзаните“, нам познато од времето на поранешна Југославија, кој се фокусирал на борбите за независност, искоренувањето на сиромаштијата и спротивставувањето на колонијализмот и империјализмот. Неговите земји-членки претставувале 55% од населението на планетата и речиси две третини од членовите на ОН. 

Поставката ја потврдува старата вистина, дека она што дава живот може лесно и да го уништи. Сонцето е и физички извор на енергија, но дури и во својата нематеријална форма е моќен симбол кој некого може да згрее, а друг да го спржи.

Илина, Букбокс

14 јуни 2024 - 14:14