„Не разубедувај ме, мил мој Протеј,
младич што не мрда никаде, ограничен е во умот.
Да не ти ја ставила во пранги младоста кревка
со погледи мили саканата твоја лична,
би те молел да тргнеш со мене
и да ги видиш чудата на светот голем
место дома што си се затворил ко некоја баба.“
Точно со вакво чувство тргнав за Верона, по три години пандемиско „бабување“ и неодамна прележан Ковид. Сама, придружена со доза инает и билет за концерт на Ник Кејв. Со две асоцијации на овој град: збирката „Љубовниците од Верона“ на Предраг Луциќ во која на потпишаните парови на ѕидот близу куќата на Јулија тој им измислува контекст и судбина. И на „Двата витеза од Верона“, малку позната комедија од Шекспир кои некои проучувачи ја сметаат за дебитанска драма на бардот и прва во која хероината се преправа во момче. Во неа на хумористичен начин се опишува залуденоста на заљубените, а главниот женски лик се вика - Јулија. Оваа комедија се смета за негово најслабо дело, и секако е во сенка на трагедијата од која овој град профитира, на онаа другата, исто така измислена Јулија.
Приказната врз којашто е базирана „Ромео и Јулија“ е всушност ренесансно англиска, содржана во поемата „Трагичната историја на Ромеус и Џулиета“ на Артур Брук од 1592, кој пак самиот бил инспириран од постари италијански дела. Неговата верзија е опишана како „банална“ и „штура“, па и не е грев што еден генијален автор како Шекспир му ја украл и во неа вбризгал и мелем, и љубовен отров. Она што денес им се претставува на туристите како куќа на Јулија (со славниот балкон и нејзината статуа излижана од допири) се наоѓа на Виа Капело, во куќа која припаѓала на семејството Капело, попознати како Капелети. Или ова Шекспир лукаво го поврзал со Капулетите од неговата драма, или таквата лукавост ја покажале туристичките власти на Верона, додавајќи го балконот на градбата во 20 век.
(забележете го натписот Шкупи)
Mалиот музеј и реката љубовни аџии само ја потврдуваат нашата потреба за приказни, макар и знаеле дека сето ова е обична сценографија. И тоа буквално: во „музејот“ е изложен реалниот кревет кој се користел во филмската адаптација на „Ромео и Јулија“ на Франко Зефирели од 1968. Уште еден филм, „Писма до Јулија“ (2010) е инспириран од вистинските писма кои ги оставаат тука туристите, и ја раскажува приказната за американска туристка која пронаоѓа неодговорено писмо помеѓу камените плочи, почнувајќи потрага по мистериозното момче (спојлер: типот е италијанско фраерче по име Лоренцо).
Чинија паста биголи со ’ндуја (пикантен намаз од свински колбаси) и мус од жалфија со џем од чери домати подоцна, Јулија може слободно да биде и Хана Монтана. Не пречат дури ни тешките облаци што се собираат над Арената, иако сите наоколу делуваат подобро подготвени за концертни неволји на отворено од мене. Белиот чадор - подарок од другарка за на пат, со знакот на Црвен крст, ја врши својата хуманитарна мисија собирајќи под него неколку души. Во публиката, пак, се прелеваат сините, жолтите и црвените бои на тенките кабаници, море од шушкавци чии капки светкаат под рефлекторите. Продавачот на пиво едвај се пробива низ толпата, викајќи на цел глас, како продавач на семки, нешто со рима а можеби и во јамбски хексаметар - „бира фреска...нешто-нешто...песка“. Гласот му се одбива од камените трибини и звучи како да зборува на мегафон.
По речиси час и половина с’спенс и тренирање мотивација се слушаат првите тактови на I Need You. „Кога се чувствуваш како љубовник/веќе ништо не е битно“. Ништо од светот вон ѕидините на амфитеатарот на Пјаца Бра, нивните секојдневни маки и стравови, веќе не допира до 22-те илјади луѓе кои наскоро паѓаат во „прејз д лорд“ расположение.
Пред сцената има голема и длабока дупка која Ник ја прогласува за свет на духови кои го следат на сите концерти и тивко ги м’мкаат песните. Душите на невидливите и на живите за миг се спојуваат, into his arms. Престанува да врне, а над арената осамнува невидлив божилак. Љубовниците се мртви. Ама ние уште не сме.
Илина, Букбокс