Букбокс на Македокс: „Подобро да полудиш во дивината“ (Чешка, Словачка, 2025)

Што се случува кога двајца ќе решат речиси целосно да се повлечат од светот, но сепак не можат да избегаат еден од друг? Токму во тој простор меѓу слободата и зависноста, самотијата и блискоста, се случува документарниот филм „Подобро да полудиш во дивината“ на словачкиот режисер Миро Ремо. За неговото доживување (можеби) е добро да се знаат пар детали однапред.

Понекогаш во оваа рубрика имаме дилема, дали за одреден филм што сме имале прилика да го гледаме пред неговата македонска проекција да пишуваме пред или по неа. Првата опција ја бираме кога објаснувањето на вон-филмскиот контекст не претставува спојлер, туку напротив би требало да помогне во доживувањето и вреднувањето на филмот. 

Таков е и случајот со „Подобро да полудиш во дивината“ (на програмата на овогодинешниот Македокс на 21.08.) кој ја следи приказната за Франтишек и Ондржеј Клишик, шеесетгодишни браќа кои живеат во стара семејна куќа во Шумава, на чешко-германската граница.

Филмот, кој е на граница помеѓу документарен и игран, не нуди речиси никаква позадинска информација за единствените два лика кои се појавуваат во него. Оттаму, за некои гледачи (како нас) тој на моменти може да изгледа конфузно и по малку клаустрофобично ѕиркање во интимата на луѓе за кои немаме добро објаснување зошто биле избрани за филмски субјекти, освен тоа што се „егзотични“ и по стилот на живот, а и физички - обајцата се „исусовски“ слаби и со долги бради, а едниот од браќата има само една рака и видлива дупка во главата. 

Двајцата се близнаци, но се спротивности. Франтишек е импулсивен, непредвидлив, поетски настроен и склон кон алкохол, додека Ондржеј е посмирен, практичен и постојано се обидува да ја одржи куќата, животните и брата си во некаква рамнотежа. Едниот го доживува животот како простор за слобода и импровизација (измислува перпетуум мобиле машини и гротескни крилја за летање), другиот воведува колку-толку ред во хаосот.

Но, мало чепкање во контекстот открива дека зад овие старци стои не само егзотика, туку и интересна приказна пред нивната изолација. Тоа нè доведе до чешката архива „Меморија на нацијата“ (Памет народа), која вклучува лични сведоштва на различни соговорници во форма на усна историја, а во случајов и онаа на Франтишек. Дознаваме дека е роден во 1963 година, како близнак на Ондржеј. Нивните родители биле Словаци од Романија, кои по Втората светска војна се доселиле во Шумава (Чешка), во куќа што претходно му припаѓала на германско семејство. Детството на браќата било тешко. Дома се зборувало словачки, а во училиштето не знаеле добро чешки. Биле исмејувани и малтретирани, двапати повторувале и на крајот завршиле само седмо одделение.

Франтишек во еден момент се сели во Прага и влегува во светот на алтернативната култура, панкерите, дисидентите и подземната уметничка сцена. Читал, пишувал поезија, пиел и постепено станал дел од онаа културна и политичка средина која во последните години на комунизмот се обидувала да создаде простор за слободно мислење. Во доцните осумдесетти се приклучил на Движењето за граѓанска слобода, а во 1989 година учествувал во создавањето на граѓански форуми низ јужна Чешка. По падот на комунизмот брзо се повлекол од политиката. Својата улога во дисидентството подоцна ја опишувал многу просто: „Сакав да бидам против нешто“. Кога борбата против режимот завршила и започнала политиката како институционална работа, веќе не се чувствувал свој на своето. 

Освен тоа, доживеал и несреќа која ја запечатила оваа одлука - во 1987 година, додека работел во пилана, најверојатно алкохолизиран, си ја пресекол раката. Подоцна работел како ѕидар и научил да функционира со повредата. Во филмот токму недостатокот на раката е највидливата разлика меѓу близнаците која прави лесно да се разликуваат. Нивната куќа, пак, станува трет главен лик во филмот. Таа е стара, неуредна, постепено пропаѓа, но истовремено е единственото место каде што двајцата се целосно свои. Околу неа се животните и шумата.

Тука филмот станува особено интересен. Режисерот Миро Ремо внесува елементи на поетско и речиси надреално кино. Најчудниот пример е кравата која добива свој глас во нарацијата. Нејзиниот глас го позајмува чешкиот актер Јиржи Лабус, познат и како гласот на Марџ Симпсон во чешката верзија на „Симпсонови“. 

Уште позабележлив е мотивот на огледалото. Ремо поставува големо огледало околу куќата и во шумата, создавајќи необични одрази на двајцата браќа и нивната околина. Тоа станува визуелна метафора за нивната ситуација: тие се две личности и два темперамента, но се и две половини од еден заеднички живот. Браќата живеат речиси изолирано од општеството, но никогаш не се целосно сами. Нивната најголема противречност е што сакаат слобода, а во исто време се врзани еден за друг. 

Жирито што пред една година му ја додели главната награда на Meѓународниот фестивал во Карлови Вари го опишува филмот како духовит и инвентивен портрет на двајца браќа кои, живеејќи необичен живот на напуштена фарма, во еден луд свет изгледаат како најразумните луѓе. Но само неколку дена по добивањето на ова признание филмот доби ненадејно продолжение во животот - Франтишек е пронајден мртов во езерце во близина на селска гостилница, по прославата на наградата. Со тоа се исполнува неговото „пророштво“ содржано во филмот, дека ќе биде оној што ќе умре прв, придружено со извинувањето за истото кон брата си и со молба кон него - „носи ми цвеќе на гробот“.

Илина, Букбокс

19 август 2026 - 08:29