
Романот „Црно семе“ на Ташко Георгиевски од 1966 е потресно дело што ја отвора темата за македонскиот идентитет. Кој е вашиот мотив за оваа нова драматизација (по онаа за истоимениот филм од 1971 на Кирил Ценевски) - дали конкретната судбина на населението од Егејска Македонија или третирањето на универзални теми за човечките права, репресијата и облиците на отпор?
Темата на „Црно семе“ е голема, посебно за историјата на Македонецот од Егејска Македонија. Но таа е релевантна и за сите други приказни за луѓето кои завршиле на слични места како островите кои се користеле како концентрациони кампови. Морам да признам дека двете причини постоеја во мојата глава и наизменично стануваа приоритетни во делот на подготовка за пробите. Но како што се кристализираше сликата во мојата глава, така сфатив дека големината на темата е универзална, и дека секој мал народ има слична судбина во однос на непризнавањето на потребата да се чувствуваат како свои. Преку занимавањето со прашањето дали треба да се издржи и да се остане свој и покрај сите притисоци, мислам дека направивме претстава која зборува за индивидуалното страдање и начинот на кој секој еден човек го носи крстот, и како се бори со тоа да остане свој, но и што е она што го крепи да издржи, бидејќи „Мислата е посилна од сè“!
Се има впечаток дека во медиумите и кај стручната јавност (лингвисти, историчари), подолг период темите поврзани со децата-бегалци и воопшто со историјата на Егејска Македонија отсуствуваат. Па и во уметноста, како таа да замира со заминувањето на повозрасната генерација автори, кои како и Георгиевски ја доживеале судбината за којашто пишуваат. Дали вашата претстава е обид за заживување на оваа дискусија, која нужно повлекува и политички толкувања?
Мислам дека е многу важно да зборуваме за нашите теми и за нашите приказни. Приказните кои постојат во нашата традиција треба да останат живи за новите генерации да не ги заборават и да им станат туѓи и далечни. А мислам дека веќе сме оддалечени од темата, посебно младите генерации кои не ја знаат приказната за големиот егзодус и раселувањето на 28 илјади деца во период од две години. За да се создава национално чувство, треба да ги знаеме своите приказни. Потребно е да ја знаеме својата историја и многу потребно е да ги раскажуваме нашите приказни. Бидејќи ако ние не ги раскажуваме, нема да има кој да ги раскажува. Со текот на времето ќе паднат во заборав.
Идентитетот во претставата не е исклучиво поврзан со некаква апстрактна идеологија. Тој има врска со приказните раскажани од старите, со јанија со суви сливи за празник, со макано лепче топено во матеница за делник, со љубовта кон жена. Што е за вас „македонски идентитет“?
Кога зборуваме за идентитет и национално чувство, за мене, главна улога има еден стих на Петре М. Андрееевски „Во скутот на баба ми ја запознав својата татковина“. Што значи националното чувство се учи, не е нешто со кое се раѓаш. За мене македонски идентитет се песните „Што имала к'смет Стамена“ што ми ја пеел татко ми, приказната за врапчето што ми ја раскажувала баба ми, сцената кога соколот го носи Старецот во претставата „Подземна република“ од Битолски театар, кога го читав романот „Последните селани“ од мојот соселанец Петре (кој секако е присутен во драматизацијата на Црно Семе со неколку песни поезија), идентитет е оригиналниот саундтрак на „Пред дождот“. Идентитет се питулиците на баба ми што секој викенд ги правеше кога ќе дојдевме кај неа, идентитет е мирисот на печени пиперки, мирис со кој повторно се враќам во Демир Хисар, каде и да се наоѓам во светот. Сите овие спомени, сеќавања и искуства се дел од мојот идентитет, кој е доволно сличен со уште околу 2 милиони луѓе за да се нарекуваме дел од еден ист народ.
„Овде е поважно да не ти ја расипат душата“ - вели лик во претставата за физичките мачења на островот. Колку политичките превирања од последниов век ја имаат променето - можеби и расипано - душата на Македонецот? Има ли виновник, освен апстрактната „судбина“?
Македонецот низ текот на историјата имал тешка задача да не дозволи некој да му ја расипе душата. Многумина се обидувале, и на многумина успеале да им повлијаат, но постојат доволен број на луѓе кои не дозволиле да ги поколебаат. За нив големиот Петре ја напишал мислата од Пиреј „Племето наше е пиреј и не го ништи ниедна војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!". Секогаш ќе има луѓе кои се потпишале и се откажале, и со тоа дозволиле да им ја расипат душата, ама нив може повеќе да ги разбереме отколку оние кои истрајуваат до крај. Тие за мене се вистинските херои, оние кои издржуваат до крај, без разлика на последиците и јас на нив гледам со восхит.
Каква беше реакцијата на премиерата и колку вие и екипата сте задоволни од постигнатото? Почувствувате ли некаков притисок од надвор правејќи ја претставата (дека истата не мора или не треба да се случи)?
Премиерата помина со големи аплаузи и овации, со солзи и воздишки, кои и ги очекувавме бидејќи знаеме дека Битола е еден од градовите во кои има најмногу потомци на Егејците. Но она што за мене беше најбитно, публиката ја усвои приказната на тие луѓе од островот и секој еден што ја изгледа претставата сега ќе се сеќава на имињата на Доне, Христо, Парис, Марко, Нико, Димо, Јане, Ѓорѓи, Ангелина и сите други кои страдале на тој остров. Освен позитивниот притисок дека правиме претстава по култниот роман на Ташко Георгиевски и дека треба да ја оправдаме довербата, друг притисок не се појави додека се создаваше претставата. Се надевам дека тоа така и ќе остане.
Кој е според вас најсилниот аспект од претставата?
Кога ќе ме прашаат за завршена претстава што мислиш за неа, тешко можам да ги одделам работите една од друга. Она што можам да го кажам дека најсилен аспект на претставата „Црно семе“ не е драматизацијата на Јелена Цветановска, која направи одличен баланс помеѓу страдањето и надежта да се издржи во него, не е сценографскиот простор на Сергеј Светозарев кој со своето решение не тераше да се почуствуваме жешко и неплодно на тој остров, не се костимите на Благој Мицевски кој и покрај унифирмираноста на сите затвореници успеваше кај секој карактер да го долови неговото индивидуално страдање, не е музиката на Димитар Андоновски која чукаше во седумосминиски такт и влегуваше под кожа на секој еден актер, не се сценските движења на Дамјан Цветановски кои ни помагаа да најдеме естетски начин да стигнеме до сите физички страдања, не се режисерските решенија кои сето ова го споија и создадоа мегдан за креирање на ликовите.
Најсилен аспект на претставата е актерската игра во неа. Стаменоста и издржливоста на Доне на Мартин Мирчевски, Вербата на Христос на Огнен Дранговски, Идеалот на Парис на Васко Мавровски, Стравот на Марко на Никола Стефанов, Слабоста на Нико на Петар Спировски, Издржливоста на Димо, Јане и Ѓорѓи на Никола Пројчевски, Александар Стефановски и Хари Михајловски, Изворот на фашизмот во Скалумбакис на Петар Горко, Садизмот на Маки на Борче Ѓаковски, Бескрупулозноста на Наредникот на Живко Борисовски, Чистотата и Истрајноста на Ангелина на Марија Цветановска, Очајот на Коле на Александар Димитровски и Присуството на Александар Копања. Тие се најголемите бисери на оваа претстава. Се надевам дека ќе имам можност за уште многу соработки со вака талентирани глумци како овие.
Семето на ликовите во романот е можеби црно, но тоа во себе сепак има потенцијал за живот. Дали има и за долгорочен соживот со јужниот сосед? Сте имале ли соработки кои би ја оправдале надежта?
Се разбира дека соживот е можен и многу потребен и за нас како држава и за нашиот народ. Само така може да се отвори простор за зацелување на раните од минатото. Но исто така е потребно да не заборавиме како дошло до тие рани, за да не се повторат. Јас лично не сум имал соработки, но постојат примери во кои се гледа дека уметноста не познава граници, и се надевам дека ќе успееме да создадеме плодна почва за многу соработки помеѓу нас и Грција. Па зошто да не и „Црно Семе“ да гостува во некој од театарите во Грција.