Во мај 2021, археолози откриваат над 200 необележани гробници во домородно резиденцијално училиште во Канада. Ова фрла светлина врз мрачната историја на систематска злоупотреба од страна на свештеници и други лица кои требало да ја спроведуваат политиката на канадските власти, а која подразбирала отргнување на деца од семејствата и нивно „превоспитување“ во духот на католицизмот и културата на белците. Вакви интернати имало на повеќе места во Канада, а уште побројни биле во САД.
Гробниците се откриени на територија на мисијата на св. Јосиф близу резерватот Шугаркејн, во Британска Колумбија. Низ филмот, на колку што е можно посуптилен, но сепак многу јасен начин, се открива што има во нив. Станува збор за ученици, главно тинејџери, кои не можејќи да ја издржат ситуацијата си го одземале животот. И за остатоци од бебиња родени од силувањата на ученичките од страна на свештениците, чии тела најпрвин биле палени во централната печка.
Единственото дете за кое се знае дека го преживеало ова е таткото на ко-режисерот на „Шугаркејн“, Ед Арчи НојзКет. Како што известуваат медиумите од таа, 1959, тој бил фрлен во картон од сладолед во контејнер од кадешто бил спасен. Сега на возраст од над 60 години, тој се обидува да ги пополни празнините во сопствената биографија - што се случувало со него од тој момент, до оној кога бил вратен на мајка му, која е уште жива но воопшто не сака да зборува на оваа тема. Истовремено, и покрај очигледната согласност да се сними филм за оваа генерациска траума, и на Ед не му е лесно да објасни низ што поминувал во остатокот на животот и зошто подоцна го напуштил и сопствениот син, Џилијан Брејв НојзКет.
Ова е столбот на приказната околу кој се плетат нишките на еден цел век злоупотреби, насилство, страдање и смрт кое институциите се правеле дека го нема. Особено се иронични извадоците од документарни пропагандни филмови снимани под покровителство на државата за тоа колку е идиличен и општествено корисен животот во интернатите. Додека денес возрасните жени низ солзи и со испрекинат говор раскажуваат за злосторствата на црковните лица, едно такви видео прикажува свештеник кон кого со трчање и насмевки се приближуваат куп деца, кој тој заштитнички ги покрива со својот капут, прибирајќи си ги во прегратка!
Филмот треба да кулминира со аудиенција кај папата Франциск на дел од преживеаните жртви, од кои еден, поглавицата Рик Гилберт, е дете на свештеник. Иронично, и тој со сопругата држат црквичка која е очигледно христијанска, иако не е јасно во какво својство. Иако папата во својот говор бара прошка за злоделата на поединци, и од Бога и од самите жртви, целиот настан делува антиклимактично, бидејќи освен извинување жртвите и јавноста очекуваат и нешто повеќе - истрага, казна, откривање на сторителите по име и презиме.
Сепак, фокусот на филмот не е на некаква „одмазда“ или обратно, на помирувањето помеѓу двете страни. Тој е повеќе за емоционалните лузни кои го носат овие луѓе, со кои живеат, но и со кои умираат. За некои од нив отворањето на раната самото по себе се укажува како смртоносно. За други, тоа е почеток на самоосознавањето и извојувањето правда.
Илина, Букбокс