Рудолф Франц Хос, германски војник и наци функционер кој служел како командант на концентрациониот логор Аушвиц (1940-1945), на своја душа носел помеѓу милиони и два и пол милиона луѓе, главно Евреи, кои таму ја доживеале својата трагична судбина. За истото по војната бил изнесен пред суд во Варшава и осуден на бесење токму во Аушвиц.
Играниот филм „Зона на интерес“ (Букбокс осврт тука), кој на последните Оскари беше номиниран во пет категории, а доби статуетка во две (најдобар меѓународен филм и звук), го прикажуваше идиличниот живот на младото германско семејство со куп деца на Хосови на само неколку метри од ѕидот на кампот. Ова, на највпечатлив можен начин, го направи служејќи се само со аудио пејзажот, кој се состоеше од рекреирани звуци од логорот, вресоци на жртвите, дерењето на чуварите и истрелите од пиштоли, како и индустрискoто татнење на гасните комори и крематориумот.
Токму во тие услови го живеел своето детство Ханс Јурген Хос, во „Сенката на командантот“ на 87 години, син на Рудолф. На самиот почеток на документарецот посветен нему, тој влегува во истата куќа, сеќавајќи се на сцени од идиличниот живот, без во ниту еден момент да ја спомене страшната вистина која демнела зад ѕидините. Неговиот син, Каи сега е христијански пастор кој живее во јужна Германија и работи со американската војска. Тој е растен со бремето на сознанието за неговиот дедо, но за соочување со истото одбрал поинаква тактика - детално информирајќи се преку архиви и литература и често соочувајќи го татка си со факти кој овој наводно ги „изумил“ или со психолошки трик одбива да си ги признае.
Сепак, тие, фактите, се неумоливи, а ист таков пристап има и режисерката Даниела Волкер кога ги интервјуира соговорниците, не дозволувајќи му на стариот со лингвистички акробации да го избегне одговорот на нејзините прашања. Нештата дури и за него стануваат кристално јасни кога во приказната ќе влезе и Анита Ласкер-Валфриш, преживеана Еврејка-виолончелистка која била „внатре“ во исто време додека Ханс Јурген бил „надвор“. Нејзината ќерка Маја ја има истата потреба да излезе на крај со траумата која индиректно ја живеела поради судбината на своето пошироко семејство. Во сцена која е тешко да се замисли, сите тројца, Маја, синот и дедото, го посетуваат Аушвиц, а потоа седнуваат и на иста маса во дневната на Анита, патувајќи до Лондон за средбата. Разговорот е тажен но смирен, со барање за извинување кое не може да се даде.
Повознемирувачки се сцените со Инге-Бригит Хос, поранешна манекенка и сестра на Ханс-Јурген, која за секоја ставка од злосторствата на татка си и на нацизмот воопшто има „добро објаснување“. Анегрет, другата сестра, не е интервјуирана веројатно затоа што била бебе за време на војната, а го нема и братот на Каи, Рајнер Хос, осуден за измама и за злоупотреба на историскиот интерес за неговото семејство.
Филмот, освен што обработува важна историска тема поврзана со конкретната локација и конкретното време, погенерално поставува значајни прашања во врска со пренесувањето на генерациската траума и (не)можноста за затворање на некои рани, за кои сепак најважно е да се зборува.
Илина, Букбокс