Букбокс гледаше: „Преведувач на тишината“ (серија, 2023)

Базирана на романот на Анете Хес „Германската куќа“, ова е мини-серија за судењето на високите офицери кои раководеле со концентрациониот логор во Аушвиц од 1963. Една девојка е назначена како преведувачка од полски на самите рочишта, што не само што ќе го промени начинот на којшто таа гледа на блиската историја, туку и на сопственото семејство.

Повеќето од нас знаат за Нирнбершките судења oд 1945-1946 година водени од Меѓународниот воен трибунал, каде се судени 22 најпознати преживеани лидери на нацистичка Германија, како и шест германски организации. Помалку е познато дека во Франкфурт во 1963 па до 1968, речиси дваесет години по крајот на Втората светска војна, се случила серија процеси познати како Аушвицпроцесе, во кои се судени 25 обвинети согласно германскиот кривичен закон за нивната улога во холокаустот, како воени лица и административци од низок и среден ранг. Значи разликата е што тука не станувало збор за злосторства против човештвото онака како што тие се дефинирани од меѓународните закони, туку за кривични дела согласно законите на Федералната Германска Република. 

Серијата која на Дизни+ се јавува под насловот „Преведувач на тишината“, е базирана на роман на Анете Хес од 2018, под наслов „Дојче хаус“ (како што гласи и оригиналното германско име на серијата). Главен лик е младата Германка Ева Брунс која е ангажирана како преведувачка на спомнатото судење. Тоа е прв пат поранешни СС офицери од понизок ранг да се обвинети за масовните убиства во концентрациониот логор Аушвиц, па судењето е будно следено од медиумите и од јавноста. 

По гледањето на првата епизода човек може лесно да се откаже од понатамошното следење затоа што таа делува многу необично. Атмосферата е весела како да почнува филм за германската рокенрол младина од 1960-тите, па дури и сцените во кои се навестува понатамошниот развој на настаните и главната тема се така „обоени“ (во смисла на музика, глума и општа атмосфера) што чувството е тотална спротивност на подготовка за она што следи. Можеби целта на двете режисерки, Иса Прал и Ранда Чахуд, било токму тоа - да се види дека судењето се одвива во момент кога војната е делумно заборавена и германскиот народ се обидува да продолжи со својот живот по големиот пораз.

Ева е девојка во најубавите години - желна за забава и во врска со син на богат индустријалец. Неговиот предлог за брак сепак не поминува толку лесно кога ќе стане јасно дека тој сака да ѝ забрани да ги преведува сведоштвата на преживеаните жртви од Аушвиц на судењето, „за нејзино добро“. Но тоа не е нејзиниот единствен проблем. Во текот на процесот таа почнува да сфаќа дека и нејзиното семејство, кое ја држи гостилницата Дојче Хаус во градот, има свои тајни кои ќе бидат иницијална каписла за нејзиното созревање и соочување не само со минатото на својата земја, туку и со сопственото.  

Во следните четири епизоди работата сепак се оправа и се создава потребната рамнотежа помеѓу главната тема - судењето и внатрешните прекршувања на главните ликови. Истовремено, книгата и серијата индиректно зборуваат за важноста на преводот и преведувањето во доловувањето на вистините, кои некогаш можат да бидат многу страшни.

Илина, Букбокс

8 февруари 2025 - 09:29