
Во неименуван град, кој изгледа како некој од големите американски во 1950-тите, се случуваат чудни нешта. Кога стрелките на часовникот ќе означат полноќ, времето застанува, луѓето се „замрзнуваат“, а на сцена настапуваат Странците - зли вонземјани кои се дојдени на нашата планета за да го спасат сопствениот свет. Тие имаат натприродни способности, но им недостасува она „нешто“ што би ги направило совршени, да мислат и да чувствуваат како луѓе.
За оваа цел тие експериментираат со (буквално) вбризгување спомени во случајно одбрани луѓе и нивно следење, за низ еден таков психолошки експеримент да заклучат што е она што некого го прави она што е. Едно такво „заморче“ станува Џон Мардок, чија меморија е направена каша-попара од интервенциите на доктор Шребер (Кифер Сатерленд, германското презиме е можеби намерно, за да асоцира на д-р Фауст), одговорниот за спроведување на експериментот. Мардок е товарен за убиство на шест жени-проститутки, а го гони инспекторот Бамстед (Вилијам Харт), кој го добива случајот откако негов колега кој ги следел необичните настани во градот полудува и на крај се фрла под воз. Дали Мардок е навистина убиецот, тоа ни тој ни ние не го знаеме.
Што е последното човечко што ни останува откако ќе ни биде одземено сето останато?, прашува филмот, наоѓајќи ја оската на човечкото „јаство“ во нашите минати доживувања и искуства, кои од нас прават уникатни единки - секој од нас е посебна комбинација на биолошка конституција, социјални околности и сензибилитет. Но она по што овој филм е исто така уникатен во однос на други со слична тема е генералниот дизајн, кој многу потсетува на „Метрополис“ на Фриц Ланг или на графиките на Мартин Луис, учител на многу пославниот Едвард Хопер (за него претходно види тука). За разлика од многу пославните „Бразил“ или „Инсепшн“ кои имаат атмосфера на мистериозна морничавост, „Мрачен град“ е неправично запоставен во списоците на најдобри научно-фантастични филмови на сите времиња.
Илина, Букбокс